2024 ГОДИНА НИЗ НАСЛОВИ И НАСТАНИ

2024 ГОДИНА НИЗ НАСЛОВИ И НАСТАНИ

Еден, два, ТРИ... 2024 помина за миг, но ни остави сеќавања кои долго ќе ги паметиме. Нови наслови, настани, награди… Од каледиоскопот на светли зборови, мудри мисли и идеи спроведени низ дела, издвоивме десет искри со кои заеднички растевме и станавме похрабри за она што нè очекува во 2025 година.

Годинава, која и лингвистите ја опишаа како „поларизирана“, ни донесе многу хаос, и светски и домашен. Но и покрај општествената ентропија, успеавме да го најдеме нашиот „Единствен матичен број“, па иако работевме на многу значајни, светски наслови на македонски јазик, годината беше во знакот на домашните автори. 

И во една ваква, општествено поларизирана состојба, најчовечки е да зборуваме за пустелијата во светот и во нас. Лидија Димковска ни го осветли патот кон таквите лични и колективни бездни нудејќи ни неколку можни одговори. „Овој роман го доживеав како жешка шлаканица што треба да нѐ протресе и да нѐ разбуди од самозаблуденост“, пишува Виолета Танчева-Златева, а дека таквата шлаканица е повеќе од потребна, зборува признанието „Роман на годината“ 2024.

Поларизираноста излегува од границите и полека го јаде светот. 2024 ја одбележаа и „Големи приказни“. Светската а наша Румена Бужаровска овој пат ни ја доближи и „другоста“ на Западот преку збирката есеи со кои ни ја открива Америка. А таму? Уште една точка на вриење, уште една криза. Или, како што пишува промоторот Ивор Мицковски, авторката ни отвора еден прекрасен прозорец кон светската сила во криза, кон Западот и, ултимативно, кон самите нас.

А низ сите тие внатрешни пустелии и точки на вриење, постојат и срца (и романи!) кои чукаат во седумосмински такт, како што пишува за романот „Бела Сама“ Пепи Стамков. Но и тој такт отчукува поларизацијата мајка – ќерка, внука – тетка, сопруг – брат, град – село, добро – зло, дете – возрасен, уметност – реалност, љубов – омраза, тело – душа, живот – смрт… Особено сме горди и благодарни на Виолета Танчева-Златева, која е срцевата нишка низ сите објавени дела на ТРИ, која нè запозна со Бела Самакоска. 

За топлината на романот и вештото раскажување зборува и фактот дека овој роман донесе топло книжевно заедничарење и интерес и стана „Книга на месецот“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ за месец ноември. Во 2025 година продолжуваме да читаме современи македонски автори!

Не може да се зборува за современи македонски романи и за 2024 година, а да не се спомене „Тони“! Првиот роман на Румена Бужаровска, како што велат досегашните читатели, е роман „за кој долго ќе се зборува“ и кој „ќе ве тресне од земја“. Да беше реален лик, ТОНИ ќе беше маж на годината на „Радио Милева“, пишува промоторот Петар Андоновски. 

Карикатурален и поларизирачки ракопис кој навидум изгледа како „лесно четиво“, нè нурнува во бездните на човековата, во случајов машка природа и локална традиција. Остро критикувајќи ги, Бужаровска радикално ја користи алатката на поларизација поигрувајќи си со читателот, за да поттикне кај него чувство на лична одговорност и емпатија. 

ПРОЈАВУВАЊЕ

Кога постојано сме обвиени во црнина, хаос и поларизација, природно е да ја изгубиме позитивноста и да сме во потрага по изворот на надеж. Освен поларизација, лингвистите ја опишаа годинава што изминува и со и „манифестирање“, по нашки – пројавување, познато и како „силно посакување да оствариме нешто“. Може да се каже и копнеж.

Среде болката и недостигот, кусовечноста и смртноста, копнежот моќно се раскрилува: да се излезе од мракот, од скудноста на постоењето, да се стане еднаков со љубовта и светлината. Или како што блескаво забележува Блаже Конески, копнежот е „потез на жедна рака по ѕвезден предел“, посочува Виолета Танчева-Златева во предговорот на „Антологија на копнежот“, уште една искра на ТРИ.

А пак Руми, мајсторот на мистиката пишува: „Копнеењето е јадро на таинството. / Самото копнеење го донесува лекот. / Единственото правило е: Истрадај ја болката“. Зашто само низ болката, само низ хаосот, можеме да стигнеме до убавината. Токму умните зборови на оние пред нас се изворот на светлина. „Големата црвена книга“ од Руми е токму тоа, исполнета со копнеж, пројавување, манифестирање, љубовни океани. 

Поезијата на Руми ги надминува материјалните граници на постоењето и ги обликува емоциите во мозаик во кој е претставено целокупното човеково искуство – и поларизацијата и манифестацијата, и чемреењето и љубовта.

Противотровот од хаосот е уште посилен кога изворот на светлина е на македонски, а во случајов оставен во наследство како последен препев на еден од најголемите мајстори на скриените значења, Драги Михајловски. Токму тој пишува дека поезијата на Руми „понесува во порој“ и тешко кој не би се преплавил со неа, посочи промоторката на ова издание, Ана Пејчинова.

Историјата (па и фантазијата!) честопати наликува на мит, бидејќи основата и кај двете е иста, вели Толкин. Една црна нишка, една светла нишка. Ентропија, па ред. И сето тоа низ една константна космичка тишина. Преку чудесниот превод на Ирена Јурчева станувам свесна дека, за да се дојде до тие зборови, потребно е многу, многу тишина, се надоврзува промоторката Мерсиха Исмајлоска. Зашто само во тишина, полна со позитивен и негативен набој, а со пројавување за убавина може да се напише, па и да се преведе дело како „Силмарилион“.

„Силмарилион“ е еден од најраскошните светови во историјата на фантазијата, митолошки канон што Толкин го создавал целиот свој живот. Збирка од восхитувачки историски записи проткаени со приказни за создавањето, за љубовта и предавството, за пријателството и моќта. Толкин создава вселена – Еа.

А да се преведе една цела вселена, до најситен детаљ, со сите нејзини притаени значења, е вистинска уметност. А признание за ваквиот подвиг на Ирена Јурчева, освен читателите, е и влезот во најтесниот круг за Наградата за најдобар книжевен превод „Драги“ 2024. 

25 ГОДИНИ ТРИ

Сепак, најголема награда за нас сте вие, читателите. Вашата желба за читање и откривање нови светови нè води веќе 25 години. За нас многу важен јубилеј кој ни дава сила за понатаму. Наш извор на светлина низ хаосот и причина за манифестирање лепословие.

Токму тоа го реализиравме со Венко Андоновски. Во „Опијатите на лепословието“ тој пишува дека лепословието од нелепословието, најмногу го разликува стилот. Јазикот на кој е напишано едно лепословие е раскошен, и затоа лепословие може да се создава само на мајчиниот јазик. А по повод овој прекрасен јубилеј, се потрудивме да подариме нови заеднички искуства и сеќавања со вас. На македонски.

НАМАСТЕ!

Го повикавме на скопска дружба Франсеск Миралјес и кажавме „Намасте“ со еден од најчитаните странски автори во ТРИ.

Вечниот трагач по вистини и светскиот патник ни ги пренесе тајните на светот и ни помогна заедно да навигираме низ поларизираноста преку чистината на неговите храбри искуства и манифестирањето преку „ОМ“.

Започнавме нова платформа Трибина со која ги наградуваме нашиот личен и професионален развој. Споивме многу книги со различни вештини и ги пренесовме тајните за личниот развој со низа професионалци од различни вештини. Воведовме ред во хаосот преку подобра комуникација и грижа со Станислав Петковски-Сашо, ги поларизиравме моливите преку приказните напишани со Венко Андоновски и манифестиравме финансиска слобода со PP Investment Education.

Меѓу другите странски наслови во ТРИ, од оваа година во наше издание можат да се најдат и  „Браќата Карамазови“, „Богатството што не се купува со пари“ и „Осум правила на љубовта“. Ги доближивме современите читачки трендови до домашните читатели преку физички изданија достапни на нов сајт, за подобро читателско корисничко искуство на kniga.mk.

Продолжуваме уште подобро.

Ваш,

Издавачки центар ТРИ

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново