ГИ ПРАШУВАМЕ ПРЕВЕДУВАЧИТЕ: ОД ДРУГАТА СТРАНА НА ПРИКАЗНАТА СО ДАРКО СПАСОВ

ГИ ПРАШУВАМЕ ПРЕВЕДУВАЧИТЕ: ОД ДРУГАТА СТРАНА НА ПРИКАЗНАТА СО ДАРКО СПАСОВ

Мудроста спие во кратките реченици. Понекогаш и во главите на нилските коњи, а уште почесто меѓу кориците на книгите. Дарко Спасов успева да ја пронајде и во приказните на нилските коњи, а богами и во книгите и во секојдневниот живот.


Прочитајте за авантурата што ја преживеа преведувајќи ја од словенечки на македонски јазик сликовницата за деца „Мудроста на нилските коњи“ од Петер Светина, како дел од проектот „Читаме заедно“ поддржан од Европската Унија. Уживајте во мудроста на човекот што умее да ги чуе дури и тајните на животните.


Што научи Дарко Спасов од мудроста на нилските коњи?

Во делот „Мислите на питонот филозоф“ се вели: Не можеш да се сопнеш од слон. Може само да се удриш од слон. И сега мошне внимавам кога ќе налетам на некој слон, не сакајќи да не го повредам.

Кога би можел Дарко на еден ден да биде повторно дете и да ја чита „Мудроста на нилските коњи“, што би го воодушевило во неа?

Ќе ви кажам една тајна, јас и се чувствувам како дете, па што ако имам побелена брада и црно-бела коса? А кога би можел да ги вратам годините од детството: нема да денгубам, ќе направам театарска претстава од „Мудроста на нилските коњи“. Ќе ги викнам другарчињата, ќе ги поделиме улогите и ќе направиме забавна претстава. А по премиерата ќе прочитам друга книга и ќе направиме нова претстава.

Во што се состои магијата на преведувањето литература за деца?

Искра и Дамјан – моите дечиња, веќе основношколски човечиња, е, тие се волшебниците што ја прават магијата дури јас преведувам, јас сум нивниот ученик... Со нивна помош влегувам низ портата на чудното, чудесното, волшебното и фантастичното.

Како што Малиот принц во една обична шапка успеа да види боа и слон, како вие во обичните зборови ги наоѓате магичните значења?

Ооо, не, нема обични зборови. Во „Мудроста на нилските коњи“ се вели: Зборовите се како камчиња: не се сите исто обли, немаат сите иста големина, не се сите еднакво бели.

Неколку охрабрувачки зборови за сите идни преведувачи...

Читајте. Многу. Секој ден. Играјте си, радувајте се. Излегувајте на прошетка. Ама вратете се на читањето. Раскажете го прочитаното. И најважното, не плашете се. Од ништо. Најмалку од залутан слон. Обидете се, можеби вие ќе го прескокнете. 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново