ВОЗБУДЛИВИ НАСЛОВИ ШТО ЌЕ ГИ ЧИТАМЕ НАСКОРО

ВОЗБУДЛИВИ НАСЛОВИ ШТО ЌЕ ГИ ЧИТАМЕ НАСКОРО

Пролетта е на прагот! А со убавините што доаѓаат заедно со неа, ТРИ ви носи нови, возбудливи наслови кои греат како сонце.

Исто како претстојниот период, и нашите книги се полни со шаренило и бои. Се погриживме да има за секого по нешто – безвременски дела полни со севременски проникнувања, романси за оние кои ја очекуваат пролетта за да се вљубат одново и мотивирачки наслови за сите кои со новата сезона сакаат да свртат нова страница.

 „Дневникот на еден извршен директор“ –  Стивен Бартлет

За сите на кои им се допадна „Психологија на парите“ – имаме нов наслов со кој може да се освои светот. „Дневникот на еден извршен директор“ нуди 33 лекции за бизнисот и животот директно од еден од највозбудливите претприемачи и влогери – Стивен Бартлет.

Инспирирај се од неговите подеми и учи од неговите падови! Базирани врз психологијата и бихевиоралната наука, лекциите на Бартлет ќе ти помогнат да напредуваш кон деловен и животен успех.

 „Сè што знам за љубовта“ –  Доли Олдертон

Ја знаеш „Сексот и градот“ напамет? Во ушите сѐ уште ти одѕвонува неподносливиот звук на праисторискиот интернет поврзан со фиксен телефон? Имаш поминато безброј бессони ноќи на „МСН“ допишувајќи се со симпатиите?

Ја имаме книгата за тебе! Напишана од новинарката и колумнистка на „Сандеј тајмс“ – Доли Олдертон, „Сѐ што знам за љубовта“ е роман кој комично ги отсликува трагичните љубовни состаноци, со полно срце ги слави вистинските пријателства и те турка кон неодминливата поента – секоја жена си е доволна самата себеси.

Хумористична до солзи, оваа книга е подарок до сите милениумци кои се бореле со непријатноста на созревањето, ја знаат топлината на пријателството при ладни раскинувања и со себе ја носат надежта во секоја несигурност.

 „Осум состаноци“ –  Џули Шварц Готман и Џон Готман

Понекогаш, и на долгорочната љубов ѝ е потребен поттик. Овој водич за комуникација меѓу долгогодишните партнери внесува свежина и разбирање – чекор по чекор.

Производ на светски познатата „Љубовна лабораторија“, книгата од авторите Џули и Џон Готман, кои и самите се пар, ги поканува читателите на осум состаноци кои го подобруваат љубовниот живот од осум аспекти: доверба, конфликти, секс, пари, фамилија, авантура, духовност и соништа.

Подгответе се, следуваат нови љубовни состаноци со љубовта на вашиот живот!

„Стакленото ѕвоно“ – Силвија Плат

 Веруваме дека нема потреба од големо претставување!

Њујорк, 1950 година. Општествени притисоци, потрага по идентитет, борби со менталното здравје. Звучи познато? Хероината Естер Гринвуд се движи низ притисоците на животот, како и многумина од нас. Полн со рационално лудило, хумористични и вознемирувачки подеми и падови, овој роман на Силвија Плат е безвременска рефлексија на човечката состојба.

Овој полуавтобиографски роман на Силвија Плат е потресно истражување за тоа што значи да се биде млада жена во свет кој задушува.

„Ако не очекувате ништо, никогаш не сте разочарани“, пишува Плат, зборувајќи за осаменоста во големиот град и журките украсени со морбидни поетски слики. Нешта кои сѐ уште не се променети.

 „Коцкар“ – Фјодор М. Достоевски

Овој брилијантен роман на Достоевски, со восхитувачки психолошки портрети на ликовите, зборува за примамливоста на победата и за последиците од загубата. Самиот автор го завршил романот во 1866 година, под голем притисок и за краток рок – со средствата од него требало да ги отплати своите коцкарски долгови.

Романот го следи животот на Алексеј, млад учител кој работи кај богат руски генерал. Се разбира, вљубен е во неговата ќерка Полина. Алексеј се обидува да го пробие ѕидот на општествениот поредок, но пропаѓа во бескрајната бездна на загубата.

Се обложуваме дека ќе ти се допадне.

„Бедни луѓе“ – Фјодор М. Достоевски

Уште еден безвременски роман од единствениот Достоевски!

Достоевски го напишал во период од девет месеци, заради големите коцкарски долгови (види погоре!). Мајсторски го употребил натурализмот за да ja oпише сиромаштијата, а пишувајќи за „малите“ луѓе и нивните односи со богатиот свет, се наметнал како „поет на градот“.

Романот користи полифонија на гласови од различни перспективи и раскажувачи, и постигнал огромен успех по своето објавување.

„Романтична комедија“ – Кертис Ситенфелд

Пролетта е за нова љубов! Ако не ја најдеш во вистинскиот живот, тогаш оваа книга е за тебе!

Хумористична, нежна и остроумна, „Романтична комедија“ е романса која ќе ве насмее до солзи. Сценаристка на комично шоу не верува во љубовта, тоа звучи толку клише. Таа се вложува исклучиво професионално, сѐ додека не се запознае со еден згоден поп-пејач од соништата, кој се чини дека ја пее песната на нејзиното срце.

Со нејзиното остро набљудување и препознатливата способност да ги оживува комплексните жени на страниците, Ситенфелд ги истражува неврозата и еуфоричната чудесност на љубовта, додека прецизно ги анализира социјалните ритуали на романтиката и современите родови односи.

Понекогаш, животот е како романтична комедија, а оваа книга го докажува тоа!

„Алгебра на богатството“ – Скот Галовеј

Сакаш да ги откриеш формулите за успех во денешната економија? Инспирирај се од советите на Скот Галовеј, најпродван автор и влогер на поткастот „Pivot“, кој им се обраќа на сите сегашни генерации кои се во работен однос. Мобилни и полни со бројни можности како никогаш досега, денешните работници се соочуваат и со нови предизвици, со инфлација, недостиг на станови и со климатски промени. Кога концептот на пензија за многумина е далечна надеж – како индивидудата да пристапи кон работењето и заработувањето?

Оваа книга се стреми да ти покаже подобри шанси за економска сигурност, без оглед на сѐ! Инспириран од стоицизмот, авторот открива како да ги минимизирате трошоците и да развиете подобри финансиски одлуки, но и кои чекори да ги преземете кога станува збор за штедење.

Полна со мудри и револуционерни совети, оваа книга е доживотна инвестиција кон подобра финансиска иднина.

„Како размислуваат парите“ – Никола Миланов

„Парите размислуваат“ е иновативен финансиски водич кој нѐ води низ инвестирањето, меката димензија на парите и деловното планирање.

Како емотивни суштества, на луѓето многу им влијаат емоциите при донесувањето на финансиските одлуки. Алчноста и недонесувањето разумни, туку емотивни одлуки може да доведе до финансиска катастрофа. Со низа примери од животот и со практични совети, оваа книга одговара на многу прашања поврзани со заработувањето, од кои најглавното гласи: кога знаеш дека си богат и како да пресметаш колку?

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново