ЕМОТИВНО ПАТУВАЊЕ НИЗ СУДБИНИТЕ ПРЕКУ КАПКА ВОДА

ЕМОТИВНО ПАТУВАЊЕ НИЗ СУДБИНИТЕ ПРЕКУ КАПКА ВОДА

Како изгледа давањето глас на водата? 

Александра Шутиноска, преведувачката на најновиот роман на Елиф Шафак, „На небото има реки“, зборува за процесот на преведување на делото, љубовно писмо до водата, како суштинско соединение за живот кое се проткајува низ романот и ги спојува повеќеслојните приказни. Од една капка вода, до последната буква.

„Малата кревка капка вода е цврстата подлога врз која авторката ја изградила приказната водејќи нѐ на емотивно патување низ судбините на ликовите, чии животи се допрени од неа на најнеобичен и најнеочекуван начин“, вели Шутиноска.

***

Преведувањето на ова дело за мене беше вистинска привилегија, задоволство и радост. Елиф Шафак, кралицата на нарацијата, со оваа книга се надминала себеси и на исклучителен и прониклив начин ја исткајала приказната, која ќе се вгнезди во срцата на читателите. Три лика, две реки, една изгубена поема. Артур, Нарин и Зелиха, трите лика одвоени од времето и просторот, чии животи навидум не се поврзани, но кои сепак ги спојува суштинското соединение неопходно за живот на оваа земја: водата. Малата кревка капка вода е цврстата подлога врз која авторката ја изградила приказната водејќи нѐ на емотивно патување низ судбините на ликовите, чии животи се допрени од неа на најнеобичен и најнеочекуван начин. Длабоко и слоевито четиво, полно со низа „случајности“, умешно преплетени во приказна која никого нема да остави рамнодушен.

Преведувајќи го делото на Шафак, неизбежно се нурнував и во длабочините на тајните на водата, која е околу нас и во нас. Шафак успеала да ни ги доближи бескрајните мистерии на водата, да нѐ натера да ја погледнеме од еден друг аспект, на кој ретко помислуваме, обземени од нашето секојдневие од кое таа е витален дел. Еден од моите омилени цитати од книгата ќе остане „Водата памети, луѓето забораваат“. Моќна мисла, во која е содржана древна вистина. Водата била тука и пред да постоиме, ќе биде и откако ќе нѐ нема, ќе ги менува обликот и агрегатната состојба, но во нејзините невидливи молекули ќе се вградат и нашите приказни, кои ќе се надоврзат врз приказните на нашите предци, а врз нив и приказните на оние што ќе дојдат по нас. И долго откако ние ќе заборавиме, таа ќе памети за нас.

 Оваа книга ја буди свесноста за еден од најгорчливите проблеми, уништувањето на водите насекаде низ светот, проблем со кој се соочува нашата „цивилизација“, или да го парафразирам мојот омилен лик од книгата Артур Смит, кој вели дека порано мислел дека главните одлики на цивилизацијата се чудата и напредокот на инженерингот и индустријата и триумфот на човекот врз природата, а потоа сфаќа дека таа е разорна и моќна бура која кога-тогаш ќе се ослободи од стегите и ќе проголта сѐ пред себе. Шафак своето остро перо го вперува во главните виновници за неповратното уништувањето на светските води, преку примерот на две моќни реки, Темза и Тигар, на спротивни страни од светот, но сепак поврзани со истата судбина. Водата е привилегија за огромен дел од светското население и со ова свое дело Шафак јасно ни праќа порака и предупредување, што ќе се случи ако се продолжи по патот на уништувањето. 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново