БЕЗМАТИЧНИК: МАЈКА И ЌЕРКА, И ОТКАКО СМРТТА ЌЕ НЀ РАЗДЕЛИ – РЕЦЕНЗИЈА НА НАТАША АТАНАСОВА

БЕЗМАТИЧНИК: МАЈКА И ЌЕРКА, И ОТКАКО СМРТТА ЌЕ НЀ РАЗДЕЛИ – РЕЦЕНЗИЈА НА НАТАША АТАНАСОВА

(осврт кон книгата „Безматичник“ од Мира Марќинув. Превод од полски: Лидија Танушевска. Издавач: „Три“, 2024 г.)

Кога ти умира мајка, тоа е такво чувство како да ти ја корнат внатрешноста – од градниот кош – со голи раце, а сепак малку полошо.

Речиси 36 години ја имав мајка ми жива во мојот живот. Нејзината смрт беше најавена со дијагнозата за смртоносната болест од која бавно и полека умираше со месеци.

За време на тие неколку месеци, а и во периодот по нејзината смрт, се изначитав книги и за болестите, и за мајките. Ги голтав како мелем за отворената рана внатре во мене и како обид да го разберам тоа што ми се случува, тоа што ме чека. Воедно, одново и одново добивав потврда дека сите приказни за мајките се и толку слични, и толку различни.

Од тој список на книги особено ме имаше погодено краткиот роман „Една жена“ од нобеловката Ани Ерно, во кој се обидува да ја напише приказната на мајка ѝ видена како жена, обликувана во одреден политичко-социјален контекст, и како фигура која неминовно многу влијаела и врз нејзиното обликување како жена.

Од кога се сеќавам, се плашев дека ќе умре. 

За комплексниот однос мајка – ќерка

Односот меѓу мајката и ќерката е еден од најкомплексните односи што ги познава психологијата. Тој однос подразбира динамика на приврзаност – неприврзаност и на магнетна привлечност – одбивност во текот на животот.

Разбирањето на односот со својата мајка за една ќерка значи да се разбере себеси.  A тоа, пак, влијае врз нејзината самопочит, самодовербата, создавањето блиски односи со други луѓе, како и врз евентуалното мајчинство и односот кон сопствените деца.

Во своето прво книжевно дело „Безматичник“, Мира Марќинув, која има докторирано во областа на психологијата, се занимава токму со овој комплексен однос мајка – ќерка, од позиција на ќерка чија мајка е умрена.

Мајките не заминуваат. Не од ќерките (...) Неумрените мајки се тешки. Мртвите не сакаат да станат ни малку полесни. 

Сите слики на (ликот на) мајката

„Ја викаа Лила, со такво мачешко име“, вели Марќинув раскажувајќи за мајка си, која од вистинската личност во животот ја преобликува во прекрасен книжевен лик, со што оваа автобиографска проза ја носи и во полето на романот.

Ликот на мајката се гради полека, низ очите и преку сеќавањата на ќерката. Од мала вежбана со мајка ѝ да црта, Марќинув низ романот „насликува“ четири големи портрети на својата мајка:

  • Портретот на живата мајка, полн со живот и со контрасти. Тоа е мајка што сака да се шминка и дотерува, што носи деколтеа што плашат и високи штикли. Мајка што во малото место каде што живеат шетала боса и се истрижала ќелава; мајка што имала три брака и од нив две деца; мајка присилена да живее со своите родители; мајка угнетена од сиромаштијата, присилена да работи разноразни работи за да преживее; мајка што сака лудо да се санка со децата и по цена да си ја скрши раката; мајка што почнала да пуши на 15 години и чади како оџак; мајка што се истура врз ќерка си кога животот се истура врз неа; депресивна мајка; мајка што чита тешки писатели; мајка што ја учи својата ќерка на независност, феминистичка мајка; мајка што знае дека може да го смени мислењето, но никогаш не го прави тоа; мајка што се радува на ситници и на животот што не го избрала; мајка што сè ѝ раскажала на ќерка си, но не ѝ кажала ништо за себе; мајка за која на ќерката на психолог ѝ велат дека, всушност, е нејзино дете...
  • Портрет на болната мајка, што почнува да го слика во моментот кога мајката ќе добие дијагноза – ситноклеточен рак на белите дробови метастазиран уште на неколку органи. Овој портрет трае 365 дена, колку што трае и животот на болната мајка. Тоа е слика на една година „рамна како патец“, помината на одделот за радиотерапија, со хемотерапии, каде што, сепак, се гледа една достоинствена мајка; мајка на која ѝ потребна нега, мајка која се сака уште повеќе, мајка која во инвалидска количка се носи дома, под ист покрив со внуката седната во бебешка количка; мајка со која се поминуваат најскапоцените последни денови; мајка која паѓа во претсмртна агонија, во кома, мајка на која ќерката ѝ ја навлажнува устата, ѝ ги чисти гурелкавите очи и исушениот нос, ѝ ја менува позицијата за да не добие рани од лежење, ѝ ги масира рацете и нозете... Мајка која знае дека главната лекција на која треба да ја научи ќерката е да се сака себеси, а нејзините сопствени последни зборови се „Никогаш не сум се сакала“. Педесет и деветгодишна мајка чие дишење забавува, мајка-волчица која умира.  
  • Портрет на мртвата мајка, мајка која умира дома, по природен пат, мајка која доживува екосмрт; мајка која ќе биде нашминкана и дотерана и покрај тоа што имала желба погребот да биде со затворен ковчег и без поп (па таа и во животот не се средувала за другите!); мајка над чие тело ќерката се задушува од плачење; мајка за која треба да се подготви погребен говор онака како што би сакала да слушне и самата – без патетика, без изнасилено убаво зборување...  
  • Портрет на мајката без која мора да се живее, мајка што е под земјата додека ќерката е над земјата и меѓу нив нема допирни точки; мајка како сеќавање што почнува да избледува (дали пиела кафе со или без шеќер?); мајка што толку фали и боли; мајка без која мора да се живее како во безматичник, во пчелно семејство во коешто умрела матицата и завладува хаос; мајка која се појавува секоја ноќ, во секој сон, во следните две години; мајка чија смрт не ја ослободува ќерката од ништо; мајка која по смртта е многу повеќе во ќерката... 

Мајка!
Телото ѝ е исушено,
трча со последните сили.
Зошто?
Зашто има дете мало,
крвта ѝ ја исцицало. 

Мозаик на една шашава љубов

Паралелно со овие четири слики на мајката, огледално се појавуваат и сликите на ќерката, која со своето пишување се бори против заборавот што го носи смртта. Пишувањето е нејзината автотерапија, преку него навлегува подлабоко во разбирањето на својот однос со мајката и на себеси и ги увидува шаблоните на однесување меѓу мајката и неа самата.

Сепак, во исто време ја јаде и чувство на вина – за смртта на мајка ѝ и за нејзината неисполнетост и осаменост што сега, од дистанца, многу повеќе ги разбира. Но и за искористувањето на смртта на мајката како граѓа за пишување, за осмислување на деновите, па се прашува дали некогаш ќе си прости што од нејзината смрт преку пишувањето се обидува нешто да ќари.

Темата на којашто пишува Марќинув не е лесна. Напротив, ова е една од оние книги кои се читаат со грутка во грлото и со многу солзи. А сепак, како контратежа на траурноста на болката, таа успева да ги сопостави игривоста и хуморот и низ фрагментарната структура на романот, која делува како еден мозаик на шашавата љубов меѓу мајката и ќерката, во кој се споени и подолги приказни, и кратки сеќавања или коментари од реченица-две, и детски песнички, и текстови што личат на „click-bait“ наслови како што е „5 работи што треба да се направат со мајка што умира од рак“, и извадоци од форуми за пчеларство, и замислени наслови на таблоиди по повод смртта на мајката...

Овој мозаик, со оваа брутална, дива и екстремно интимна приказна со нескротени изблици на емоции, од една страна, изгледа како легната спомен-плоча над животот со мајката, а од друга, како прекрасен шарен под, како неопходна основа врз која ќе се гради новиот безматичнички живот.

А тој, колку и да е полн со празнина и копнеење, колку и да покажува дека врската меѓу мајката и ќерката продолжува и откако смртта ќе ги раздели, полн е со срцевински спомени и е вреден за живеење.  

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново