(ИНТЕРВЈУ) БОРЧЕ НИКОЛОВСКИ: КОМУНИКАЦИСКИТЕ ВЕШТИНИ ДЕНЕС СЕ ПОВАЖНИ ОД КОГА БИЛО

(ИНТЕРВЈУ) БОРЧЕ НИКОЛОВСКИ: КОМУНИКАЦИСКИТЕ ВЕШТИНИ ДЕНЕС СЕ ПОВАЖНИ ОД КОГА БИЛО

Кои се најважните комуникациски вештини за успех во денешниот свет, кои се најчестите комуникациски замки на професионалците и кои се трите основни начела за концизна комуникација кон кои сите треба да се придржуваме? 

Овие се дел од одговорите кои ги добивме од докажаниот комуникациски консултант Борче Николовски, кој е ментор на претстојната ТРИбина според принципите на Дејл Карнеги, пионер во областа на самонапредувањето и меѓучовечките односи.

Прочитај го интервјуто со Николовски и подготви се за ТРИбината која ги открива формулите на комуникацијата како пат до успехот.

***

ТРИбината која ќе се одржи на 25 февруари е поттикната од принципите за комуникација на Дејл Карнеги. Зошто според вас „Комуникацијата е пат до успехот“?

„Комуницирајте до успех“, вели Дејл Карнеги во неговата книга, покажувајќи ни зошто комуникацијата е неопходна за личен и професионален успех – најпрвин, комуникацијата ги разјаснува нештата, овозможува разбирање, потоа гради доверба и почит и поттикнува активност.

Некои од најзначајните принципи на Карнеги за ефективна комуникација се:

  • искрениот интерес за соговорниците;
  • активното слушање;
  • приспособувањето на комуникацијата на околностите и
  • избегнувањето конфликти.

Тие принципи меѓусебно се поврзани, се надоврзуваат и сите заедно дејствуваат во единство.

Комуникацијата може да ја сфатиме и како алатка за остварување на целите. Силните комуникатори инспирираат за напредок во кариерата, за личен развој и за успех на секое поле.

Според вас, кои се најважните комуникациски вештини за постигнување успех во денешниот свет?

Комуникациските вештини денес се поважни од кога било. Ги издвојувам: внимателното слушање на соговорникот, јасното изразување, личната самосвест и социјалната свесност, приспособувањето на сопствениот комуникациски стил кон соговорникот и она што е најзначајно за денешниот свет – технолошката писменост во комуникацијата. Имено, одговорното и ефективно користиње на расположливите технолошки можности во меѓуперсоналната, групната и масовната комуникација во денешниот свет овозможува компаративна предност на познавачите.

Според вас, кои се најважните начела за концизна комуникација кон кои сите треба да се придржуваат?

Следните три:

  • Изразна јаснотија, што се постигнува со користење едноставен, прецизен и разбирлив јазик, без двосмислености;
  • Структура на изразот, со јасен почеток, разработка и заклучок, приспособени на соговорникот и
  • Сосредоточеност, што ни помага да се држиме до темата.

Придржувањето кон овие начела овозможува функционална комуникација, без недоразбирања.

Од вашето долгогодишно искуство, работејќи со професионалци од различни сектори и заднини, кои се вообичаените комуникациски замки со кои се соочуваат професионалците и како можат да ги надминат?

Професионалците често се соочуваат со комуникациски замки што водат до недоразбирања, неефикасност, а понекогаш и до конфликти.

Најчестите се:

  • Недостиг на изразна јаснотија и концизност, односно употреба на предолги, сложени јазични конструкции.
  • Површно слушање и често прекинување на соговорникот, кога наместо активно да слушаат, соговорниците размислуваат за сопствениот одговор додека другиот зборува.
  • Претпоставки и недостиг на повратни информации, при што од самиот почеток комуникацијата е оптоварена.
  • Бурно искажување чувства, наместо изнесување на факти.
  • Неприспособување кон соговорникот, или користење на ист комуникациски пристап за сите, без оглед на нивните потреби.
  • Занемарување на невербалната комуникација, при што говорот на телото, тонот на гласот и изразот на лицето може да „проговорат“ сосема спротивно од кажаните зборови.
  • Ниска технолоша писменост, или недоволно искористување на техничките можности што ни се денес достапни.

 

Каков совет би му дале на некој кој штотуку почнува да работи на своите комуникациски вештини?

 

Штотуку почнувате да работите на подобрување на вашите комуникациски вештини?  Тогаш треба да знаете дека добрата комуникација се учи и се усовршува со вежбање! Следете ги наведените принципи на Карнеги, читајте, прашувајте и прифаќајте совети од докажани комуникатори. Во книгите на „Три“ ќе најдете мноштво корисни совети што може многу да ви помогнат.

Дури и ако не сте јавен говорник, драгоцена е способноста да зборувате јасно и самоуверено пред луѓе. Затоа, вежбајте држејќи куси говори или презентации пред пријатели, колеги или пред огледалото!

Во писмената комуникација, водете се од правилото „јасно во главата, јасно на хартија“! Запишете ги своите мисли однапред за да се чувствувате посигурно. Вежбајте интерпретација на претходно напишан текст.

Подгответе се пред секоја комуникациска активност. Подготовката е клучна. Ќе ви ја зголеми самодовербата, ќе ве опушти. На тој начин, комуникацијата ќе биде сè поуспешна и ќе се одвива сè полесно со секој нареден обид.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново