ЕЛИФ ШАФАК ГИ РАЗМРДУВА ОПШТЕСТВЕНИТЕ ТАБУА И СТЕРЕОТИПИТЕ – ФИЛИПА САРА ПОПОВА

ЕЛИФ ШАФАК ГИ РАЗМРДУВА ОПШТЕСТВЕНИТЕ ТАБУА И СТЕРЕОТИПИТЕ  – ФИЛИПА САРА ПОПОВА

Во својот текст „Елиф Шафак и националните граници во книжевноста“, книжевничката Филипа Сара Попова пишува за надминувањето на границите преку творештвото на Елиф Шафак, кое ги преиспитува идеологијата, јазикот и минатото.

Според Попова, значењето на Елиф Шафак е што постојано ја посочува улогата на комуникацијата и заемното влијание меѓу различните култури. Таа твори надвор од или, пак, токму на границите, а сепак ѝ дава отчет на посебноста на културите.

***

Книжевноста е една од најранливите уметности кога станува збор за идентитетските ограничувања. За почеток, бидејќи има најсилна врска со јазикот, чест окупатор ѝ се националистичките идеи. Националистите се повикуваат на јазикот и историјата на нивниот народ за да изградат слика за еден самостоен и независен идентитет, целосно негирајќи или игнорирајќи ги размените меѓу различните култури кои се камен-темелник на човештвото, секоја индивидуална култура и светот каков што го знаеме денес. „Националистичкиот говор се повикува на културата како на привилегирано место на посебноста и единственоста, како на прв израз на неповторливиот национален дух, битие или менталитет“ (Чоловиќ 2012: 11), вели Иван Чоловиќ во своето дело „Балканот – теророт на културата“. Таму тој истражува како национализмот ја узурпира културата, а наведува многу примери во кои книжевноста, а особено поезијата, служела за да се создаде сликата за „духот на народот“ и уште повеќе да се зацврстат границите меѓу „Ние“ и „Другите“. Тој дури наведува пример како одредени автори и политички фигури го врзуваат самиот јазик со концепт за „битие на нацијата и бедем на нејзината одбрана“ (Чоловиќ 2012: 88). Па така, според тие идеологии, не само книжевноста, туку и јазикот треба да остане „чист“.

Чистината на јазикот имплицира одбивност кон неговото видоизменување и растење, одбивност кон туѓите влијанија и уште поголемо изолирање од останатиот дел од светот. Ваквите мислители забораваат дека секој јазик што опстанал бил под влијание на различни култури и е богат токму поради размената, а не отуѓувањето. Користењето на книжевноста како национален амблем е уште присутно во многу современи општества. Секако, ова не е ограничено само на национализмот туку е пракса за сите владејачки сили кои сакаат да наметнат одредена идеологија во општеството. Покрај тоа што е врзана за јазикот, книжевноста е и најпрецизен преносник на наративите и митолошките матрици. Доколку одредено дело пркоси на општоприфатениот наратив или прикажува нов начин на толкување на општествените појави и на светот, тогаш тоа лесно може да стане жртва на сите кои сакаат да наметнат или да задржат одредена идеологија.

Па така, до ден-денес сведочиме цензура во книжевноста, без разлика дали е од левата или од десната струја во политиката. Во САД, држава која очајно се обидува да си го задржи статусот на земја во која владее слободата, книгите се цел на конзервативните, но и на либералните сили. Книжевноста таму, особено пред неколку години, стана вжештено бојно поле меѓу различните идеологии. Пример е отстранувањето на книги како „Љубена“ од Тони Морисон и „Прекрасен нов свет“ од Олдус Хаксли од одредени образовни институции, но и дискусија за интервенирање во класични дела со цел да се зголеми политичката коректност. Интересно е што во голем број од овие ситуации причинител беа токму идеите за слободата на мислата и пазарот. Па така, доколку некоја издавачка куќа сака да издаде „политички коректна“ верзија на „Отело“, таа го има правото да го направи тоа влијаејќи притоа врз перцепцијата за тоа дело и врз историјата. Додека, пак, некои од цензурираните дела во училиштата се потикнати од реакција на индивидуи – родители и професори кои биле навредени од делата и без никакви докази, сметале дека штетно влијаат врз децата ширејќи лош морал.

Постојат уште многу примери кога книжевноста станала фронт за идеолошки битки, од цензурата на книги во нацистичка Германија до поттикнување на ослободувањето на Индија од Велика Британија преку будење на националната мисла во книжевноста. Одговорот на прашањето зошто книжевноста е толкав предмет на интерес во идеолошките битки, може да се посочи на неколку места. Прво, таа е тесно врзана за јазикот, кој е еден од главните национални и културолошки обележја. Второ, таа ги пренесува приказните на одредена заедница. Таа ја има моќта да ги измени и да влијае врз општеството. Писателите се слободни да ги изразат своите ставови, така што постои голем ризик за општествена критика. Но книжевноста, исто така, има и функција на артефакт. Таа го зачувува минатото, а секој кој се стреми да се врзе за одреден национален и културолошки идентитет, секогаш се осврнува кон минатото. Тука се појавува проблемот на тоа кој одлучува што ќе биде архивирано, односно кои приказни ќе бидат раскажани. Или поконкретно, каков тип идеологија ќе поткрепат приказните што ќе се раскажат и пренесат. Размислувањето за тематиката на минатото во книжевноста не носи секогаш кон негативни последици. Голем број автори, од 60-тите до денес, намерно го насочуваат погледот кон минатото, но одбираат приказни на маргинализирани групи, трудејќи се да го преиспитаат и пресоздадат колективното минато. Некогаш ова има и поамбициозни цели, како ослободување од влијанието на колонизаторски сили или, пак, од патријархалниот систем, што е нагласено во постколонијалната и во феминистичката литература.

Влијанието на горенаведените фактори може да се забележи во контроверзноста поврзана со „Копилето од Истанбул“, роман од Елиф Шафак, кој не само што беше цензуриран туку беше ставен и во судница. Самиот роман ги тематизира културолошките граници, раскажани преку перспективата на две семејства (едно турско, друго ерменско-американско). Авторката во романот ги размрдува стереотипите и општествените табуа, но главниот проблем настанал околу ерменскиот геноцид. Всушност, Турција го има негирано ерменскиот геноцид кој Османлиската Империја го извршила во 1915 година, за време на Првата светска војна. Официјалниот став на Турција денес е дека масовните убиства резултирале од обостран конфликт и граѓанска војна, а не од систематско уништување на ерменскиот народ, поради кое се претпоставува дека починале до 1,5 милион Ерменци. Во 2006 година, Елиф Шафак го издава „Копилето од Истанбул“, во кој се отвора оваа болна табу-тема за двете заедници и го именува тој стар ерменско-турски „конфликт“ како ерменски геноцид. Властите ја осудуваат дека го крши законот со тоа што ја навредува „турскоста“ според член 301 од турскиот закон. Па така, нејзиниот адвокат морал да ги брани постапките на фикционалните ликови од книгата пред судија. Кога ќе се погледне подетално ситуацијата, се забележува дека Елиф Шафак станува цел бидејќи преку книжевноста упатува општествена критика и го менува општоприфатениот наратив. Со тоа што го изнесува ставот дека во 1915 година навистина се случил геноцид, таа создава пукнатина во идејата за Турција како совршена безгрешна држава. Причината зошто толку очајно властите би сакале да ја задржат таа слика лежи во сегашноста, бидејќи во современа Турција, а во 2006 година особено, се случува опресија и цензура на други нивоа. Затоа, во целиот конфликт, вплеткани се идеологија, јазик и минато.

Значителен дел од својата работа Елиф Шафак ја посветува на преиспитување на тие три аспекти, трудејќи се да создава и да мисли надвор од наметнатите граници. Таа е турско-британска авторка која јавно ги прифаќа двата идентитета, иако едниот ѝ е стекнат во подоцнежните години од животот. Ваквото јавно декларирање не само што не е типично туку, за жал, се гледа и со прекор кај многу луѓе. Сепак, таа со гордост и ретка широчина на духот ја прифаќа својата мултикултурност. Шафак била ќерка на дипломат, па постојано патувала и се соочувала со различни култури, како и со сопствената различност. Во своите интервјуа и говори напоменува дека како мала била дел од одделение во кое имало деца од различни националности. Таму таа забележала дека, кога една од државите ќе била на нишан во јавноста, детето кое ја имало таа националност било исмевано и малтретирано. Во тој период, Турција била присутна во западните новини, па така Шафак често ја играла улогата на жртвено јагне во одделението. Поради тие искуства и поведена од идејата да се модернизира Турција во очите на Западот, како мала почнала да чита повеќе за политичката историја. Во својата потрага, наишла на поинакви приказни - оние за малцинства и маргинализирани луѓе, меѓу кои и за Ерменците. Во свој извадок од дневник, таа вели: „читав за тоа не затоа што имав особен интерес за литература, туку бидејќи бев млада и бунтовна и бидејќи официјалната идеологија на Турција ми велеше да не читам“. Поведена од љубопитност и слободен ум, таа целото свое творештво го посветува на испитување на „Другите“, поради што влегува и во конфликт со официјалните власти. Денес таа е една од најценетите интернационални авторки и јавни интелектуални фигури, веројатно бидејќи си има дозволено да се вивне надвор од очекуваното и од доктрината и да го види светот со нови, будни очи. Со тоа што учела од разноликоста на културите, таа добила и детален увид во начинот на кој функционираат опресијата и национализмот.

Во своето предавање на фестивалот „Ripples of hope“ во 2021 година, посветено на Х. Џ. Велс, таа зборува колку е важно да излеземе надвор од своите мали културолошки кругови. „Популистичките демагози тврдат дека или можеш да бидеш нативист кој ја приоретизира држата со градење ѕидови и заклучување врати, или да бидеш дел од глобалната елита. Но читајќи го Х. Џ. Велс, разбираме дека може да ја трансцендираме оваа дихотомија.“ Според неа, светот се соочува со преголеми колективни проблеми, какви што се климатската криза и можноста за пандемии, за да користиме национализам како решение. Пандемијата покажа како светот е веќе поврзан и секоја заедница влијае врз друга. Проблем од такви размери не може да се реши со трибализам, нативизам, изолационизам и ексепционализам. (PEN H.G.Wells Lecture, 2021). Таа смета дека решението е во солидарноста, но и во фикцијата.

Во друго свое предавање, „Политика на фикција“, ја поврзува книжевноста со емпатијата и можноста да се влезе во туѓа кожа. Сето ова вешто го изведува преку алегорија со еден бајачки обичај на баба ѝ. Всушност, бабата го заокружувала симболично проблемот за тој да исчезне, а Шафак од тоа извлекува поетична порака, имено „ако сакаш да уништиш нешто, дали се акни или дамка на човечката душа, сè што треба да направиш е да го заобиколиш со дебели ѕидови. Така, ќе изумре однатре.“ Елиф смета дека ние постојано создаваме „културолошки кожурци“ и се стремиме да сме опкружени со луѓе кои се наши огледала. Таа повторно ја надополнува алегоријата со магиско верување на баба си, односно со верувањето дека не треба премногу долго да се џариш во својот одраз. Решението за ова Шафак го наоѓа во раскажувањето приказни. Според неа, тие се начин да ги скршиме ѕидовите во нашите умови и за миг да ги видиме „Другите“. Преку фикцијата и приказните, коишто често забораваме дека се приказни, ние ги уриваме предрасудите, го трансцендираме сопствениот идентитет, и учиме како да се поврземе над границите. За жал, посочува таа, во книжевниот свет, а и општо во јавноста, „авторите не се гледани како креативни индивидуи, туку како репрезентативци на културите од коишто доаѓаат.“

Во истото предавање, но и во својот есеј „Во потрага по нераскажаните приказни“, Шафак го поврзува авторството со митолошките суштества џинови. Тие постојано престојувале на праговите, а според авторката, тоа е и задачата на писателите. „Да пишуваш, потребна ти е амбивалентноста и менливоста исто колку што се потребни посветеноста и дисциплината. Ние треба да бидеме несигурни за тлото под нас, да бидеме без догми, и дури без цврсти верувања и припаѓања, секогаш држејќи ги нозете на прагот, некаде во меѓуто, осцилирајќи меѓу култури и луѓе, блиску до сите страни, но неизлечливо осамени“. (Smith E.&Shafak E. etc. 2014)

Улогата на авторот таа ја сопоставува со ставовите на ултранационализмот во Турција, но и во сите земји. Слоганот „Сакај го или оди си“ таа смета дека служи да ги блокира сите нови откритија одвнатре, и сите можни критички ставови. Ваквото дуалистичко црно-бело размислување, вели Шафак, е пречка за развојот, а лек против редукционизмот е перспективата на туѓинецот и можноста на човекот преку емпатија и хуманизација да се отвори кон неа.

Филозофијата на Елиф Шафак е видлива и во нејзиното фикционално творештво, а за пример ќе го земам романот „Четириесет правила на љубовта“. За почеток, книгата е напишана на англиски јазик, бидејќи таа сметала дека неговата природа овозможува да види и да испита поинакви перспективи на изразувањето. Потоа, романот е мултифокален, приказната е раскажана од повеќе перспективи, дел од кои имаат целосно различни ставови. Присутни се и гласови на маргинализирани групи, или на оние кои воопшто не се вклучени во официјалната историја, како Кимја, сексуалната работничка која станува суфист, духот на жената на Руми, и пијаницата верник кој е осудуван од верниците во неговиот град. Самите животни приказни на ликовите, меѓу кои и главните Шемс од Табриз и Руми, одат контра догмата на тогашното толкување на исламот. Тие постојат надвор од границите и се поврзуваат со божјото на сосема различен начин, кој е целосно осудуван и неразбран од мнозинството. На крајот, сето тоа завршува со трагичен крај, но во духот на Шафак која секогаш може да ја види целата слика, со оптимизам и трансценденција на секојдневното и баналното. Самата таа вели дека е осудувана поради нејзиното негување на мистицизмот, особено што пишува за теми кои се поврзуваат со современата интелектуална струја. Но таа го живее тоа што го „проповеда“. Авторката ги вградува својата мултикултурност и разноликост, своето постоење надвор од границите и стереотипите, и во своите дела, овозможувајќи им на читателите да патуваат во повеќе светови истовремено. Или како што во книгата Шемс вели за Руми: „Да, Руми има право. Тој не е ни од Исток ни од Запад. Неговото место е во Царството на љубовта. Неговото место е крај Возљубениот“. (Шафак 2018: 196).

За националноста и книжевноста кај нас треба да се биде особено внимателен, особено кога под секое ќоше клокоти национализмот и гледаме билборди со пораки како „слушајте македонска музика“, форсирани обнови и зачувувања на јазикот, повикувања кон стари македонски автори кои негувале националистичка идеологија, славење и воспевање на автори кои ја критикуваат и исмеваат разноликоста. И сето тоа се оправдува со формулата која ја идентификува и Чоловиќ во неговото дело, односно ја зајакнуваме националната култура бидејќи мислиме дека некој ни ја напаѓа. Национализмот нема да ни помогне да ги реставрираме болниците и да го подобриме образовниот систем. Тој е како леб и игри, или како што вели Шафак, „вакцина национализам“, целосно заматувајќи ја реалната слика, наметнувајќи одреден вид искривоколчена забава за луѓето за миг да заборават дека светот е и ќе продолжи да биде повеќеслоен и конфузен. Уште еден трагичен елемент во оваа приказна е што книжевноста кај нас е тесно врзана со главниот идеолошки систем. Во анкета спроведена од Калина Малеска во рамки на истражување, резултатите покажале дека 94 % од испитаниците за свои три омилени дела навеле лектири од средно училиште. (Малеска, 2020) А образовниот систем е секогаш слика на идеолошкиот систем. Според наставните програми, програмата е белким заробена до 50-тите години од минатиот век. Ретко кој наставник ќе вклучи современо дело и ќе дискутира современи проблеми и прашања. Интересно би било и истражување на затскриените идеологии во делата кои кај нас се глорифицираат и обработуваат во рамки на наставните програми. Тоа може е и причината што дури ни на факултети специјализирани за одредена национална книжевност не се изучуваат толку современи дела и правци колку оние од минатото. Како целта да е целосно да се фиксираме на минатото, упорно барајќи се таму себеси, додека иднината ни се искрадува од прстите. Секако, контекстот секогаш фрла нова светлина врз делото при одреден тип анализи. Но сите овие фактори нѐ туркаат подалеку од тоа да ја категоризираме книжевноста по тема, стил, атмосфера, филозофија, влијание… и да ја вреднуваме како уметност. Веројатно затоа, сè уште во библиотеките може да ја најдеме распоредена по историска ера и национални граници.

Важноста на Елиф Шафак и останатите автори како неа е што постојано ја посочува улогата на комуникацијата и заемното влијание меѓу различните култури. Таа твори надвор од или, пак, токму на границите, а сепак ѝ дава отчет на посебноста на културите. Шафак, и останатите автори како неа, кои се трудат да ги преиспитаат ограничувањата и идентитетите, докажуваат дека книжевноста и уметноста се многу поголеми од нацијата и останатите културолошки обележја. „Четириесет правила на љубовта“ раскажува приказни за бунтовници. Оние кои му пркосат на системот, кои се движат меѓу границите, во име на повисоки цели кои ги надминуваат разбирањата на нивната околина. Поради тоа се казнети и маргинализирани, но успеваат да извршат влијание и да ги потпукнат главните наративи. И кај нас постојат такви стремежи во книжевноста, а за крај, за пример, ја наведувам песната „Историја“ од Саранда Мехмеди која пркоси против национализирање на уметноста и животот.

Историја

Еден ден
ги покрив ушите 
набљудував
долго набљудував
потоа ги затворив и очите
и видов многу подалеку
од знамињата

Текстот на Филипа Сара Попова е достапен за читање и ТУКА.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново