АВТОРКИТЕ НА ТРИ ОДГОВАРААТ: СРЕЌЕН ОСМИ МАРТ Е АКО...

АВТОРКИТЕ НА ТРИ ОДГОВАРААТ: СРЕЌЕН ОСМИ МАРТ Е АКО...

На Денот на жената, авторките на ТРИ одговараат – среќен 8 Март е ако...

Нивните пораки се и честитки до секоја жена и потсетување за важноста и симболиката на денешниот празник. Ден кој нѐ потсетува на поранешните борби за слобода и рамноправност, ден кој носи одговорност да се бараат повторни промени во светот кој постојано се менува.

Среќен 8 Март е ако се остварат замислите на сите наши писателки, а нашите читателки и понатаму останат храбри, генијални и остроумни!

***

„За мојата генерација 8 Март беше ден кога се носеа подароци на учителките и класните, по претходно собирање пари и расправии дали да им се купи златно синџирче, часовник, вазна или само цвеќе. Еднаш една од нив го напушти часот со солзи во очите, оставајќи ни го букетот рози на катедрата, несреќна што нејзините колешки сигурно добиле многу „поконкретни“ подароци. Предаваше историја. Дома, пак, со одвај собраните пари ѝ се купуваше подарок на мајката, понекогаш дури и бизарен, на пример, секач за јајца. Клара Цеткин и Роза Луксембург беа само бледи фотографии од учебник без примена во животот. Секој-а од нас сам-а мораше да дојде до сознанието дека 8 Март не е празник на 'понежниот' пол туку ден за протест, за побуна, за општествена критика, ден за опомена дека борбата за еднаквост, рамноправност и човекови права, за жал, сè уште мора да се води. Кога ќе се подразбира и на секое човечко битие ќе му биде иманентно јасно дека ги има сите права и слободи, без разлика на полот и родот, 8 Mарт ќе биде ден за сеќавање на таа борба, ден како секој друг. Среќен 8 Mарт е кога секој ден е 8 Mарт.“ – Лидија Димковска

*

„Жените имаат (и)збор во донесувањето одлуки за своите тела.“ – Јелена Никодиноска-Чаповска

*

„Среќен 8 Март е ако ги сретнеш Нара, Ана-Ананда, Бреза, Ањуд, мами Ајселу, Малина... ликовите од книгите на мојата мајка Јагода Михајловска-Георгиева.“ – Бистра Георгиева

*

„Среќен 8 Март е ако... жените и мажите имаат еднакви права и слободи. Ако живееме во похуман свет без насилство и силеџиство. Ако има повеќе жени кои од корен менуваат репресивни системи, ја освојуваат вселената, пишуваат романи, создаваат наука, уметност, слободно љубат, спортуваат, готват од желба, а не од принуда... Со други зборови, ако има повеќе жени кои автентично и слободно ги живеат сопствените избори.“ – Ана Јовковска

*

„Среќен 8 Март е ако изборот не е привилегија, туку право.“ – Ана Аврамовска

*

„Среќен 8 Март е кога нема да има минато долго време откако последен пат главите биле исправени. 8 Март ќе е среќен кога М ќе се пишува со мала буква. Кога ќе биде обичен ден во кој сонцето за првпат ќе се искачи високо викајќи само: дојде пролет, и наместо радост за пролетта, ќе донесе блага тага за зимата – зашто не била гладна, сива, сиромашна и студена.“ –  Милена Сиљаноска

*

„Среќен 8 Март е ако сите жени се слободни, безбедни и почитувани во секој ден од годината.“ –  Виолета Танчева-Златева

*

„Среќен 8 март е ако жените сè повеќе ги уживаат граѓанските, политичките, економските и социјалните права. Сите жени – од бездомничката до дамата.“ – Ирена Јурчева

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново