НАСПРОТИ БЕСКРАЈНОТО ЦРНИЛО НА НИШТОТНОСТА – РЕЦЕНЗИЈА ОД НАТАША АТАНАСОВА

НАСПРОТИ БЕСКРАЈНОТО ЦРНИЛО НА НИШТОТНОСТА – РЕЦЕНЗИЈА ОД НАТАША АТАНАСОВА

(осврт кон книгата „Од работ на ништотноста“ од Корине Дејвис. Превод од холандски: Ели Пујовска. Издавач „Три“, 2024 г.)

Да бидам искрена, одамна немав размислувано што би значело на Земјата да се случи некоја катаклизма од планетарни размери. Се сеќавам, како дете гледав филмови со апокалиптични сценарија и често ме стресуваа помислите за силен земјотрес што ќе ја претвори целата површина на планетата во пепел или за голема експлозија од вжарената срцевина на Земјата со која за миг би се разнело сè.

Оваа тема до мене има допирано повеќе преку филмовите, а единствената книга на која сега ми текнува е „Автостоперски водич низ галаксијата“ на Даглас Адамс. Во неа уништувањето на Земјата по брза постапка, оти пречела при изградбата на интерстеларниот автопат, е само попатен детаљ со силен комичен ефект.

И еве ме сега, во јануари 2025 година, читам книга во која во јануари 2035 година (и тоа баш на денешен ден, 29 јануари 2035) во Земјата удира комета. Ме удираат триста прашања, а комичниот ефект никаде го нема.  

Нашата планета на удар од комета

Книгата во која се случува ова е научнофантастичниот роман за млади „Од работ на ништотноста“ од холандската писателка Корине Дејвис. Раскажувачка и главен лик во романот е Дениз, 16-годишна девојка од Амстердам, која кажува дека во јули 2034 година било најавено дека на 29 јануари 2035 година во планетата Земја ќе удри комета.

Сè што знаат луѓето е дека кометата е многу голема, брза и дека ќе ја погоди Северната хемисфера. Со најавата, целиот свет влегува во хаотичен режим: немири, насилство, грабежи, масовни самоубиства, злоупотреба на пораките за близината на кометата... А паралелно со нив, подготвување засолништа и правење списоци и планови кој каде ќе се засолни на кобниот ден.

Денот доаѓа уште на првите страници. Дениз и нејзината мајка сосема случајно успеваат да се засолнат во едно од најдобрите засолништа – генерациски вселенски брод наменет за најсреќните. Кометата удира, се чувствуваат потреси, па почнува да врне шут – паѓаат чакал, вжарени камења и кал од небото, а потоа доаѓа и цунами кое го поплавува целиот град.

Меѓутоа, кога првичната кометна бура ќе стивне, настапуваат на сцена серија филмски заплети и перипетии низ кои минува нашата јунакиња:

  • Дениз и мајка ѝ мораат да го напуштат генерацискиот вселенски брод „Насау“ (да, онаков како бродот од „Ѕвездени патеки“), затоа што тој се подготвува за полетување кон двете новопронајдени планети близначки кои ги имаат сите услови за живот како на Земјата, а местата на него се ограничени за оние кои дале или се очекува да дадат најголем придонес;  
  • Дениз сфаќа дека постојат начини како да добие место во „Насау“, па добива место за себе, но не и за мајка ѝ;
  • Дениз низ поплавениот град, каде што никој од бродот не се осмелува да излезе, тргнува во потрага по сè што може да ѝ помогне да си го подобри статусот на бродот;
  • Дениз посетува засолништа и носи вести од надворешниот свет на бродот;
  • Дениз сака по секоја цена да ја најде сестра ѝ Ирис, која неколку дена пред удирањето на кометата заминала во друг град за да присуствува на последната забава пред крајот на светот;
  • Дениз ја наоѓа сестра си, но треба да најдат начин да обезбедат место на бродот и за неа...

Нашите ликови изудирани од животот

И сето ова може да изгледа целосно обично, познато, веќе видено. Меѓутоа, писателката Корине Дејвис својот аутизам го искористила за целосно автентично да го создаде ликот на Дениз – која е исто така аутистична. Е сега, вратете се повторно низ претходните сцени и замислете ја двојната тежина на сето тоа што е исправено пред тинејџерката Дениз, со оглед на нејзините ограничености.

Дениз не се снаоѓа баш добро со луѓето, не може да ги гледа в очи повеќе од секунда. Има потреба да поставува премногу прашања наеднаш, има панични напади и се удира, се гризе за јазикот кога не знае што да каже, има повторливи движења кога ќе се вознемири, има специфичен однос кон хигиената и кон исхраната...

Мајка ѝ на Денис, пак, е депресивна зависничка од кокаин, екстази и кетамин, а сестра ѝ е транс-лице со неверојатна емпатија и солидарност.

Општествената критика кон класните разлики е силно присутна во овој роман. На изјавата на холандскиот крал, со која на телевизија повикува на хуман однос, Дениз иронично коментира дека му е лесно да го каже тоа кога секако ќе добие „вселенски брод голем колку град“. Од друга страна, во „Насау“ постојано стигнуваат пораки од недоволно обезбедените засолништа во кои како харинги се напикани луѓето од посиромашните предградија.

Борејќи се самата за место на бродот „Насау“, и за себе и за своите најблиски, Дениз ја открива својата сила и самостојност. Таа станува столбот на нивното кревко семејство, со својата дисциплина и посветеност има голем придонес за работата на бродот, а нејзиното постојано чувство на неприпадност се топи и полека се остварува старата желба да се вклопи, да биде прифатена.

Но иако конечно се чувствува „нормално“ – има работа, придонесува за заедницата, има пријатели, има симпатија... – сепак, го нема семејството.

Наспроти ништотноста

И токму прашањето за значењето на семејството за еден човек, е едно од многуте што овој роман ги отвора и го тера читателот да ги бара своите одговори:

  • Дали семејството е пошироката дефиниција за тоа што сме ние, нашите корени во моментите кога го губиме тлото под нозете, онака како што му се случува на целото човештво кога Земјата станува небезбедно место за живеење?
  • Колку би биле способни да ја зачуваме човечноста во екстремни ситуации, кога е доведено во прашање нашето преживување?
  • Дали треба да дочекаме апокалипса за да станеме свесни за штетата што ѝ ја нанесуваме на Земјата исцрпувајќи ги нејзините ресурси и не водејќи сметка за глобалното затоплување?
  • Кога ќе застанеме на работ на ништотноста и ќе погледнеме онаму каде што не постои ништо друго освен темнина како во три часот наутро, дали ќе паднеме на таа страна или ќе се повратиме наназад и покрај вртоглавицата што ни ја предизвикала?
  • Дали сепак имаме сила заеднички да го победиме тоа бескрајно црнило што нè демне од сите страни додека нашите мали осветлени острови наликуваат на свеќи готови да згаснат во секој миг?

А по нив следуваат останатите 295 – прашања какви што може да поттикне добро напишана приказна како оваа. 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново