„Американска прашина“, романот што ја разбранува светската книжевна сцена наскоро на македонски

„Американска прашина“, романот што ја разбранува светската книжевна сцена наскоро на македонски

И ОД ОВАА СТРАНА ПОСТОЈАТ СОНИШТА! 

Кога Џенин Каминс го напиша својот роман „Американска прашина“ не очекуваше дека само по неколку недели од објавувањето книгата ќе се најде на насловните страници. Дури 16 издавачки куќи беа заинтересирани за негово издавање, а „Флетајрон“ победи на аукцијата плаќајќи 1 милион американски долари за правата. Следуваа пофалби од Стивен Кинг, Ен Пачет и Џон Гришам. Се најде и на листата на бестселери на Опра Винфри, а според најновите податоци, книгата е продадена во 1.135.765 примероци низ светот.

Но потоа почнаа да се појавуваат и критики, што е очекувано со оглед на фактот дека разработува една „скокотлива тема“ – Мексико и јужноамериканските имигранти кои по секоја цена сакаат да стигнат во САД, тамошното апсолутно владеење на картелите, длабоката корупција, како и големиот број убиства на новинари кои се осмелиле да проговорат за тоа.


Околу романот се дигна толкава прашина што авторката и книжарниците во кои била најавена промоцијата почнале да добиваат закани. Од друга страна, голем број латиноамерикански писатели се побунија сметајќи дека е чудно за мексиканската реалност и нивните имигранти да пишува една бела „Латина“ која, според нив, не знае ништо за тоа. Но Каминс, во чии жиле тече и порториканска крв, поминала пет години од својот живот истражувајќи за својот роман. Била од двете страни на границата и разговарала со голем број мигранти, со цел да се запознае со нивните проблеми и трагедиите со кои се соочуваат.

 „Американска прашина“ е книжевно достигнување исполнето со трогателност, драма и хуманост на секоја страница. Роман кој ќе им ги отвори очите на многу луѓе кои се загрижени што се случува помеѓу границите, но никогаш не ги почувствувале стравот и очајот на мигрантите на своја кожа. Овој роман е за оние кои ќе направат сѐ што е во нивна моќ за да им обезбедат подобра иднина на своите деца. Каминс не сака само да зборува за мигрантите од безбедна оддалеченост, туку зборува стоејќи покрај нив, доволно гласно за да можат да ја слушнат и оние кои не сакаат. Таа е јасен морален глас кој стои на страната на мигрантите.

„Јас сум силно свесна дека луѓето кои доаѓаат на нашата јужна граница не се една безимена кафена маса, туку се посебни индивидуи, со свои приказни, животи и причини зошто доаѓаат, а кои се посебни... Се надевав дека ќе претставам една од тие уникатни лични приказни – измислена приказна – како начин за оддавање почит на стотиците и илјадниците приказни кои никогаш нема да ги слушнеме.“

Целта и моќта на книгите се состои токму во тоа – да го промени нашиот став кон реалноста. А според многумина, „Американска прашина“ го прави тоа, со вистинските аспекти од маките со кои се соочуваат мигрантите и бегалците и тешките одлуки што мора да ги донесат на своето патување кон еден побезбеден и подостоинствен живот. Се надевам дека читателот ќе подзапре да размисли, за да почне да ги гледа како поединци“, вели Џенин Каминс. „Кога ги гледаме мигрантите на вести, можеби ќе се сетиме: овие луѓе се луѓе.“

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново