КНИГИТЕ СО КОИ ЌЕ ЈА ЗАПОЧНЕМЕ 2021

КНИГИТЕ СО КОИ ЌЕ ЈА ЗАПОЧНЕМЕ 2021

Позитивната страна на 2020 година беа добрите книги, па затоа 2021 година ја започнуваме со голема читачка позитива и со многу нови,интересни наслови. Книжевниот колаж ќе ги обземе сите читататели и ќе ги поттикне на потрага – едни по духовен мир, други по телесен, некои ќе ги следат трагите до највисокото место на подиумот на успехот, а некои трагите на осомничените на местото на злосторството. Ѕирнете подлабоко во содржините на книгите, а насловите кои ќе ви ја закопкаат љубопитноста се токму оние кои ќе ве водат низ потрагата.

1. „Некој што го знаеме“ од Шари Лапена

Возбудлив роман што ќе ве остави будни цела ноќ. Во едно тивко предградие во северниот дел на Њујорк, еден тинејџер се прикрадува во куќите и во компјутерите на сопствениците – дознавајќи ги нивните тајни. Кој е тој и што открил? Откако ќе биде најдена една жена убиена на улица, напнатоста се зголемува... Можеби не си ги познавате соседите колку што мислите и никогаш нема да знаете за што сѐ се способни луѓето.

2. „Еден од нас е следен“ од Карен М. Мекманус

„Еден од нас е следен“, продолжението на „Еден од нас лаже“, нѐ враќа во средното училиште Бејвју. По смртта на Сајмон се појавуваат низа апликации за озборување, но овој пат не станува збор за апликација туку за игра.Учениците добиваат групна порака за играта „Вистина или предизвик“. Тој што ќе избере „вистина“ ризикува да биде откриена неговата најдлабока тајна, а тој што ќе избере „предизвик“ ќе добие задача. Иако се откриваат пикантни тајни, учениците уживаат во играта и злокобното предупредување „секогаш избирајте предизвик“,  сѐ додека не се појави нова жртва во Бејвју.

3. „Што зборувам кога зборувам за трчањето“ од Харуки Мураками

По многу години и по голем број истрчани километри и маратони, додека тренира за Њујоршкиот маратон, Мураками одлучува да ни ги раскаже своите искуства и да ни открие какво влијание имало трчањето врз неговиот живот и пишувањето. Едновремено смешна и сериозна, разиграна и филозофска, оваа книга е задолжително четиво за обожавателите на овој генијален но повлечен писател, како и за огромниот број спортисти кои наоѓаат слично задоволство во трчањето.

4. „Седумте духовни закони на успехот“ од Дипак Чопра

„Седумте духовни закони на успехот“ е книга инспирирана од хиндуистичките и спиритуалистичките концепти, книга што ја проповеда идејата дека личниот успех не е резултат само на напорна работа, прецизни планови или силна амбиција, туку на разбирање на нашата суштина како луѓе и на тоа како да ги следиме законите на природата. Кога ќе научиме да живееме во хармонија со законите на природата, околу нас лесно и без никаков напор ќе се создаваат позитивна енергија, здравје, среќни врски и изобилство. Полна со вечни мудрости и практични чекори за едноставна примена, оваа е една од оние книги на кои постојано им се навраќаме. 

5. „Големата петка во животот“ од Џон П. Стрелецки

Зошто оваа книга е поразлична од другите мотивациски книги? Зар целта на сите мотивациски книги не е да ве охрабрат? Да ве поттикнат на дејствување? Да ги потиснете негативните страни од животот? Оваа книга, пред сѐ, ќе ве инспирира. Ќе ви го промени животот на начин кој сега не го знаете, но целосно ќе го разберете кога докрај ќе ја прочитате. Живејте го животот најдобро што можете – определете си ја својата голема петка од клучни работи кон која ќе се стремите да ја остварите, затоа што ви причинува задоволство и ве исполнува.

6. „Здрав и емотивен живот“ од Ошо

Што е она што е трајно во вашиот живот? Емоциите не можат да бидат трајни. Во венецот вие гледате цвеќе, но не ја гледате нишката. Емоциите се како цвеќето во венецот. Понекогаш процветува бес, понекогаш тага, некогаш среќа, некогаш болка, а другпат страдање. Овие емоции претставуваат само цвеќе, додека целиот ваш живот е венец. Нишката мора да постои, во спротивно вие одамна ќе сте 
се распаднале на делови. Вие траете како целина – па која е тогаш таа нишка, таа ѕвезда водилка? Што е она што е трајно во вас и што ве води? 

7. „Сменете го размислувањето, сменете го животот“ од Брајан Трејси

Уште една неверојатна книга од Брајан Трејси која ве води кон постигнување успех и задоволство во животот. Таа ви покажува како да ги откриете своите извонредни способности и да ги поттикнете своите неверојатни моќи. Ќе научите како да ги привлечете сите луѓе и можности што ви се потребни за да ја постигнете секоја цел што сте си ја поставиле. Концептите опишани во неа ги користат сите големи победници кои некогаш почнале од нула, милионери и предводници во различни области. Преку нив, чекор по чекор, ќе го научите процесот до голем успех што на крајот ќе го применувате лесно и без напор. 

8. „Сенишната шума“ од Мет Хејг

Главниот јунак во оваа книга е Самјуел Блинк, но тој сѐ уште не го знае тоа. Засега седи во семејниот автомобил заедно со сестра си Марта и се нервира од нејзиното пеење... сѐ додека не го здогледа огромниот трупец што паѓа од еден камион и засекогаш им го менува животот. Принудени да се преселат во Норвешка кај тетка си Ида, тие мора да почитуваат еден куп правила. Најважното гласи: Никогаш не влегувај во Сенишната шума – дом на еднооки тролови, хулдри, гномови, клукајчерепци, вештерки кои им ги крадат сенките... со кои владее злобниот Хорацио Променоносец. Но еден ден, намамена од спокојната темнина која извира од сенките, Марта влегува меѓу старите, сенишни дрвја... 


Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново