БИЗНИСОТ Е БЕСКОНЕЧНА ИГРА – ВИЕ ГИ ОДРЕДУВАТЕ ПРАВИЛАТА!

БИЗНИСОТ Е БЕСКОНЕЧНА ИГРА – ВИЕ ГИ ОДРЕДУВАТЕ ПРАВИЛАТА!

Не можеме да ја избереме играта. Не можеме да ги избереме правилата. Но можеме да го избереме начинот на кој ќе играме! Зашто во бесконечните игри, какви што се работата, политиката или самиот живот, играчите се менуваат, правилата се менуваат. Во бесконечната игра нема победник или губитник: има само напред и назад.

Сајмон Синек е еден од најбараните автори и говорници на светот – експерт за лидерство, творец на уникатни техники за постигнување на целите, вклучувајќи го и концептот на инспиративно лидерство наречен „златен круг“, како и автор на едни од најзначајните бизнис-книги на денешницата. Тој можеби е најпознат по концептот „ЗОШТО“ во неговиот настап на видеоплатформата ТЕД во 2009 година, кој стана третиот најгледан настап на сите времиња, со над 50 милиони прегледи и титлуван на 47 јазици. 

Тој е непоколеблив оптимист кој верува во светла иднина и во нашата способност таа иднина да ја изградиме заедно. Опишан како „мислител-визионер со редок интелект“, Синек ги поучува водачите и организациите како да ги мотивираат луѓето. Сакајќи да помогне да се изгради свет во кој повеќето луѓе ќе се будат секој ден чувствувајќи се инспирирани, безбедни на работа и исполнети на крајот на денот, неговата смела цел е да ги инспирира луѓето да ги прават работите што ги исполнуваат. Оваа мисија ја спроведува преку своите книги, предавања, говори, социјалните медиуми... и судејќи според милионите читатели и следбеници, има неверојатно влијание не само врз успехот на поединците туку и врз која било организација. 





Синек е автор на повеќе книги, меѓу кои глобалниот бестселер „Почни со зошто“ неговата најнова книга „Бесконечна игра“, потоа „Лидерите јадат последни“ (бестселер на „Њујорк тајмс“ и на „Волстрит џурнал“), „Заедно е подобро“ (бестселер на „Њујорк тајмс“ и на „Волстрит џурнал“) и „Пронајди го своето зошто“.

Денес дозволуваме платформите за социјални медиуми да станат разделувачки сили во нашата култура, како што и нашата политичка култура е еднакво поделена. Ако можеме да усвоиме бесконечна перспектива, можеби и ќе станеме свесни за етичките граници на сопственото однесување.

„Бесконечна игра“ е токму таква книга која едноставно нѐ поттикнува да размислуваме за вистинската цел. За специфичната иднина која нѐ движи и нѐ одржува будни. Бидејќи, како што вели авторот, многу од одговорите на прашањето зошто не доаѓаат од минатото, туку од иднината и патот што сме го избрале за да стигнеме на вистинската дестинација.

Многу луѓе го мерат светот според успесите и неуспесите, победниците и губитниците. Долгорочно, оваа стратегија може да има сериозни последици. Затоа од особено значење е да преземеме деловна одговорност, да научиме да бидеме лидери со неограничен начин на размислување, да ги намалиме неразумните, нелојалните и неетички практики за да создадеме атмосфера на доверба. Само така ќе можеме успешно да ги остваруваме зацртаните цели и да уживаме во исполнет и среќен живот.

Но во бесконечната игра на бизнисот нема почеток и крај, не постојат победници и губитници. Постојат само играчи кои едноставно се откажуваат кога ќе снемаат волја и средства за да продолжат понатаму. Затоа бизнис лидерите треба да престанат да размислуваат за тоа кој победува или кој е најдобар, а да почнат да размислуваат како да изградат силни и здрави организации кои ќе го положат тестот на времето.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново