МАГИЈАТА НА ЕЛЕНА ФЕРАНТЕ

МАГИЈАТА НА ЕЛЕНА ФЕРАНТЕ

Во пресрет на објавувањето на третиот том од Неаполската сага „Приказна за оние што заминуваат и за оние што остануваат“ (во превод од италијански на проф. д-р Радица Никодиновска), се потсетуваме на феноменот Феранте. Како оваа италијанска писателска сензација успеа во она што никому не му пошло од рака – да постигне светска слава без да ги открие својот живот и идентитет?

Елена Феранте, чиј вистински идентитет сѐ уште е обвиен во тајност, е најзначајна современа италијанска писателка и едно од најголемите имиња на современата светска книжевна сцена. За нејзиниот приватен живот се знае многу малку, бидејќи не се појавува на книжевни манифестации, промоции, телевизиски емисии, јавни собири од каков било карактер, со исклучок на малкуте интервјуа во писмена форма. Невидлива и мистериозна, смета дека најважно е самото дело, а не неговиот автор, зашто ако тоа има што да раскаже, порано или подоцна, ќе најде свои читатели.

Пред девет години, само една книга ја направи оваа сè уште непозната италијанска писателка една од најистакнатите личности на почетокот на 21 век. Она што го направи феноменот уште поизненадувачки е тоа што станува збор за автор кој напишал роман со непобитна книжевна вредност, а не книга за млади читатели. Роман со голем број настани од италијанската историја, кој тргнува од еден мал агол во Неапол. И така започна „Треската Елена Феранте“ и тетралогијата „Неаполски приказни“.

Триумфот на првиот дел „Мојата генијална другарка“ е уште позачудувачки бидејќи авторката воопшто не се промовира. Елена Феранте е жена без лице, чиј идентитет го знае само нејзиниот италијански издавач. Нејзините читатели чувствуваат дека на Феранте мора да ѝ биде дозволено да остане анонимна, доколку така посакува, но сепак предизвикаа општо негодување. Ништо слично не се случило дотогаш. Но како што вели самата авторка: „Верувам дека книгите, откако ќе бидат напишани, немаат потреба од автор“.

Серијалот кој ѝ донесе светска слава, Неаполската тетралогија, досега е продаден во над 15 милиони примероци во 45 земји во светот. За Елена Феранте се пишува како за автор кој, ни помалку ни повеќе, донесе едно ново книжевно дело кое е вредно за најдобрите литературни награди, бидејќи се работи за вистинска книжевна класика на 21 век. Зошто Елена Феранте е толку успешна и од каде потекнува идејата за портретот на Лила и Елена, чие пријателство започнува кон крајот на 1950-тите години? Освен желбата за долги романи, се чини дека читателите низ светот сакаат да читаат реални приказни со вистински чувства. Кој од нас не сонувал да го доживее односот на овие „генијални пријателки“? Од друга страна, овие романи се заводливи и поседуваат невидена моќ на привлечност, што само по себе носи успех.  Но Лила и Елена не се единствените ликови кои ги запознаваме низ страниците на овие романи. Напротив, Феранте низ четирите книги оживеа цела генерација и низ многуте живописни ликови успеа да прикаже сѐ – од борбата меѓу фашистите и комунистите, положбата на жената во семејството и општествената заедница, прикривање на хомосексуалноста во руралните заедници, до непотизмот, различните облици на привилегираност, конфликтите на идеалите и потребата за преживување...


Нераскинливото пријателство меѓу двете необични жени со несмален интензитет продолжува да ги освојува срцата на читателите низ целиот свет. По успешното претставување на првите две книги „Мојата генијална другарка“ и „Приказна за новото презиме“, ТРИ го најавува продолжението на сагата за бурните настани и напати спротивставените чувства што ги следат овие две нераздвојни жени. Како и претходните два, така и третиот роман „Приказна за оние што заминуваат и за оние што остануваат“ е книга која никако не може да се заобиколи. Авторката со мајсторски скроен и трепетлив наратив повторно останува верна на емотивните животи на двете хероињи. Третата книга која долго ја очекувавте, „Приказна за оние што заминуваат и за оние што остануваат“ е одлично доловена и во преводот, со мајсторска речовитост, од страна на нашата докажана преведувачка Радица Никодиновска.

Елена Феранте е како таен агент на сопствените книги. Таа продолжува да ги пишува за да им ги подари на читателите, а не за да ја обелодени својата позиција како авторка и да ужива во заслужената слава.

Третото продолжение од серијалот „Неаполски приказни“ од 20 ноември во книжарниците на ТРИ!

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново