ЗОШТО КНИЖЕВЕН БЛОГ ВО 2026 ГОДИНА?
ЗОШТО КНИЖЕВЕН БЛОГ ВО 2026 ГОДИНА?
Ноември – месец на пишувањето блогови
Пишува: Ангела Бошкоска
Во далечната 2015 година, ноември се сметаше за месец на пишувањето објави на блогови – главната „шема“ на интернетот кога сè уште не беше сè сведено на безмалку само една социјална мрежа каква што е денес Инстаграм. Блоговите претставуваа значајна агора за информирање и заситување на интересите од различни области. Всушност, она што денес се пренесува во видеосодржините како можност за изразување на подолги содржини, на пример, за книжевноста, приспособени на денешните потреби, некогаш беа блоговите. Но, кој вели дека блоговите сосема исчезнаа?
Приказни.мк е книжевен блог на Издавачки центар ТРИ кој се трудиме да го одржуваме со информации за најновите изданија, интервјуа со авторите кои ги објавуваме и рецензии за книги. Поаѓајќи одовде, денешниот избор во рубриката „Препорака од уредникот“ е „Како ќе живеете“ – јапонска класика од Гензабуро Јошино, објавена во 1937 година, а од годинава за првпат преведена и на македонски јазик.
Одлуката да го објавиме ова дело и да го доближиме до македонската публика лежи во неговата содржина, која со јазикот на Јошино – едноставен, а промислено употребен, ги открива големите вистини за човековата психа, за добрината и злото, поставувајќи го притоа во сржта прашањето: Што значи да се биде човек?
Станува збор за топла приказна која низ секојдневните случувања и преку дневничка преписка ни ја раскажуваат 15-годишниот Копер и неговиот вујко. Така, во една прилика, кога Копер сè уште учи за светот, за себе, за растењето и за луѓето во неговиот живот, со особено внимание кон меѓучовечките односи, вујко му го прашува: „Нема ништо поубаво од свет во кој луѓето си прават добрини едни на други и во тоа ја наоѓаат својата радост. Зар не мислиш, Копер, дека токму тоа се вистински човечки односи?“
Копер е популарен во училиштето како одличен ученик и голем шегаџија. Но длабоко во себе е плашлив, му недостига татко му, му пречи што не е малку повисок... И тој, како неговиот имењак Коперник, ги набљудува ѕвездите и размислува за небото, Земјата и човечката природа за да одговори на многуте прашања што го обземаат. Дилемите на Копер се јавуваат од соодветните прашања кои навираат во адолесценцијата, што го прави романот погоден за средношколци. Од друга страна, овој роман нè потсетува дека тие „тинејџерски“ откривања на себеси и на светот се универзални и безвременски, кои особено возрасните не треба да ги заборават. Или, не треба да заборават да ги преиспитуваат.
Оваа јапонска класика ни овозможува да пронајдеме мир во идејата дека затоа што сме луѓе, сите ние грешиме и ќе грешиме. Но како што се вели во книгата, сè додека учиме од нашите грешки, тоа е оправдливо, зашто само така се гради самодоверба и се добива нова сила за застапување за она што треба да го отелотворува човекот: разбирање и почитување на другите и одржување на таквата хармонија во човечкиот свет.
Многумина оваа книга ја поврзуваат со безвременската класика „Малиот принц“ од Антоан де Сент-Егзипери, која со право не ги напушта лектирните програми во училиштата низ светот, а и во Македонија. Во случај да трагате по слично или алтернативно четиво, „Како ќе живеете?“ ја исполнува задачата.
Сепак, прашањето што ни го поставува уште во насловот – за тоа како ќе живееме, останува да го одговори секој од нас. А ние, читателите на овој роман, знаеме дека сме за една мисла побогати: дека „страдањето и тагата се големи извори на сознавање“, која е одлична појдовна точка за сите кои сакаме да живееме подобро, подостоинствено и похрабро!
Оттаму, топло го препорачуваме овој роман за ваше ноемвриско четиво. Побарајте го во сите книжарници на ТРИ или нарачајте го онлајн на kniga.mk.