КАРАНТИНСКИ ПРИКАЗНИ: „Слобода во карантин“ – Ана Голејшка Џикова

КАРАНТИНСКИ ПРИКАЗНИ: „Слобода во карантин“ – Ана Голејшка Џикова

СЛОБОДА ВО КАРАНТИН

 

Стоеше со раката потпрена на брадата и гледаше низ прозорецот. Сега тој мал квадрат надеж прелиен со стакло ѝ беше единствената глетка надвор од себе. Помисли – зарем вака завршуваат сите лични приказни што не успеале да се случат навреме?

Во дневната соба сѐ беше совршено средено. Купчето книги наредени под конец во библиотеката. Ќебето со боја на праз, здиплено и ставено на троседот. Масичето покриено со белузлав чаршаф и во средина чинијата со вештачко овошје изгледаа како отсечок од некое друго време. На комодата до телевизорот сите свеќници во облик на слонче беа свртени кон сонцето. Она другото сонце, кога нема вакви вонредни изгревања. Не од ова време-невреме. Не од овие чудни затворени денови за сите. За неа – слобода.

Д. долго време страдаше од душевна болест. Стравот од луѓето ѝ беше всаден вкоски. Кога беше мала, утеха наоѓаше во кутрињата, цвеќињата. Луѓето ги презираше. Им ставаше големи носеви од самолеплива хартија на сите слики во семејниот албум, им црташе грозни очи среде чело на сите роднини со црвен фломастер. Не зборуваше со никого. Сакаше да пее, ама тивко, тоа беше нејзината порака кон светот. Одвај заврши средно училиште, родителите просто не можеа да ја гледаат како страда од човештвото и ја чуваа дома. А таа неуморно читаше, читаше… Но не се осмели да пишува. Во главата си ги создаваше ликовите, ги пресоздаваше нивните двојници, си ги гушкаше омилените негативци, а се смееше гласно на приглупите карактери. Ја забавуваа неживите живи луѓе во книгите, изолирани од вистинскиот живот, а толку топли, со крвоток од кој ѝ се загрева срцето. Тие никогаш нема да ја повредат, да ѝ кажат лош збор или да ја тераат да јаде спанаќ, нејзиното најнеомилено јадење.

Кога се случија првите денови на мерките поради стравотниот вирус што ја фрли на колена планетата Земја, таа тивко се радуваше. Необјаснив, неразумен а весел страв ја фати дека конечно ќе може да излезе надвор без да се среќава со луѓе. Го правеше тоа рано изутрина, откако ќе поминеше полицискиот час. Со голема љубов ги гледаше уличките празни и пусти, и на нив ги замислуваше ликовите од книгите како шетаат, одважно и храбро. Или некој пајтон што впрегнат во два огромни, црни коња, тргнува некаде кон непознатото. Во една од овие чудесни прошетки на слобода, тргна кон реката. Ги виде сите морски селидби и пиратски бродови од книгите. Знамињата што се вееја на јарболите беа со големи черепи и страшно се виореа. Како знак дека човештвото е во борба со некој невидлив непријател –  си помисли.

Овие мали средби со внатрешното и надворешното за неа значеа нов поредок, нов мир и ново место во себе. Секој ден си пребројуваше колку птици начула, колку маалски мачки пресретнала, како мириса црешата во соседното маало, и сето тоа го чуваше како скапоцена фигурка од слон во витрината на својата душа. Ги режираше сите прочитани книги во празните сцени на градот. Гласно велеше – АКЦИЈА! – и среде глувите улички одеднаш ќе се случеше раздвижена сцена, врволица од луѓе што не постојат. Набљудуваше со вознемиреност и спокојна среќа. Знаеше дека оваа слобода, кога и да е – ќе заврши.

Ана Голејшка Џикова

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново