БИБЛИОТЕКИТЕ НА НАШИТЕ ЧИТАТЕЛИ – ЈОВАНА МАТЕВСКА АТАНАСОВА

БИБЛИОТЕКИТЕ НА НАШИТЕ ЧИТАТЕЛИ – ЈОВАНА МАТЕВСКА АТАНАСОВА

Јована Матевска Атанасова е дипломиран психолог, писател и читател во подзнак. Времето го поминува со ќеркичката во постојана борба да ја оттргне од малите екрани и да ѝ ја всади љубовта кон пишаниот збор, која очигледно во нејзината фамилија има генетска предиспозиција.

„Ако не напишам макар и една реченица во денот, го сметам за залудно потрошен. Поголем проблем имам со складирањето на листовите и тефтерите, тетратките во кои пишувам, отколку со книгите, зашто сум поборник на старомодниот начин на творење, повеќе верувам во сопствениот стисок и ракопис пред секој софтвер и машина. Горда сум на своите дострели, особено на трите награди добиени на реномирани конкурси низ државата и преку 200 напишани раскази“, споделува Јована.

Мајка ѝ сѐ уште ги чува тетратките со нејзините писмени задачи од основно и средно. И додека повеќето девојки сонувале за плакар, таа сонувала за луксузна домашна библиотека.

„Мојата библиотека е во домот на моите родители, каде што секое катче е посветено на книгата. Сакам да бидам опкружена со книги, за мене се неопходни како и утринското кафе. Тие се и поздрав за добар ден и ноќна молитва. Евреите имаат еден интересен поим за ризница, гениза, каде што ги оставаат книгите што сметаат дека се застарени, но бидејќи го содржат името на Јехова, строго им е забрането да ги уништат. И јас имам таква гениза дома, со таа разлика што, според мене, книгата нема рок на траење и некогаш се чувствувам навредено кога ќе се каже „книгава е стара“. Напротив, се гордеам со постарите изданија, имам сликовници и лектири кои датираат од детството на моите родители“, раскажува Јована.

Нејзината библиотека брои приближно 400 книги. Поделена е во неколку катчиња: „Тронот“, „Катчето на женска литература“, „Катче на трилери и безвременски дела“, „Тајното катче“, „Катчето љубов на прва страница“ со книги од ТРИ кои отвориле канал за слободна мисла.

Иако е психолог по вокација, ја избегнува литературата за самопомош, но ѝ се допаѓа кога нејзините начела ќе ги најде суптилно вметнати во некој експериментален вид проза.

– Изданијата кои оставиле белег при моето созревање како книжевно битие ќе ги наведам етапно: „За една грешка мака тешка“, сликовница од 1959 година, првата прочитана, оставина од татко ми; „Хари Потер и каменот на мудроста“ од Џ. К. Роулинг, издание од 2001 година, кога го добив за подарок знаев дека држам нешто вредно в раце; „Црквичето 40 маченици во Битола“ од Владимир Костов; „Најубавото место на светот е тука“ од Франсеск Миралјес; „Совршената дадилка“ од Лејла Слимани и „Папата Јована“ од Дона Вулфолк Крос. Од особено значење ми се и „Речникот на современиот македонски јазик“ од Зозе Мургоски, кој на сопствена иницијатива го добив после дипломирањето, енциклопедиите „Мала енциклопедија Просвета“ и, секако, моето првенче преку кое се родив во светот на литературата, романот „Тамбовските снегови“ – открива Јована.

Признава дека единствената мана како читател ѝ е тоа што не разменува книги. Едноставно, за неа секоја книга е посебна, приказна за себе, достигнат врв од еден животен период. Се приврзува лесно за нив, сраснуваат за неа, а знаеме што се случува со нокот кога ќе срасне во месото, нели?

„Книгите ги сортирам најчесто по издавачката куќа, или по принципи на прочитано и непрочитано. За мене библиотеката претставува збир на сите сетила и спомени, таа е орманот за Нарнија, зашто и кориците, па дури и печатните грешки изискуваат емоции. Книгите се слични на парфемите, го содржат неразделното својство на временска машина. Ако барем еднаш одредена книга кај тебе предизвикала бродолом, не очекувај дека на следното читање ќе испливаш сув на површината“, вели таа.

Моментално ја чита „Кафка на брегот“ од Харуки Мураками, а следна на списокот ѝ е „Аферата Ван Гог“ од Џефри Арчер. Периодов ги запоставила трилерите и се чувствува по малку виновно поради тоа. Ќе го комплетира и Миралјес со „Ичиго-ичие“, иако повеќе ѝ се допаѓаше неговиот белетристички стил со кратките романчиња силни ко еспресо.








Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново