Сегашноста е подарок што треба да се отвори

Сегашноста е подарок што треба да се отвори

Уживајте во извадокот од „Ичиго-ичие“ од Франсеск Миралјес и Ектор Гарсија.

Сегашноста е подарок што треба да се отвори

Откако Сидарта Гаутама почнал да ги учи своите следбеници да се закотват сега и овде, веќе 2.500 години ја ловиме таа сегашност, која толку често ни се топи како снег на дланка.

Во следното поглавје ќе се осврнеме на некои зен-стратегии што нѐ учат како да се задржиме во сегашноста и ќе видиме како еден јапонски монах извршил влијание врз Стив Џобс. Но пред тоа, на крајот на ова поглавје ќе видиме што се случува во нас кога ќе се најдеме во оазата која нѐ штити од страдањата во минатото и стравовите од иднината.

Пред десетина години, во Парадоксот на времето, Филип Зимбардо, професор по психологија на Станфорд, и коавторот Џон Бојд, вака го опишале умот кој е сконцентриран на сегашноста:

Кога сте целосно свесни за себе и за она што ве опкружува во сегашноста, подолго време пливате со главата над вода. Таа состојба не ве спречува да ги увидите потенцијалните опасности и задоволства. Напротив, кога сте свесни за ситуацијата и целта кон која се упатувате, можете попатно да ги поправате работите.

Луѓето кои поголемиот дел животот го поминуваат прогонети од сегашноста, едно вакво искуство може многу да ги промени. Џенифер Акер и Мелани Руд, соработници на Зимбардо, ова го демонстрирале во серија експерименти помагајќи им на одреден број луѓе накратко да го доживеат моментот на „безвременост“.

Според заклучоците до кои дошле, овие луѓе воочиле дека имаат повеќе време на располагање и биле потрпеливи... биле поподготвени да одвојат од своето време за да им помогнат на другите [и] искуствата им станале поважни отколку материјалните добра.

Додека биле во хармонија со моментот, рекле дека биле многу позадоволни од животот.

Резултатите од експериментот покажуваат зошто present, не само во англискиот туку и во некои други јазици, освен сегашност значи и подарок. Сегашноста е секогаш тука, ни се нуди во секој момент да ја направиме незаборавна. Меѓутоа, како и секој подарок, прво мораме да ја отвориме.

Понатаму ќе видиме како да го направиме тоа.


Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново