ЧОВЕКОТ ШТО ИЗЛЕГУВАЛ САМО НОЌЕ

ЧОВЕКОТ ШТО ИЗЛЕГУВАЛ САМО НОЌЕ

Во старо време си живеел еден рибар со три ќерки стасани за мажење. Едно момче сакало да се ожени со една од ќерките, но тој имал обичај да излегува од дома само ноќе, така што луѓето немале верба во него. Затоа најстарата ќерка не го сакала за маж, втората исто така, но третата се согласила да се омажи за него. Свадбата ја направиле ноќно време и веднаш штом останале сами, младоженецот ѝ рекол: 

– Мора да ти откријам една тајна, јас сум маѓепсан и осуден сум дење да се претворам во желка, а ноќе повторно да станувам човек. Постои само еден начин да се ослободам од таа магија, морам да ја оставам невестата веднаш по свадбата и да тргнам да го обиколам светот, ноќе како човек, а дење како желка. Дури кога ќе завршам со обиколката, ако жена ми ми остане верна и ако ги истрпи сите неволји за моја љубов, тогаш засекогаш ќе се претворам во човек.


- Согласна сум со тоа – рекла невестата. Младоженецот ѝ ставил на раката дијамантски прстен: 

– Прстенов може многу да ти помогне ако знаеш да го употребуваш како што треба.
Штом се разденило, младоженецот се претворил во желка и со бавен чекор тргнал да го обиколува светот. Невестата отишла во

градот да бара работа. Сретнала една мајка со детенце што плачело и ѝ рекла на мајката: 

– Дајте ми го в раце, јас ќе го смирам.
– Браво за вас ако успеете да го замолчите – рекла мајката. 

– Цел ден плаче.

– Со моќта на дијамантот – рекла невестата – детето нека се смее, нека танцува и нека скока! 

И детето почнало да се смее, да танцува и да скока. Потоа влегла во една пекарница и ѝ рекла на пекарката: 

– Примете ме на работа и нема да зажалите. Ја примиле и кога почнала да го меси лебот, рекла: 

– Со моќта на дијамантот, сите нека доаѓаат да купуваат леб во овој дуќан, сѐ додека јас работам тука! 

Дуќанот толку многу се полнел со купувачи што едвај постигнувале со работа. Дошле три момчиња кои, кога ја виделе убавата невеста, се вљубиле во неа. 

– Ако ме пуштиш да поминам една ноќ во твојата соба – рекол едниот од тројцата – ќе ти дадам илјада франци.
– А јас – рекол вториот – ќе ти дадам две илјади.
– Јас дури три илјади – рекол третиот.
Таа му ги побарала трите илјади франци на третиот и вечерта го пуштила кришум во дуќанот.
– Почекај малку – му рекла – да ставам квасец во брашното, но и ти можеш да помогнеш, помеси го малку тестото.  


– Човекот почнал да меси, да меси, да меси и, благодарение на моќта на дијамантот, не можел да ги тргне прстите од тестото и месел дури до сабајлето.
– Конечно заврши! – му рекла таа. – Колку време ти требаше!
– И го избркала.
Потоа му рекла „да“ на оној со две илјади франци, го пуштила внатре штом се стемнило и му рекла да подува малку на огнот за
да не се угаси. Тој фатил да дува, да дува, да дува и, благодарение на моќта на дијамантот, не можел да престане да дува во огнот,
надуен во лицето како бабуле, сѐ додека не се разденило.
– Какво е тоа однесување! – му рекла утрото. – Дојде со мене да ја поминеш ноќта, а ти не престана да дуваш на огнот! – И го
избркала.
Следната вечер го пуштила внатре оној што ѝ понудил илјада франци. 

– Јас ќе одам да ставам квасец во тестото – му рекла – а ти оди да ја затвориш вратата. Човекот ја затворил вратата, но со моќта на дијамантот, таа повторно се отворала. И така, затвори-отвори, затвори-отвори, поминала ноќта и дошло утрото.
– Ја затвори ли најпосле таа врата? Е па сега, повторно отвори ја и да те нема.
Разгневени, тројцата мажи отишле да ја пријават во полиција.
Во тоа време немало само мажи жандарми, туку и жени, кои ги праќале кога требало да се уапси некоја жена. Така, четири жандармки дошле да ја уапсат невестата.


– Со моќта на дијамантот – рекла невестата – жениве нека си удираат шлаканици сѐ до изутрина. 

И четирите жандармки фатиле да си удираат толку жешки шлаканици што на секое удирање лицата за два прста им станувале понадуени. Кога во жандармеријата виделе дека четирите жандармки не се враќаат, пратиле четворица жандарми да ги бараат. Кога невестата ги видела како доаѓаат, рекла: 

– Со моќта на дијамантот, маживе нека почнат да играат долга магарица – и во истиот миг, еден од жандармите се наведнал, другиот му ги ставил рацете на грбот и го прескокнал, и другите двајца по него, и така почнале да се прескокнуваат еден со друг.
Токму во тој момент стигнала желката со клацкање. Тоа бил младоженецот кој се враќал од обиколка на светот. Штом ја видел жена му, веднаш се претворил во убав младич и така останал покрај неа сѐ до стари години.



Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново