ТРИ прашања со... Винка Саздова

ТРИ прашања со... Винка Саздова

1. Омилено секојдневие ви е она...

Она кога ништо не се случува. Кога денот минува тивко, спокојно, кога тече полека, неосетно, како река пред устие. Кога нема нагли пресврти, мигови што ме поместуваат од точката на сопственото тихување. 

2. Каде би сакале да отпатувате кога сето ова ќе стивне и таму да се роди уште еден роман?

Има толку многу светови што посакувам да ги допрам, доживеам. Тука мислам, пред сѐ, на источните култури. Ама... секогаш постои некое „ама“ во нашите животи. Невозможно е зрнцето песок да се стркала низ сите брегови на Универзумот. Сѐ што може да стори е да светка на сончевината во својот миг, во своето време и простор. Така и јас. Можеби телото ми е заробено, но душата ми е слободна.

Мојата цел е да се нурнам што подлабоко во себе. Има таму светови што ме чекаат, копнеат да бидат откриени. Тоа е најдалечното патување.

3. Лек за душа и радост за мисла ви се...

Тивките моменти во кои макар за миг сум близу и дел од Сѐ. Синото небо, облаците што пловат... никаде, сонцето што скока по езерската шир, утринската роса што сјае врз тревата, есенската магла што налегнала врз полињата, лисјата што шумолат... И да! Радосните лица на саканите. Мигови во кои си велам: Добро е. Сѐ е добро. Тука сум. Постојам. Сум.  

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново