АКО НЕ БЕШЕ ПЕТРЕ, КАКО ЌЕ ЗНАЕВМЕ НА КОЈ КРАЈ ОД СВЕТОТ СЕ РАЗМИНУВААТ ДЕНОТ И НОЌТА?

АКО НЕ БЕШЕ ПЕТРЕ, КАКО ЌЕ ЗНАЕВМЕ НА КОЈ КРАЈ ОД СВЕТОТ СЕ РАЗМИНУВААТ ДЕНОТ И НОЌТА?

„Да беше животот убав, не ќе започнуваше со плачење.“

Со плач започна и еден дамнешен 25 јуни во 1934 година, кога сите тревки во убавата Слоештица го опеваа раѓањето на Петре М. Андреевски, име кое е првата асоцијација за македонската златоречна проза и поезија.

Македонија веднаш го препозна вонземското перо на овој човек што врз грбот го носеше племето наше, пирејот, и неговиот збор што не го ништи ниту една војска. Ништо не ја ништи ниту неговата единственост што носи кон единство.

Петре не создаваше обични дела, тој создаваше историја запишувајќи ја нашата историја. И вечни записи за љубовта. Преку кои нè учи како се сака и како се чува и се воспева љубовта.
Ниту некогаш ќе се напише повозвишена химна на космичката љубов, химна на жената и татковината („Дениција“, 1968), ниту децата повесело ќе растат со други книги освен со „Шарам барам“ и „Касни порасни“, ниту земјата ќе заборави на Јон и Велика („Пиреј“, 1980), на „Небеска Тимјановна“ (1988), на „Последните селани“ (1997) и нивните кобни судбини. Никој не ќе создаде исти како нив, ами секој ќе учи и секој ќе плаче со нивните солзи.

И Петре, како сите нас, се качуваше по животот, таа голема угорница, а уште поголема удолница. „Цел живот трчаме да го откриеме нејзиниот крај, нејзиниот газер. Кај што ќе заврши нашето тркалање. Нашето постојано паѓање.“ Но тој никогаш не падна. Ако Петре паѓаше, тогаш бездната ќе завршуваше со светло небо на надежта. И удолниците се угорници. И зборовите не се само зборови, туку споменици. А ние, наместо да положуваме цвеќиња на нив, ќе ги растеме неговите, та никогаш ништо да не ги ништи тие рајски градини посеани од нашиот учител, од златоустиот раскажувач.

Си припомнуваме на него и на неговите денови како студент на Филозофскиот факултет, како вработен во Македонската телевизија, на сите негови писанија во „Разгледи“, на придонесот во МАНУ,  во Македонскиот ПЕН-центар, во Друштвото на писателите на Македонија и секаде каде што беше дури и кога не беше. На сите луѓе што имале прилика да те сретнат, и сите оние кои секојдневно те среќаваат во писмото.

Си припомнуваме, овој и секој ден кога те читаме, го паметиме и 25 септември во 2006 година кога навидум нè напушти и ни го остави својот дух закрилник.

Зашто ништо не било, ниту ќе остане, „повидливо и поприсутно од твоето отсуство“.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново