ПО 'РБЕТОТ НА ИСКРЕНОСТА

ПО 'РБЕТОТ НА ИСКРЕНОСТА

Рецензија за „Проектот Автентичност“ – Клер Пули од Јована Матевска Атансова

Ако сакате да ги одморите очите од досадното прелистување на социјалните мрежи и времето да го претворите во продуктивно, „Проектот Автентичност“ е четиво со кое се победува дури и читачката блокада. Книга која несомнено ќе ви го збогати духот со своето волшебно и надреално патување до центарот на секоја личност – себеси. Авантурата e раскажана низ животот на неколку странци кои ќе се поврзат преку патувачката тетратка. За ова книжевно остварување, преведено на македонски јазик, Клер Пули создава амбиент како во романтичен филм под капата на „Холмарк“. Она што е, сепак, впечатливо во жанровскиот коридор се емотивните превирања. Прашањата кои ги потегнува ракописот се егзистенцијалистички, создаваат една дводимензионалност на психологија во проза. Дали случајностите се засновани врз принципите на нашите одлуки? Ваквата венозна раскриленост Пули ја користи за да ги вкрсти судбините на неколку луѓе чии животи се чинат како пропаднати инвестиции – работохолик и зависник, неостварена жена во биолошка смисла предадена на компулзиите, мајка чиј живот се води зад заштитното стакло на мобилниот екран, старец кој проповеда душевна хармонија, а живее во алузија, наивен младич пропаднат во жариштето на спонтаноста. 

Одненадеж нивните монотони и бесцелни животи се менуваат. Моника го наоѓа бескомпромисното уживање, Хазард чекорењето на цврсти нозе, Џулијан соочувањето, Рајли вербата. Но како? Дали една секунда просветленост е помоќна од децении талкање?

Што доколку, за да ја откриете вистината, треба својот товар да го споделите со група непознати?

Најголемите вистини често остануваат неизговорени како уште еден крик на интроекцијата. Луѓето се плашат од зборот, исто како што некогаш нашите предци се плашеле од огнот. Дури и спитомен, тој има својство да опожарува и гори. Токму затоа, многумина го одбираат полесниот пат, ги оставаат тие апстрактни зборови без своите потомства, без материјализација.

Асертивноста или отвореноста е помошна алатка на емпатијата. Преку неа се канализираат сопствените негативности. Модерниот човек сѐ почесто го користи селективното слушање наместо активното зборување. Оваа себична желба да се истроши сопствената енергија без да се полниме со туѓата, е донекаде солиден одбранбен штит, поттикнат и потекнат од длабоките нагони на самоуништувањето. И што се случува кога, причински или не, си ги покриваме усните? Што со преполнетиот бунар кој мора некаде да се излие? Тогаш ги обликуваме мислите во графеми. Повторно, тие не се произведени низ нашиот говорен апарат, па можеби затоа ги сметаме за помалку опасни продукти на спознанието. Ваквото „истурање“ на хартија е полезно, затоа што луѓето се плашат од сопствените мисли, колку чудно и да звучи, со оглед на тоа дека тие се раѓаат и живеат во нас.

И што прави Џулијан? Дали несвесно или потсвесно, две многу блиски колокации, ја заборава тетратката во кафулето на Моника? Во вртлогот на сопствениот занес тој добива идеја да се замеша во туѓ живот, знаејќи дека ваквата фузија ќе има доживотни последици за другиот. Има ли право? Или бара искупување за сопствената непостојаност?

Сведоци сме на судбини чија цел е да живеат повеќе во животот на другите, на сметка на незадоволството од удобноста во сопствениот. Иако хаосот носи нов поредок, почетната точка на „Проектот Автентичност“, Џулијан не размислува така, туку бара начин да започне нов проект доволен да го извлече од монотонијата и преградите на своето преостанато постоење.

Одбирајќи ги животните приоритети како здрави намирници, се случува да погрешиме давајќи приоритет на наметнатите вредности кои завршуваат со расекување гнил пресек. Често овие врeдности се истите кои најмногу привлекуваат очи, а од друга страна се и најозлогласени за површно расудување, изгледот и интелигенцијата.

Сите ликови на Пули запаѓаат во ваквата оптичка мамка: Моника се трка со времето да се оствари како деловна жена, а копнее да биде домаќинка, Хазард е работохолик и доживотен хедонист без да научи дека најубавите хоризонти се доживуваат кога човек ќе забави, Џулијан му робува на минатото затоа што иднината му предизвикува анксиозност и заборава на убавината на сегашниот миг, Рајли е импулсивен и инфантилен, вечно момче кое заборавило на приоритетите во Недојдија, а Алис тежнее да биде сакана, читај лајкувана, на таков начин компензирајќи за несредениот интимен живот и збрката околу мајчинството.

Дали ни е поудобно да влеземе во трета, независна приказна и дури тогаш и таму ги согледуваме сопствените слабости? 

Понекогаш „моето е над сè“ е поразително и паралелно исцрпувачко. Не е едноставно да застанете на раскрсницата и да го одредите правецот на своето движење, ако не сте искрени со себе што сакате да постигнете на тој пат: голема брзина и заштедено време или безбедно стигнување на целта. Оваа искреност е срцевината и виталниот дел на „Проектот Автентичност“, ’рбетот кој, доколку сме решени да биде наша животна промена, ќе нè придвижи кон нови видици. 

  1. Љубопитноста е уште еден начин да се проектира сопственото незадоволство.
  2. Надминатите препреки ја зголемуваат нашата храброст.
  3. Го освојуваме животот преку желба.

Ја препорачувам за сите кои имаат потреба од промена, но не преферираат класични психолошки четива.

Одлично се комбинира со тивка музика за медитација. 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново