Три книги што ме направија посилна жена – Винка Саздова

Никогаш не сум ги сакала поделбите машко–женско. Ниту во животот ниту во творештвото. Сметам дека создава и дејствува битието, а не полот. Мојот отпор кон овие поделби го засилува и фактот што жената, барем до блиското минато, ако не и сега и денес, сѐ уште во многу микросредини се обезвреднува, обесправува. Но, тоа се други муабети.
Кога зборуваме за литературата, женското писмо веднаш се препознава. По суптилноста, по описите, по начинот на изразување на чувствата. Иако постојат автори кои толку длабоко навлегле во женската душа преку своите хероини што би ми го оспориле кажаното, спознанието. (Ана Каренина на Толстој, Захра на Тахар Бен Желун во „Светата ноќ“, Велика на Петре М. Андреевски во „Пиреј“.)
А од авторките има неколку кои ми се присрце, кои длабоко ме допреле. Меѓу нив се Арундати Рој, Маргерит Дирас и Јагода Михајловска-Георгиева.
„Богот на малите нешта“ од Арундати Рој
Оваа индиска писателка е женскиот Достоевски на денешницата. Расен раскажувач кој длабоко понира во човековите судбини. Прониклив запазувач на деталите, на миговите кои значат вечност. Го има и тоа што авторот мора да го поседува: непредвидливост. Делото секогаш треба да го изненади читателот, да го испревари. А Рој е вистински мајстор на изненадувањето. Има описи, запазувања, мисли и размисли, сплетки и разрешници кои буквално ќе те занемат. Зар е можно? си велиш, онемен пред зборовите на оваа голема авторка.
Трилогијата „Љубовникот“, „Животот“, „Болката“ од Маргерит Дирас
Нема вистинско творештво ако тоа за коешто пишува авторот низ него не е поминато. Ако не е доживеано, одболедувано, исплакано, изнарадувано. Читателот тоа секогаш го препознава. А една од најискрените, најразголените авторки е токму Дирас. Нејзиното четиво е живо, боли, допира до читателовите душевни длабочини.
Една од нејзините реченици во „Љубовникот“: „Премногу рано во мојот живот стана премногу доцна“, е антологиска мисла. Безвремена. Безгранична.
Дирас е една од ретките авторки кои посакувам да можев да ги сретнам. Да си позборувам со нив. Да ја сетам, и во живо, нивната едноставност, а силина.
„Каменот од твојот ден“ од Јагода Михајловска-Георгиева
Една од најинспиративните книги што сум ги прочитала досега (а навистина сум прочитала многу, верувајте). Додека го читаш „Каменот“, ти си хероината со слабо, кревко тело што се качува на Хималаите. Ти си таа што научува да не претрчува пред времето, да верува, да донесува вистински одлуки, да узнае, вистински, дека границите се во нашиот ум, и никаде другаде.
Јагода е учител на добрата волја, на светлината што секој од нас ја носи во себе и светот со неа го осветлува.
И за среќа, таа е тука и овде, и можам со неа да споделувам бескрајни приказни.