СЛОБОДАТА, МОНОГАМИЈАТА И ПАТРИЈАРХАЛНОСТА

СЛОБОДАТА, МОНОГАМИЈАТА И ПАТРИЈАРХАЛНОСТА

Како може да си верник за Господ, а агностик за тоа дали ќе имаме секс?“ 

Пишува: Ана Јовковска

Инспирирана од „Возбудливи времиња“ на Ниша Долан

 

Секогаш кога читам за слободата и љубовта, ми се вклучува црвеното ламбиче в глава – до каде сум јас со овие бастиони во животот? Колку повеќе навлегувам во наративот меѓу моногамијата и патријархалноста, толку позбунета станувам...

„Утрото имавме секс и некое време се чувствував безбедно, спокојно, разбрано. Има нешто шекспировски кога надмоќен маж ти ја лиже: паднаа моќните, си легнаа на брашното. Потоа се решетавме со зборови. Кога ќе се случеше тоа, беше фантастично. Во многу работи не ме бидуваше, но ме бидуваше за мажи, а Џулијан беше најбогатиот маж за кој ме бидуваше. На Џулијан му се допаѓаше што е зафатен човек. Зафатеноста претставува статусен симбол.“ Овие се зборовите на Ејва, главната хероина во романот „Возбудливи времиња“ на ирската авторка Ниша Долан. Не можејќи да се помири со конзервативните сили во нејзината родна Ирска, Ејва заминува да живее во Хонгконг. Но воопшто не е важно каде локациски е сместено дејството во овој храбар и забавен роман, бидејќи приказната е универзална потрага по слободата. Главниот фокус само навидум е љубовен триаголник меѓу еден маж и две жени, во суштина е приказна за распетлувањето на себството, за преоткривањето на сопствената сексуалност и флуидноста на родовите идентитети. 

 
 
 

Ејва е во сексуална врска со типичен богат банкар, кој би ја продал и мајка си за да си го збогати портфолиото. Тој е олицетворение на луѓето кои гледаат само кон иднината, никогаш не осврнувајќи се кон минатото и болката, кои трчаат по бонуси, по клиенти, секогаш голтајќи ја прашината на она по кое копнеат. Портрет на маж кој на својата партнерка ѝ купува подароци за да ги пополни празнините за кои никогаш нема да може да ѝ се довери. 

„Бев тажна во Даблин – си реков дека за тоа е виновен градот и си мислев дека одењето во Хонгконг ќе помогне. Пред да се пресели во Хонгконг, Џулијан студирал историја на Оксфорд. Луѓето кои дипломирале на Оксфорд имаат навика да го споменат тој факт во разговор дури и кога никој не ги прашал. Тој навистина беше во трка со времето, па речиси бев убедена дека претпочита да се среќаваме кај него зашто така му е позгодно. Го прашав дали банкарите имаат време за романтични врски. Беше толку самоуверен што не ни забележуваше дека го критикувам. Разликата во нашите финансиски состојби беше претерано голема за да се чувствувам непријатно. Имав чувство дека ме ослободува од потребата да размислувам за родовите импликации што дозволувам тој да плаќа за сè. Тоа што престојував во неговиот стан можеби беше разидување од капиталистичката замисла дека вредам само доколку самата се издржувам. Или можеби ме правеше лоша феминистка.“ Низ навидум романтичните дилеми на Ејва, всушност, се протнува остра критика на капитализмот и сексизмот. Меѓу нејзината носталгија за Ирска се начнува и темата за забранетиот абортус, а критиката на класните разлики се пресликува во нивниот сексуален однос на моќ. Имено, како што во еден миг главната јунакиња ќе рече: „Сметав дека сите сексуални склоности откриваат нешто длабоко за луѓето“. 


Психолошката комплексност на романот нè носи до прашањето – дали Ејва избира богати партнери со цел да си го смири неспокојот што го чувствува околу класните разлики? И таман кога сме помислиле дека нивната врска се зацврстува и од социјален експеримент преминува во вистинска интимност, се појавува Идит. Љубовниот триаголник меѓу еден маж и две жени станува заплеткан кога на регистарот на чувствата на Ејва ескалираат љубовни вибрации кон новата девојка. „Можев да ја сакам Идит без да сакам девојки, а исто така, сметав дека не можам да сакам девојки без да ја сакам Идит. Но со Идит можев да бидам колку сакам левичарски настроена, само не знаев како да звучам паметно. Ѝ реков: Државата треба да ги земе сите хотели во Даблин и да ги претвори во станови за социјално загрозените... Уживав во разговорите во кои не се обидував да убедам некого, во кои го кажував она што го мислев. Ми дојде прекуглава да избегнувам да го кажувам мислењето за да ме прифатат“, вели Ејва. Но не се само моногамијата или бисексуалноста главните дилеми на Ејва, туку и општеството како систем кој ја задушува индивидуалноста на луѓето, не оставајќи нѐ да бидеме слободни и свои. 

Низ нејзините критики насочени кон цивилизацијата се сретнуваме и со некои актуелни еколошки дилеми кога се прашува: „Тој ми подари шал од еко-феминистички колектив од Лос Анџелес. Бев скептична како може да тврдат дека придонесуваат за намалување на емисијата на јаглероден диоксид кога шалот бил доставен од Калифорнија до Хонгконг“... И додека размислува дали да остане со Џулијан или целосно да ѝ се предаде на Идит, на таа спрега помеѓу моногамијата и патријархалноста на која се сретнуваме со мизогинистичката тропа дека жените не сакаат фини момци, па сè до поетесата Сафо од островот Лезбос како симбол на љубовта и страста меѓу жените, Ејва се губи себеси. Во своите исповедите, таа вели: „Сакав да ѝ го објаснам тоа на Идит – дека кога го држам Џулијан за рака е како да држам пропусница за во музеј, а кога ја држам неа за рака е како да држам граната. Бев безбедна во мојот изолиран однос со него. Џулијан не ме правеше среќна, но би западнала во далеку пострашна состојба ако Идит ме напушти. Таа ме вивнуваше до облаците. Но понекогаш чувствував дека и од таквата среќа се криев“... 

На крај остануваат отворени прашањата: Дали Ејва ќе раскине со љубовта на нејзиниот живот бидејќи виде колкава моќ поседува да ја повреди? Се плаши ли од блискоста со Идит? Дали го одбира Џулијан затоа што ѝ овозможува да ја негува перцепцијата за себе дека е рамнодушна и независна личност? Дали нејзината ранливост ќе има храброст да се коцка со слободата и среќата?

Се разбира дека нема да ви откријам, но топло ќе ви го препорачам романот „Возбудливи времиња“, за кој филмското студио „Амазон“ ги откупи правата за екранизација. Првпат ја читам ирската авторка Ниша Долан и сè што знам за неа е дека на 27-годишна возраст ѝ бил дијагностициран аутизам, за што отворено зборува на социјалните мрежи и во интервјуата. „Возбудливи времиња“ (2020) е нејзин прв роман, кој наскоро по објавувањето стана бестселер на „Сандеј тајмс“.

...Ми требаше да бидам со Џулијан пред да можам да те сакам. Бев исплашена првиот пат кога имав секс со него. Мислев дека нема да ме бидува и дека ќе ме мрази. Бев исплашена што и да правев. Бев исплашена и со тебе, но бев подготвена да бидам исплашена...

 За Приказни.мк АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa, писателка и менторка за личен развој

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново