НЕКА СВЕТЛИНАТА НЕ ТЕ ПЛАШИ

НЕКА СВЕТЛИНАТА НЕ ТЕ ПЛАШИ

Завршив со чистење. Предновогодишна генерaлка. И таман кога ми дојде убаво на душата дека сè околу мене е светнато и чисто, моето петгодишно дете реши да прави експеримент. Од оние детски обиди кога чашата со течност во боја прелева врз тазе изрибаните килими. Готова бев да писнам, да почнам да викам, но за миг успеав да се смирам и да се сетам дека Марфи е тука за да ни ги тренира нервите и да нè потсети дека не смееме да ја изгубиме контролата кога се децата во прашање. Па, така, подголтнав и му ја охрабрив љубопитноста на моето дете да прави експерименти што јас (една педантерија) ќе ги платам со нервите. Откако ми помина бранот на нервоза, размислив дека најважното нешто што можеме да му го дадеме на своето дете, покрај љубовта и грижата, е слободата да истражува, да ги поместува границите, да експериментира и да учи низ сопствените искуства и грешки. Љубопитството е една од најважните работи кај децата

Набрзо потоа, сфатив од каде му дошла желбата да прави експерименти... Со татко му ја читале книгата „Мистериозниот остров“ во која главните јунаци Стела и Сани со својот чамец ќе се најдат на еден мистериозен остров на кој како Пандорина кутија им се отвораат бројни изненадувања. Авторката на оваа интерактивна сликовница, Бистра Георгиева, им ја дала целата слобода на децата сами да си го одберат крајот на авантурата. Низ мапата која ја следел мојот Алекс, стигнал до експериментите од кои се инспирирал да направи нешто слично дома (се смее). Ме заинтересира тој интерактивен пристап и повеќенасочен процес на читање, па истата вечер ја „голтнавме“ другата книга „Стела, Сани и јас“, во која илустраторката Наталија Лукомска направила прекрасни цртежи за детската имагинација.

Неколкупати досега, пред спиење, Алекс ми повторува дека му е страв да заспива сам во темница. Тоа е вообичаена фаза кај малите деца на која не обрнувам посебно внимание, но како „ќец на десетка“ ни дојде приказната во која едно непознато суштество се плаши од светлината. Па, така, додека е вообичаено децата да се плашат од темница, имаме книжевен лик кој се плаши од светлина! Одлично превртена пирамида на стравовите! Тоа ме поттикна да поразговарам со своете дете дека секој страв е легитимен, колку и за некого да изгледа чудно. Тогаш Алекс ме праша од што сум се плашела јас кога сум била мала. Му објаснив дека и ден-денес некои работи ме застрашуваат, но кога зборуваме искрено и отворено за нив, стравот се смалува, а храброста расте, нешто како носот на Пинокио (се смее). Се обидов да му кажам дека сите, всушност, се плашиме од нешто, секој од нас од различни работи. Осетив дека му олесни и дека се почувствува некако посилен што не е единствениот кој се плаши...

Разговорот му се допадна, а богами и содржината на книгата, па во неговото вообичаено пролонгирање на спиењето („мама, те молам ако може уште десет минути да си зборуваме, па после ќе спиеме“), успеа да протне читање на уште една сликовница – „Стела, Сани и фамилијата Фламингоси“. Меѓу прекрасните илустрации пронајдовме тажна, но моќна порака за уништувањето на природата. Се разбира, најсуптилно стокмена низ јазик и слики што дете од претшколска возраст би можело да ги разбере. Главните херои во оваа сликовница се тажни поради преселувањето што мора да се случи заради езерото коешто се суши. Хм... глобалното затоплување завиткано меѓу кориците на Стела и Сани. Се замислив и јас за некои работи...

Утрото, кога се разбудивме, продолживме со нашите вообичаени ритуали – чајче, цеден сок од портокал и лимон, читање, цртани филмови, танцување (читај рипање) на музика, но овој пат Алекс сакаше да ја чуе последната приказна за „Едно непознато суштество“ што ни остана недочитана претходната ноќ. Ќе цитирам дел од книгата: „Ние сме Сани и Стела, сакаме да те запознаеме и да се дружиме – му се обратија. – Здраво, но јас се плашам – конечно проговори суштеството. – А зошто се плашиш? – се зачуди Стела. – Затоа што не изгледам како вас. – А страшно ли си? – праша Сани. – Па никому не правам ништо лошо. Значи, не сум страшно, само сум поинакво од вас“...

Сигурно сфаќате дека мајка му на Алекс „падна“ на оваа силна порака за прифаќање на различноста кај другите, недискриминација и емпатија. Но не е важно дали ние, возрасните, обучени со сите мисловни апарати, ќе ги препознаеме пораките во приказните, туку важно е дека децата, и покрај нивните недоразвиени когнитивни процеси на одредена возраст, сепак, на ниво на емоција – што е уште подобро – можат да почувствуваат неправда, да препознаат што е добро, а што лошо и да развиваат емпатија како една од најважните особини за човекот.      

Читањето е прекрасен ритуал со кој ја зацврстуваме врската со нашето дете. Раскажувајќи за различни ситуации и откривајќи му ги силните емоции на детето, ние, всушност, ја зајакнуваме нашата блискост. Од втората до шестата година во животот се одвива вистинска експлозија на чувства кај децата. Колку повеќе детето го доживува светот како сигурно место во кое има простор за чувства, толку подобро ќе му биде во животот, сметаат психолозите. Или, како што вели Монтгомери: „Петгодишното дете почнува да бара значења во сè, да поставува прашања за животот, за смртта, за ѕвездите на небото... Ова е филозофската фаза од детството“. Не мора да знаете сè и да имате одговори за сè, но мора да ја споделувате љубопитноста со своето дете.

Убедена сум дека децата разбираат многу повеќе одошто ние возрасните мислиме. И како што вообичено трошам многу пари на книги, овој пат, во оваа предновогодишна еуфорија, се преориентирав на илустрирани книги за деца. На мојот син му градам библиотека со добри книги и сликовници. Сите знаеме колку е важна улогата на литературата за социо-емоционалниот развој кај децата. Не залудно се вели дека „дете што чита е возрасен што размислува“! Затоа, годинава на Дедо Мраз му пишавме писмо да ни донесе многу книги!

За Приказни.мк АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa, писателка и менторка за личен развој

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново