ЉУБОВТА Е ХРАБРА ПОТВРДА НА НАДЕЖТА

ЉУБОВТА Е ХРАБРА ПОТВРДА НА НАДЕЖТА
Оној што мисли дека љубовта треба да е разумна, очигледно никогаш не љубел вистински. – Смоквата

Пишува: Ана Јовковска
Инспириранa од „Островот на исчезнатите дрвја“ од Елиф Шафак

„Не оди да се вљубиш среде граѓанска војна, опкружен од сите страни со крвопролевање и омраза. Не го облекуваш најубавиот фустан и не си ставаш цвет во косата кога си опкружена со урнатини и срчи. Не си го даваш срцето во времиња кога срцата треба да останат затворени, особено за оние што не се од твојата вера, од твојот јазик, од твојата крв. Но ете, тоа им се случи ним двајцата. Љубовта е храбра потврда на надежта“....

Во животот ни се појавуваат мостови само тогаш кога сме спремни да ги преминеме. А човечкиот ум му е на човека најчудното место, и дом и егзил. Замислете си златни плажи, тиркизни води, ведри неба... Месечина чиниш ќе ја дофатиш со рака, фрла јасна светлина по тесните сокаци и улички со калдрма. Остров. Кипар. Никозија. Уште едно име на списокот на сегрегирани места и поделени општества. На убавиот пејзаж се лепат шепотливи гласови кои шират недоверба и страв во мракот. Островот е располовен. Во различни делови се зборува различен јазик, има различни писма, дури и сеќавањето на луѓето е различно. Кога тие, островјаните, се молат, ретко му се молат на истиот бог. „И додека верите се во постојан судир за тоа кој го има последниот збор, а национализмот нè учи на примат и посебност, суеверијата од обете страни на границата се пример за соживот и ретка слога. Жените од островот ништо не ги зближува толку колку бременоста. Ова прашање не знае за граници. Отсекогаш сум верувала дека трудниците во светот се како посебна држава. Ги следат истите непишани правила, а ноќум, кога ќе си легнат, в глава им се вртат истите грижи и стравови“. 

Низ оваа нарација извонредната британско-турска авторка Елиф Шафак нè потсетува на Кипар од 1974 година, на островот каде што има доволно луѓе што би мразеле да видат Турчинка и Грк во романтична врска, како Дефне и Костас, а пак бројот им е четирикратно поголем ако двојката е во истополова љубов, како Јоргос и Јусуф, сопствениците на меаната „Среќна смоква“. Нејзиниот последен роман „Островот на исчезнатите дрвја“ не е само приказна за љубовта и болката, туку храбро сведоштво за животот на првата генерација емигранти од медитеранските краишта во ветровитите градови и метрополи на Западот: „Оние, што по толку години, сè уште смислуваат начин да го прошверцуваат своето омилено сирење со остар мирис, домашниот таан, сирупот од рогачка, слаткото од млади ореви... Бескрајно благодарни поради шансата што им ја дал животот, но носат рана поради сето она од што ги лишил – вечно невклопени и отцепени од другите“.

Ова не е само приказна за кондензираната омраза меѓу различните, туку исповед на девастираното човештво и природа од конфликтите и војните. Приказна за припадноста и идентитетот, сеќавањето и заборавот, обновата и зацелувањето. Во оваа приказна раскажува и една смоква. На еден остров што со години го прогонуваат етничко насилство и брутални злосторства, не страдаат само луѓето. Страдаат и дрвјата и животните. Секогаш кога има војни, нема победници – ни меѓу луѓето ни меѓу останатиот жив свет. Имено, како што на Твитер ќе напише и Маргарет Атвуд: „Прекрасен и трогателен роман за мрачните тајни на граѓанските војни и злата на екстремизмот. Кипар, љубовници од различни вери, оштетени деца, откоренување – и замислете, еден од ликовите во книгата е смоква!“ Ако семејствата личат на дрвја, разгранети стебла со испреплетени корења, тогаш семејните трауми се густа проѕирна смола што тече од засекот на кората. Смола што капе со поколенија...

Во првите поглавја на „Островот на исчезнатите дрвја“ ја среќаваме Ада, ќерката од мешаниот брак меѓу Турчинката Дефне и Гркот Костас. Шеснаесетгодишната Ада чие име, на родниот јазик на мајка ѝ, значи „остров“. Ада носи тага што не е наполно нејзина. Таа има чудна перцепција да ја забележи тагата кај другите – на нејзиниот симпатија му ги гледа модринките под маицата. Модрило што ти ги пара очите. Всушност, ова момче кое секогаш бие шега на школо и зрачи со самодоверба, дома јаде ќотек од својот татко. Иако млада, Ада е свесна за болката, насекаде и во секого. Во својата апсолутна осама, таа се чувствува цела. Но нејзината емоционална напнатост еден ден кулминира во вресок кој е мешавина од очај и надеж. Вресок со кој кажува дека ѝ е доста! Низ овој крик, таа непланирано покренува глобална треска меѓу младите наречена „Врескам во себе“. Никогаш не се чувствувала толку разголено, а толку моќно.

Таткото на Ада, Костас Казанцакис, еволуциски биолог и ботаничар, работохолик кој претпочита да биде меѓу дрвјата наместо меѓу луѓето, е еден од главните протагонисти во оваа приказна која длабоко ме трогна. „Изминаа многу лета откако избегав од тоа место, се качив во авион со куферот од црна мека кожа, со ниет никогаш да не се вратам. Оттогаш се одомив во друга земја, во Англија, каде што потерав и се разгранив, но ни ден нема изминато без чемерот да се вратам. Дома. Во татковината.“ Во оваа изјава препознаваме колективна болка, судбини на многу луѓе кои заминале напуштајќи го својот дом. Но легендите постојат за да ни го раскажат она што историјата го заборавила. Минатото е едно мрачно, изопачено огледало. Се огледаш ли во него, само сопствената болка ќе ја видиш. Таму нема место за туѓите болки. Па, Шафак ќе праша: „Ако не си го разбираме минатото, како да се надеваме на подобра иднина?“ Авторката извонредно нè потсетува и на тоа дека „картите се плоскава претстава од произволни симболи и испрекинати линии што решаваат кој ни е непријател, а кој побратим, кој е достоен за нашата љубов, кој за нашата омраза, а кој само за нашата рамнодушност. Картографијата е уште едно име за приказните што ги раскажуваат победниците. Но приказните на оние што изгубиле – тие немаат име“.

Имено, во оваа приказна за забранетата љубов и за вештачки исцртаните граници, сфаќаме дека на некои работи границата не може да им го попречи патот. „На пример – пеперутките, скакулците и гуштерите. Одвреме-навреме, и роденденскиот балон што се измолкнал од детското раче лета на небото и заталкува на другата страна – на непријателска територија.“ Сличностите и поделбите се огледуваат и низ храната, како срце на секоја култура. Така, на пример, тетката на Ада, Мерјем, ќе рече за баклавата: „Ние Турците ја правиме крцкава, со печени ф’стаци... Грците ја прават со непечени ореви“. Низ дијалозите со својата тетка, Ада се сеќава на мајка си, која ги разбираше палавите мисли, како темната страна на месечината. Ликот на Дефне се провлекува низ целиот роман, од нејзината младост и убавина, сè до траумите што ти го корнат срцето.

А кога сме кај корењата, туку е и Смоквата, како сведок на сите премрежиња на забранетата љубов, бруталноста на национализмот и уништувањето на природата. Во еден момент, Смоквата, која е донесена од Кипар во Англија, ќе рече: „Како што старееш, сè помалку ти е гајле што мислат другите за тебе, и само тогаш можеш да бидеш послободен. А годовите на дрвото не само што му ја одредуваат староста туку и траумите што ги доживеало. Времето е линеарно за луѓето, уреден континиум од минатото со кое треба да се раскрсти и да се оди напред кон иднината, која ја сметаат за недопрена, неизвалкана. За нас, дрвјата, времето е циклично, повторливо. Дрвото е чувар на спомените. Нам, на растенијата, ни останува да го собереме нераскажаното, непожелното. Како мачка што се стуткала на омиленото перниче, дрвото се извива околу останките на минатото“.

И додека верскиот и етнички фанатизам е болест што се шири како вирус протерувајќи илјадници луѓе од своите домови, Костас ѝ пишува писмо на љубената Дефне во кое вели: „Ти си мојата татковина. Без тебе, немам дом на овој свет“. Носталгично се сеќава на нејзините очи што повторно ќе ги види кога првпат по дваесет и пет години ќе се врати во родното место. „Годините ѝ изрезбале брчки на лицето. Но она што беше најсменето кај неа беа очите: стаклеста непробојност се вселила во тие крупни, тркалезни кафени очи.“

Трагедијата е преголема за да ви ја раскажам до крај...

За Приказни.мк АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa, писателка и менторка за личен развој

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново