ЗА ТОЧКАТА СКРИЕНА ВО ПРАШАЛНИКОТ

ЗА ТОЧКАТА СКРИЕНА ВО ПРАШАЛНИКОТ

Често одговорот е „скриен“ на мегдан, пред нашите очи, само колку навистина сакаме да го спознаеме кога е претставен во својот изворен облик, слеан со околината? Можеби душевното слепило е уште еден телесен додаток, одбранбен механизам кој не е класифициран како таков знаеjќи дека луѓето сакаат да се претопат во неговата достапна анонимност. Некои одговори едноставно носат болни вистини чии призвуци не сме подготвени да ги изговориме гласно.

„Трагачот“ на Тана Френч вклучува една загадочна нишка која ќе ве остави бессони, таа раскажува за да го провоцира читателот да бара повеќе. Впрочем, нејзиниот стил е хибридна литература во која се спојуваат трилерот и драмата, со една несвесна и спроводлива подреденост на мотиви вклопени во структурата како повеќебројни запченици.

Култивирајќи повеќе жанрови истовремено, Френч ја носи струјата на неизвесноста на суптилно спакувана јадрена фузија од хаотични мисли и дивергентни ставови. До претпоследното поглавје се чита како драма, за да го откриете на крај експлозивниот трилерски момент. Етапна и мудро осмислена, како завиткан подарок, одминувајќи ги страниците, ја соблекувате за да стигнете до најсочниот дел.

Дејството е сместено во ирската периферија, во руралното место Арднакелти, каде што единствената забава е пиењето потин во гостилницата „Шон Ог“ и одгледувањето домашни животни. Френч решава тука да го пресели поранешниот полициски службеник Кал, кој неутешно бега од пропаднатиот брак и далечната врска со својата ќерка единица, обидувајќи се и физички да се дистанцира за да не му страда само срцето, туку и телото во еднаква мера.

Но ова бегство ќе го затекне неподготвен кога наидува на еден неочекуван гостин додека се обидува да ја поправи старата куќа, остаток од некогашна фарма. И иако и нему овие обележја му мирисаат на бледи и тегобни хорор-елементи, не сакајќи навлегува во еден мрачен тонус на настани, кои се чинат безизлезни, колку бесконечните низи на Лудолфовиот број, најпрецизното обиколување на спиралата од почетната точка. Она што и Кал се обидува да го реализира со својата преселба. Несвесно започнува да го живее животот во еден морбиден ефект на фотографска комора.

Двајцата нови пријатели го тегнат како два спротивставени импулса – Треј го убедува во помислата дека братот кој исчезнал не избегал од дома, туку му се случило нешто морничаво, додека Март се обидува да го одврати од идејата да стане крупие во гратчето во кое секој жител е една карта од шпилот. Штом еден ќе падне, никој не ќе успее да поентира.

Оваа заштитна ограда го тера Кал да си ја преиспита импулсивната одлука да се исели од градот што му ја давал на времето удобноста на светот, во место кое ја става во прашање неговата безбедност.

Но низ книгата особено се истакнува човечката вештина за туѓа грижа, стекнатата рутина да ги решаваме проблеми кои директно не нѐ засегаат компензирајќи ја сопствената немоќ. Ваквиот амбициозен заплет е, всушност, и седлото од кое започнува потрагата, не толку по вистината колку по онаа страна што се развива кога човек интимно ја допира природата, кога го пие слузот од жилите на дрвјата, ги лови нејзините топлокрвни жители, кога учи да ги развива сетилата во согласност со ранобудните петли, но и да го истисне својот грев на долгогодишно отсуство преку искупување, преку проекција врз лице кое штотуку започнал да го распознава низ толпата. Ние сме продукти на менталитетот на природата, на предиспозициите на дивиот свет кои не може долго да се потиснуваат како и инстинктите, но и на мајсторското прикривање на точката, одговорот, внатре во самиот прашалник.

Во поправањето на куќата во која Кал се доселува не е случајно вметнато бојадисување и малтерисување на новоседелец, туку тоа е една метафора која Френч ја користи за да го изѕида Кал, кој ги отфрла скрупулите и на крајот застанува на другата страна на правдата, носејќи валкани чевли и туѓа тајна затоа што се замешал во проблем кој буквално не е во негова надлежност. Дали Кал е трагачот кој ѝ помага на Треј или Треј е сопката која реакционо го отфрла до онаа греда во која, штом се судира, се распаметува?

Колку можеме да останеме приземни додека тлото под нозете ни омекнува? Дали тогаш душата станува тврда, знаејќи дека за да се спасиме мора да се ослободиме најпрво од стравот и привремените окови? А што е срцето без страв и копнеж? Изладена трага на подголтнатата вина и грижа на совеста? Растење во сенката на нашите сурови пориви? Или безимена емоција при чие создавање ја менуваме сопствената супериорност во помошно крило, засолнувајќи го другиот?

Јована Матевска-Атанасова

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново