КАКО СЕ ШИРИ ПОЛЕНОТ НА ВОЈНАТА

КАКО СЕ ШИРИ ПОЛЕНОТ НА ВОЈНАТА

За празните улишта и човечкото осило

Пчелите ги прават најголемите жртви за природата. Тие се носители на животот каков што планетата го познава, вредно го поминуваат својот век во служба на продолжување на севкупната флора и фауна, на планетарниот опстанок. За да расцветаат одредени плодови пчелата дури и мора да навлезе во нив и таму да се разгради, да умре. Човекот не може без нив. Но ете, се однесува како да може. Запалени улишта, луѓе кои ги убиваат пчелите мислејќи ги за оси. Лефтери магично го искористила постоењето на пчелите, нивната работничка природа, нивните колонии и заедништвото како алегорија за крајниот одговор на искривените идеали, војната.

Во Алепо куќите се како кули од карти, урнатини кои потсетуваат на античка некропола, тивки и замрени, се изгубиле шаренилата на богатата чаршија, ресестите килими, егзотичните зачини, растропканите бројаници, пријателското кафе и спонтаните разговори. Спокојниот живот одеднаш е нарушен, од улиштето излегуваат разбеснетите пчели на небото кои своите осила ги полагаат врз некогаш безгрижното Алепо. Веќе не се знае чија рака ќе се крене против твојата, преживувањето е чиста лотарија. Децата, оние невини и топлокрвни битија, ги носат гревовите на своите кревки тела, огрдени од лузните на војната за туѓа и непоимлива цел, запрашени, осквернавени, некои со вкочанети тела...

Мирисот на Блискиот Исток, на големоперсиската историја, веќе одамна не е ист. Пустинскиот песок е заменет со саѓи. Циметот и куркумата се врежани во зениците кои се вжаруваат и се влажнат. Од земјата не ‘ртат растенија, туку оружја, распослани како некогашните дезени на убавите килими. Сиријците како да развиле некој нов условен рефлекс, побеснуваат, вреват, вреват и кога молчат во ќелиите на својата заробена душа. Апстинираат од правото да бидат свои. Наведнатата глава и безгласните грла се првата одбранбена линија, волшебниот килим кој за миг ќе ги однесе некаде каде што ќе бидат безбедни. Ама безбеден ли е човек ако не е во својот дом? Ако доживотно се соочува со прекарот „мигрант“? Тие мигови на „волшебниот килим“ траат цела вечност, многу подолга од 1001 ноќ.

Што гледаат детските очи кога го напуштаат светот исполнет со неправда, заковани отсутно за небото, како неподвижните стакленца на Сами? Ја бараат ли пчелата која ќе навести нова пролет? Дали во истиот миг кога Сами го напушта светот, Афра го губи видот не сакајќи да сведочи за поголема болка од таа која се распрснала заедно со шрапнелите и во нејзината душа? Таа не сака да гледа повеќе, не сака ни да го памети мртвилото во нив, откако Сами сфаќа дека не може да се бори понатаму. Заѕидани се, непроодни се каналите до душата. Исчадени од катранот на бомбите и војната, од рафалите. Црнила.

Низ дурбинот на сомнежот и стравот, Нури и Афра поминуваат низ најтешката голгота на претворба од еден еволутивен вид во друг. Од човек во ѕвер. Опстанок, моменти на какофоно исклучување од реалноста... Откако го губат својот син единец во едно од многуте бомбардирања врз Алепо, Афра ослепува. Премрежница помеѓу душевен недостиг и физичка загуба. Нури ја преколнува да заминат што побргу, гледајќи како нишанот околу нивната куќа се стеснува, со зголемувањето на непријателскиот снајперски домет кон нивното распаднато домаќинство. Афра е безволна, ја чека смртта, буквално не гледајќи веќе никаква причина да продолжи понатаму, сега, откога срцето ѝ е преполовено и оставено во дланките да крвари. Таа не го гледа, меѓутоа ја чувствува врелината, неговиот сѐ побавен пулс… Нури ја презема улогата на столб, иако таа од искони им припаѓала на мајките, зашто гледа како мајката која е обвиена во тага одбива да го држи семејството цврсто откако врвот на нивното постоење се скршил.

И двајцата развиваат механизми на одбрана: за Афра најудобно е слепилото, таа нема причина повеќе да гледа, па доброволно гостоприма една псевдоагнозија, која колку-толку ѝ го дочувува разумот на место. Нури, пак, ја проектира загубата врз една суреална замисла. Таа му ја дава мотивацијата да стигне до земјата на вечниот дожд, повторно, тотална спротивност од сѐ на што дотогаш бил научен да претставува негово поднебје.

Тука на интересен начин писателката навестува и еден феномен, слепилото наметнато за видливото (во случајот Нури го проследува до Афра) и невидливото (она што навистина се случува зад затворените објективи на душата, интроспекцијата).

После „Подземната железница“ и „Американска прашина“, ова е трета книга која ми го протресе поимот за среќа. Бегството, патот до слободата, поглавја кои нам ни се зададени со раѓањето, се многу повеќе од каприц, но близу крвава перипетија, која со сигурност ќе го држи сочувството на писателот до последната страница. Со ваквите книги се расте, емотивно. Претходно сигурно, поучени од гладот на медиумите, фалсификуван во многу наврати, сме се дрзнале да ги осудиме бегалците. Луѓето кои живеат во постојано движење. Не може секако да ги оспориме и злоделата, кои се веројатно поттикнати од некоја мината злоупотреба, како таа на Афра или на близнаците, а овде зборуваме за злоупотреба која законски во никој случај нема да биде санкционирана. Зошто? Затоа што на мигрантите и барателите на азил гледаме со резерва, како тие да се платеници на нечии пропаганди и режими, па доаѓаат да го заменат стариот рој и да му наметнат нова матица. Дозволува ли природата такви пресврти? Секако. Тоа е тој синџир на посилна алка која ја уништува послабата.

Читајќи ја, ќе се запрашате кој ја започнал војната со Сирија и зошто. Сме чуле за бегалците и азилантите, дури и сме делеле парче земја со нив, но дали знаеме доволно за причините за ваквите крвопролевања? Кој решил да ги откорне децата од мирниот сон и староседелците од нивните вековни легла? Селективното одбирање на податоци кои допираат до нас е еден успешен обид на агресорите да ја остварат сопствената политика на превласт.

Повторно манипулирани од изворите кои се достапни на интернет, а подлежат на индивидуални процени и создавање легенди по пат на стилизација и преамбулирање на една случка, завршуваме во затемнетиот круг, онаа поставена вињета кога сакаат да се затскријат грдите контури на сликата.

Бегалците немаат време да ја оплакуваат загубата на саканите и блиските, инстинктот е тој кој ги поведува кон дестинацијата на опстанокот. Тие се плен кој служи како масовен експеримент во една глобална хистерија. Нивното поведение, ракувањето со орудието „целта ги оправдува средствата“, го осознава и Нури со горкиот вкус на непцата предизвикан од гневот и чувството на омраза и желбата за одмазда, и тоа трипати – кога го губи Сами, кога убива човек и кога дозволува неговата жена да биде обљубена без да ја покаже машкоста преку тупаници.

Морам да кажам дека во книгата ми недостигаше поголемо нагласување на ставот и стравот на луѓето кон бегалците, нивното гадење и резервираност кон новодојденците, но и суровиот експлозивен темперамент на некои мигранти кон граѓаните кои им обезбедуваат азил. Обостраната недоверба ја зајакнува тензијата во јазол и непријателството отвора табори кои од памтивек биле најголема причина светот да ја запознае војната, како плодно земјиште каде што е дозволено да ги отслика своите мрачни и супериорно наметнати импулси над групи или поединци кои ги чувствува под себе.

Би дочекале ли среќен крај ако ја оспоруваме секому потребата да го оствари основниот инстинкт на борба или опстанок?

Солидарност. Пчелите живеат во социјални заедници. Но исто како и луѓето, се однесуваат одбранбено и заштитнички кога некој ќе се обиде да им го наруши леглото, со таа разлика што разлутената пчела може да го почувствува и прикаже својот гнев само еднаш. Потоа умира. Луѓето не. Секој нов обид да се претопат во утробата на гневот ги прави посилни и пожедни. Затоа судбината на вистински градители на природата им е доверена на пчелите. Оние ситни пругасти работнички кои завршуваат сплескани на прозорските стакла. Луѓето уништуваат, пчелите градат. Тие повеќе од кого било ја носат пролетта. Пролетта која за Нури, Афра, Мустафа никогаш не ќе расцути над падините на Алепо. Но примамливата надеж за нова колонија не згаснала. Таа полека почнува да се скицира по белиот лист, да ѕирка срамежливо низ јаболкниците и недопрените пасишта, низ очите на Афра…



Јована Матевска Атанасова

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново