ИСКЛУЧЕНИ ОД ШТЕКЕРОТ НА ЖИВОТНАТА РАДОСТ

ИСКЛУЧЕНИ ОД ШТЕКЕРОТ НА ЖИВОТНАТА РАДОСТ

Пишува: Ана Јовковска

Инспирирана од Продавница за животни промени од Рафаела Жордано

Сиот свет е театарска сцена, а сите мажи и жени само обични актери. – Шекспир

„Криво-лево, нивниот брак издржа четиринаесет години. Два циклуса од по седум години. А потоа тој запозна друга жена која по неколку недели му зеде сè, и умот и чувствата. Четиринаесет години заеднички живот испарија како некоја евтина колонска вода што немала ни душа ни име. Оттогаш животот ѝ беше ставен на пауза и таа уште немаше смогнато храброст да го притисне копчето ‘продолжи’. Се чувствуваше скаменета однатре, небаре нејзиниот живот е замрзната сцена од некој филм“. На прва си помислив дека станува збор за класична љубовна приказна, но како што навлегував подлабоко во нарацијата, открив трансформирачки роман за „смелорноста“. Првпат налетувам на оваа кованица во книгата Продавница за животни промени од Рафаела Жордано, во која „смелорност“ значи позитивен ментален став. Станува збор за кованица која во себе ги спојува зборовите „смелост“ и „упорност“, означувајќи го оној став од кој произлегуваат мотивацијата и енергијата што ни се неопходни за да се осмелиме да дејствуваме, да почнуваме одново и да смислуваме креативни решенија во секоја ситуација. Целта е да го ослободи умот за да може тој да излезе од премногу нормативниот и ограничен начин на размислување и да ги развие внатрешните ресурси поволни за лично исполнување како што се љубопитноста, ентузијазмот, волјата и упорноста. Убава метафора за духовниот затвор што го градиме сами, а како решетки на него го ставаме стравот од осудата, од туѓото мислење, од неуспехот...

Колку често се чувствувате како да сте исклучени од штекерот на животната радост? Колку често се чувствувате како мајки под притисок? Жени на работ на нервен слом? Кога последен пат си дозволивте да се посветите на некоја работа што не била непосредно корисна? Да одвоите време за да се вратите кон себе и да им дозволите на своите мисли, ум и сетила да се олабават? Кога последен пат си дозволивте да му отворите врата некому кој во животот ќе ви внесе моменти како од филмовите на Алмодовар? Продавница за животни промени ќе ви вбризга адреналинска инјекција која ќе ве потсети дека е време да живеете без кочници, до даска! Да внесете повеќе живот во животот! 

Книга која ќе нè потсети дека кога сме заслепени од амбиции, мислејќи дека сме го „фатиле професионалниот Господ за брада“, се случува да не го забележиме јазот кој се длаби меѓу нас и нашите партнери. Или меѓу нас и нашите деца, поради честото немање време за игра. Заслепени од блескавото огледало на кариеризмот кој е ласкав за егото ама погубен за душата, луѓето ги губат најсуштинските работи. Потценувајќи ги последиците од хроничната неприсутност во семејството, главниот лик Базил ја закопува врската со поранешната жена и детето. Во еден миг тој почнува од нула и ја отвора „Точкеста зебра“ – продавница за животни промени.

„Точкеста зебра“ е бихевиористички дуќан кој не е наменет за класична продажба на корисни предмети, туку место во кое предметите се направени да предизвикаат реакции, да нè наведат да си поставуваме прашања, да ја стимулираат десната мозочна хемисфера. Во нашето општество му се дава предност на „нормо-размислувањето“. Нормирано, односно размислување во утврдени рамки, според диктирани норми. Таквиот систем привилегира одредени аспекти на интелигенцијата, како што се рационалноста, аналитичноста, прагматичноста, ефикасноста... Ја форсира левата мозочна хемисфера. Левата мозочна хемисфера е поврзана со логичното и рационално размислување, додека десната мозочна хемисфера е поповрзана со интуицијата и емоциите. 

Во оваа мала продавничка за животни промени се сретнуваат неколку ликови, сите различни во својот психолошки профил. Лујза Мортеј, една „полицајка за морал“, која не сфаќа колку може да ги задушува луѓето околу себе со својата желба да контролира сè, ни колку страдал нејзиниот сопруг поради тоа што немал ни малку простор или слобода во нивниот брак. Жена чиј детектор за неконформизам силно писка. Жена која не поднесува нетипичност и креативност како што некои луѓе не поднесуваат лактоза. Артур, млад човек без самодоверба, а со огромен креативен потенцијал. Уметник во чиј оклоп на тврдокорен отпадник чука живо и чувствително срце. Дете кое има потреба да му се врати самодовербата и да му се помогне да излезе од спиралата на неуспех. Идеалист кој мечтае да му даде на својот ум широки пространства каде идеите ќе галопираат како диви коњи. Тука е и Џулија, мајка чие домашно секојдневие личи на митот за Сизиф. Жена која не води љубов трипати неделно како што препорачуваат женските списанија. Заглавена во рутинизираниот живот – од работата што веќе не ја исполнува, сентименталниот живот во кој владее космичка празнина, до страхувањата дека не ја врши како што треба својата улога на мајка, оваа жена има потреба одново да се пронајде себеси.


Сите ние треба да ја ослободиме пеперугата во себе. Како што вели авторката Жордано: „Сите во себе криеме едно сензибилно, креативно, слободарско делче што е чудесно кога ќе се пројави, ама кое понекогаш останува закачено со шпенадла во некоја дрвена рамка“. Во нејзината Продавница за животни промени е и главниот херој Базил, човек за кој животот е небаре игра. Романот почнува со неговите зборови: „По четириесет и две години живот, мислам дека денес прилично добро знам од какво дрво сум направен. И сигурен сум дека поскоро станува збор за дрвото на Џепето отколку за дрвото од кое се прави мебелот на Икеа“. Спојувањето меѓу овие неколку ликови плете интересна приказна за желбата да се внесе повеќе живот во животот. Нивната спојка прави тектонски пукнатини низ кои почнува да продира светлина. „Спојте некои личности: не се случува ништо. Спојте некои други личности: одеднаш настанува огномет. Има личности што се гасат едни со други, и други што се ‘палат’ меѓусебно“. Пораката на крајот доаѓа во следнава парафраза: Избегнувајте врски што ве „гасат“ и ве осиромашуваат место да ве потхрануваат.

И бидејќи многупати сум пишувала за стравот, овој пат само ќе потсетам дека таа силна емоција честопати е на пиедестал во нашиот живот. Неизбежно ќе ни биде сопатник, зашто секоја промена и секој пат до трансфромација се придружени со стравови, но стравот може и да го спитомиме. Се сеќавате на мислата на Марк Твен: „Не знаеја дека е невозможно да се направи, па го направија“? Тоа ни кажува дека само тие што бараат имаат шанса да најдат. Смелоста е мускул што се развива со вежбање. Без разлика дали станува збор за љубовта, професионалниот успех или што и да е... јасно е дека среќата не зависи од збирот на околностите, туку од збирот на постапките. Од нашите постапки! Конечно, не постои неуспех, само искуство. Соништата не растат во конзерви за сардини! 

За Приказни.мк АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa, писателка и менторка за личен развој

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново