ЉУБОВ НА НЕОПРЕДЕЛЕНО ВРЕМЕ

ЉУБОВ НА НЕОПРЕДЕЛЕНО ВРЕМЕ

Пишува: Ана Јовковска
Инспирирана од Твојот втор живот започнува кога ќе сфатиш дека имаш само еден од Рафаела Жордано

Звучи претенциозно, ама навистина е така – деновиве ги минав во интроспективна спелеологија истражувајќи ги пештерите на својата душа. Длабоко истражувачка работа врз мојот идентитет (се смее). Бев на море. Таму се обидов да го сменам погледот на моето секојдневие, на рутинизираниот живот, со тоа што го променив филтерот на перцепцијата на нештата, наместо филтерот на телефонот! И покрај тоа што покрај море прогласив развод со технологијата, штом ја видов морската убавина веднаш се пуштив по телефонот како по појас за спасување. Сликав и сликав… сè додека не се фатив себеси дека чкрапам наместо да уживам во мигот. Се потсетив на ветувањето што си го дадов – за развод со технологијата, но не заборавив дека на љубовен план сум со договор на неопределено време. Тоа ми овозможи да пуштам сидро во брачните води и да размислувам кој бран по ѓаволите ја однесе возбудата после дванаесет години поминати заедно…

На вакви размисли ме поттикна книгата Твојот втор живот започнува кога ќе сфатиш дека имаш само еден од Рафаела Жордано, која на едноставен а богат наративен начин ја доловува емоционалната состојба на една четириесетгодишна жена, кариеристка, сопруга и мајка заглавена во стапицата на секојдневната рутина. Романот почнува со зборовите: „Мој сон е секој да може да ги одмери своите таленти и одговорности за својата среќа. Нема ништо поважно од тоа да се живее живот согласно со своите соништа од детството“. Хм... веројатно секој од нас се прашува дали и колку останал доследен на своите соништа. Дали минувате покрај својот живот без да имате храброст да го моделирате според сопствените желби? Дали сте останале доследни на своите интимни верувања, на соништата од времето кога сте биле дете?...

Главната хероиња Камиј ме потсети на феноменот за кој пишува Платон во митот за пештерата: луѓето оковани во некоја пештера имаат сосема лажна слика за стварноста затоа што можат да видат само деформирани слики за нешта што запалениот оган ги проектира на ѕидот зад нив. Ме натера да се прашам – дали со нашите мисли ставаме филтер помеѓу стварноста и нас самите? И како што секоја книга е еден вид фабрика за мисли, така и оваа ме замисли за мојот живот… За среќа, по многу работи мојот живот се разликува од акутната рутинираност што ја живее Камиј, но нејзините симптоми се често присутни кај голем број луѓе во овој современ свет: опаѓање на мотивираноста, хронично нерасположение, губење на смислата на животот, неспособност да се биде среќен и покрај релативното изобилие на материјални добра, разочарување, замореност... Повеќе од јасно е дека, и без да биде во депресија, човек може да го има тоа чувство на празнина и постојано да носи во себе непријатен впечаток дека има сè за да биде среќен, но не и клучот како тоа да го користи. Или, како што вели Камиј: „Навистина, на што точно можам да се пожалам? Имам прекрасен сопруг и прекрасен син, работа што ми обезбедува стабилна финансиска положба… меѓутоа, мојата мала ’болка‘ на жена која наближува до четириесеттата година е многу упорна. Во мислите правам преглед на сите можни човечки несреќи. Луѓе што живеат во воени услови. Луѓе што имаат тешки болести. Луѓе без дом, без работа, луѓе што немаат никој да ги сака… Во однос на сите нив, моите проблеми изгледаат безначајни“. Таа страда од т.н. акутна рутинираност и ќе ѝ требаат начин и техники за да излезе од неа и повторно да се вљуби во животот. Јас сум на сосема спротивната страна од паричката – малку ми треба да се радувам и насмеам, но некакви сличности пронајдов во релациите со блиските.

Камиј постојано се преиспитува за нејзиниот однос кон детето. А која мајка не го прави тоа? Таа нè потсетува на кредото на Франсоаз Долто дека „детето е сосем независен субјект“, за набргу потоа да сфати дека нејзиниот систем на воспитување е премногу полн со попустливост. И јас сум се прашувала дали со оправдание дека му давам предност на дијалогот и на почитување на личноста на детето, всушност, премногу ги пуштам уздите. Чудно амбивалентен е тој родителски наратив. Сакала да признаам или не, се пронајдов и во следниве нејзините зборови: „Бев свесна дека детето премногу го надгледувам – за негово добро, си мислев, меѓутоа напати имав чувство дека се претворам во автомат што издава пораки за забрани“. Ова ме потсети на она што го рекол Аристотел, дека  „правењето добро на другите е чист егоизам“.

Нејзината исповед продолжува и во релацијата со сопругот, за кој вели: „Она што го добив во однос на средени чорапи, го изгубив во квалитетот на моите односи со него. Меѓу нас се воспостави однос на сила, некој вид напнатост. Куче и маче. Се гребеме. Затоа што веќе не успеваме да се разбереме“. Оф, леле, дали сите жени имаат сличен проблем на тема расфрлени чорапи? Се обидувам приказната да ја свртам на смеа, за да не западнам во жесток феминизам од кој текстов ќе фати друг правец. Значи, од чорапите се враќам на брачната рутина… Хероињата се прашува  од кога нејзиниот сопруг нема направено обид за некој заводлив гест? Се прашувам и јас понекогаш каде замина шармантниот и заводлив романтичар што го запознав пред дванаесет години… На ова се надоврзува репликата на Камиј: „Нашите односи што на времето беа како дива и бујна џунгла, со текот на годините се претворија во градина средена на француски начин: предвидлива, рамна, без ниту еден страк трева што стрчи. Па нели љубовта треба да е нешто што се полева, што клокоти, што врие и блика?“ Читајќи меѓу редови и продирајќи директно во моето срце, си велам – добро е, ние барем жестоко се караме (се смее).

Како што може да забележите, низ овој текст се обидувам да ги пронајдам сличностите што многу средовечни жени ги живеат во своето љубовно минско поле (иако јас со своите триесет и девет години сè уште не спаѓам меѓу нив). Дури и да не сум стигната до степенот за кој зборува Камиј, тоа не значи дека не помислувам дека еден ден после неколку години ќе звучам слично како неа: „Потоната во нашата брачна тиња, стегната во премногу добро подмачканото секојдневие, можев да заклучам дека мојот брачен живот станал блуткав, како премногу џвакана мастика што изгубила секаков вкус“. Зарем не е ова стравот на голем број брачни парови кои се долго време заедно? Зар ова не се проекции на една силна љубов која низ времето се трансформирала поради многубројните обврски на заедницата – деца, дом, работа?… Овој емоционален товар го носат многу луѓе не признавајќи дека се задушуваат во рутината на својот живот. Но, како што рекол Том Петерс: „Промената е врата што се отвора само однатре“, што потсетува на тоа дека секој од нас треба да ја преземе одговорноста за сопствениот живот и низ лична екологија да го прочисти плевелот во своето гнездо. Немојте да очекувате одговорноста за вашата среќа да биде на вашиот сопруг. Во вашиот живот тој треба да биде само црешата на врвот на тортата! Со ова ќе се согласам само ако постојат родово рамноправни аспекти во заедницата. И, повторно да се вратам на зборовите на Камиј: „Човек треба да умее да сака со вистинска дистанца. Нешто како ластик: ни премногу стегнато, тоа задушува, ни премногу лабаво, тогаш врската се губи. Мора да се најде вистинската затегнатост. Така, инстинктивно ќе знаете како да ја предизвикате искрата што одново ќе го запали огнот. Секако ќе мора да се откажете од класичниот дуел ’кој што прави‘ – оној негативен натпревар за да се одреди кој од двајцата партнери е позаслужен“. – Вака е лесно да се каже, да се спроведе во практика е потешко.

Конечно, и јас како Камиј „би сакала да ја имам мудроста на Ганди, спокојноста на Буда, грациозноста на Одри Хепберн, смисла за деловност како Рокфелер, волја и самооткажување како Мајка Тереза, храброст како Мартин Лутер Кинг, креативен гениј како Пикасо, инвентивност како Стив Џобс, визионерска имагинација како Леонардо да Винчи, емотивност како Чаплин, и на крај флегматичноста и духовитоста на мојот дедо“, но животот не е книга.

Твојот втор живот започнува кога ќе сфатиш дека имаш само еден е роман што потсетува дека со тоа што ќе ги негува алтруизмот, љубовта, нежноста и сочувственоста, човек ги намалува омразата, грабливоста и гордоста. Книга која нè учи дека некои луѓе ја гледаат калта на дното на рибникот, а други го гледаат лотосовиот цвет на површината на водата. Тоа е личен избор. Книга за ментално репрограмирање. Филозофија според изреката на императорот Август – Festina lente, или Брзај полека! Роман кој нè уверува дека проштавањето не предизвикува да се заборави минатото, ама ја ослободува иднината. И секој би можел да стане „амбасадор на мирот“, со тоа што ќе делува врз себе, ќе работи на своето внатрешно спокојство и среќа. Во оваа книга една жена препознава дека нејзините пренапрегнати нерви покажуваат дека наскоро можат да им пукнат осигурувачите. Станува свесна дека треба да ги олабави вентилите, инаку ќе експлодира. Никој не може да издржи долго во состојба на висок напон. Секому му е потребен бран чист кислород кој повторно ќе нè оживее и ќе нѐ потсети кои сме вистинските ние!

Не заборавајте дека љубовта е како растение што бара многу внимание и напредува добро само ако редовно го полевате.

За Приказни.мк АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa, писателка и менторка за личен развој

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново