КАРМАТА И ЛУДАТА ЛОКОМОТИВА НА ЖИВОТОТ

КАРМАТА И ЛУДАТА ЛОКОМОТИВА НА ЖИВОТОТ

Пишува: Ана Јовковска

Инспирирана од Карма од Садгуру

Како да ги објасниме ужасите на војната и на неизлечливите болести? Маката врз лицата на изгладнетите деца? Бескрајниот список на дивеења и судири што луѓето ги искусуваат од памтивек? Зошто на добри луѓе им се случуваат ужасни работи? Зошто среќата често ги милува оние што изгледаат сурови и нељубезни или морално расипани? Зошто понекогаш се чини како Бог – ако постои – да си игра џамлии со светот? Зошто универзумот често личи на непријателско место, без ред и закони?... Можеби ниеден збор не одговара на тоа човеково збунето „зошто“ подобро отколку што одговара зборот карма. Тој збор или гротескно се преупростува или непотребно се мистифицира. Карма е незаменлив збор во духовниот вокабулар на светот! Само што го видов насловот на новата книга на Садгуру, немав дилема дали сакам да ѝ се фрлам на читање и размисла...

Јуни е месец на многу патувања – дочек на летото, сонце, море, липи, лаванда... но, покрај физичките патувања на кои никогаш не одам без добра книга, тука се и нашите внатрешни патувања низ коишто го истражуваме најнеистражениот предел – нашето ЈАС. Овие „патувања“ можат да бидат оптоварени со спротивставени мисли, емоции и искуства. Книгата Карма се труди да ја крене маглата од тие противречности во умот и во срцата на сите трагачи по вистината.

Дали кармата е механизмот што одредува дека не можеме да ги одбегнеме последиците од нашите сопствени дејства? Циклусот што мрачно и неуморно нè следи каде и да одиме? Што, всушност, претставува кармата? Како се акумулира? Кои се многуте начини на кои се обликува карактерот на човекот? Што можеме да сториме со огромниот резервоар на меморија што го носи секој поединец? Каде е тука улогата на волјата? Кои се суптилните начини на кои кармата се лепи за нас дури и кога настојуваме да се ослободиме од неа? Сите овие прашања многупати ми се „мотале“ в глава. Како што ќе рече Садгуру: „Невозможно е човек да остане незаинтересиран за единствениот концепт во светот што ја третира збунетоста на луѓето кога се соочени со страдање“.

Истражувајќи подлабоко за овој концепт, дојдов со сознанието дека зборот карма има индиско потекло, но терминот денес е навлезен во сите речници во светот. Не е само материјал од метафизички томови и академски трактати, туку вешто се има проширено во целата светска лексика, од лексиката на езотеричното до лексиката на поп-културата. И не е случајно што овој санскритски термин влегол во сите јазици. Особено што сите луѓе, без разлика на бојата на кожата, јазикот што го зборуваат или местото каде што се родиле и живеат, уште помалку зависно дали се верници, атеисти или агностици... сите се заинтересирани да го откријат трансформативниот материјал во себе и да го тестираат во лабораторијата на сопственото искуство. Контекстите и спецификите може да се менуваат, но потребата за наоѓање смисла во еден свет на болка и неправда останува секогаш релевантна. Онака како што вели Садгуру: „Човековата жед да ги спознае мистериите на животот ќе трае до крајот на времето. Ајде да ја размрсиме кармата“...

Имено, Садгуру значи необразован гуру. За себе тој вели дека произлегува од директното искуство, не од знаење добиено од втора рака. Кога зборува за кармата, не се потпира на доктрина, туку на перцепција. Перцептивното знаење е патот на јогинот. Одамна не сум вежбала јога (често се прекорувам за ова), но читањето на неговата книга Карма ме фрли назад на лудата локомотива наречена живот. Се потсетив дека преку кармата човекот станува извор на сопственото создавање. Префрлајќи ја одговорноста од небото врз себе, човек станува вистински творец на сопствената судбина. Тоа ми е многу важно. Особено затоа што повеќето луѓе го сфаќаат дејствувањето во смисла на добри и лоши дела. Тие на кармата гледаат како на биланс на чесни и нечесни дела, на доблести и гревови. Како некој вид ревизија на животот. За некои други, таа е деловодна книга што ја води некој од Бога ангажиран книговодител, кој на некои луѓе им доделува среќа, а другите ги праќа во утробата на некоја машина за рециклирање. Апсурдно е и неизбежно создава еден вид фатализам што парализира огромен број луѓе, а се користи за озаконување на социјални неправди и разни видови политичка тиранија. Ваквите размислувања ја имаат унапредено и индустријата на гатање, за жал. Но, иако буквално зборот карма значи дејствување, кармата според Садгуру нема никаква врска со награда и казна. Уште помалку со некој деспотски ревизор на животот горе на небото, кој работи со примитивните методи на морков и стап. Нема врска со боженствена одмазда, ниту со Бог и господин Луцифер. Значи, кармата не е некој надворешен систем на престап и казна. Таа е еден внатрешен циклус што ние го создаваме. Обрасците не нѐ притискаат однадвор, туку однатре.

Клучниот дел од книгата што ме натера да се согласам со нејзината цел е следниов: „Кога велиме: ’Ова е моја карма‘, ние, всушност, велиме: ’Јас сум одговорен за својот живот‘. Таа не ни дозволува да ја пренесеме нашата одговорност на ниедно друго место, не ни дозволува да ги обвиниме нашите родители, учители, држави, политичари, нашите богови или судбини. Кармата го прави секого од нас директно одговорен за неговата сопствена судбина“. Се согласив, иако не докрај, и со тоа дека сè што правиме со нашето тело, ум или енергија остава одреден отпечаток. Тие отпечатоци се конфигурираат во склоности. Во Индија тие склоности традиционално се опишуваат со терминот васана, што значи мирис. Или онака како што објаснува авторот на Карма: „Во зависност од видот на мирисот што го испуштате, вие кон себе привлекувате одредени видови животни ситуации“.

Читајќи го ова помислив на стравот што некои животни умеат да го намирисаат. Нешто такво ми се случи во Охрид минатата недела, на средбата очи в очи со една змија. Веројатно беше водна змија за која точно знам дека не е опасна, но приближувајќи му се низ тревата на копно на моето мало дете, вреснав за миг не успевајќи да го исконтролирам стравот. Убедена сум дека и змијата го почувствува мојот страв. Не се потребни понатамошни детали за оваа моја приказна, зашто имаше сосема вообичаен крај, ништо драматично ниту спектакуларно – го грабнав детето в раце, побрзавме да избегаме, змијата си замина, а јас продолжив да филозофирам со цел да не го преплашам сопственото дете – дека сите животни се добри сè додека не ги нападнеш или им го загрозиш нивниот опстанок (што тотално се разминуваше со мојата миговна хистерична реакција). Змијата, всушност, е неверојатно перцептивно суштество за кое се смета дека инстинктивно го привлекуваат повисоки нивоа на енергија. Садгуру објаснува дека токму тоа е причината зошто Адијоги (Шива), првиот јогин, во традиционалната иконографија секогаш се прикажува со змија околу вратот. Во сите култури во кои луѓето се впуштени во вонсетилна перцепција, змијата игра централна улога. Таа игра улога и во митовите за настанокот на човештвото. Оттаму не е чудна ни врската меѓу змијата и кундалини, намотаната енергија што лежи во долниот дел на човековиот ’рбет (што јогата свесно ја користи за духовен развој). Енергијата кундалини е опишана како „змиска енергија“ поради нејзината сличност со змијата во смисла на заедничкиот образец на движење и мирување. Но да се вратам од змијата на кармата (се смее). Важно е дека секое човечко суштество може да почне да претвора навика во избор, принудност во свест.

И ако кармата е како стар софтвер што несвесно сте си го напишале за себе, не заборавајте дека врз основа на информациите од минатото, со текот на времето станувате заробени од своите обрасци. Со текот на времето тоа има кумулативен одраз врз клеточната и генетска меморија, како и одраз врз енергетскиот систем. Несвесниот ум е една огромна библиотека на кармичка меморија. Можеби не можете да го промените она што сте го направиле во минатото, ниту можете да ја промените менталната и емоционална карма што сте ја акумулирале, но не се слизнувате во кратки циклуси. Не носете ја својата карма како тесна облека. Не дозволувајте да се претворите во марионета на сопственото минато!

Не би сакала да ви откријам повеќе за мистеријата на последното четиво на Садгуру, само ќе ве потсетам дека кармата е дејствување на три нивоа: тело, ум и енергија. Користете ги овие три работи во добра синергија и бидете одговорни за својот живот!

И другпат сум напишала – оправдувањата се секогаш тука, шансите не!

За Приказни.мк АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa, писателка и менторка за личен развој

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново