ЗОШТО „ПРОРОКОТ“ Е ХОЛОГРАМ КОЈ ПАТУВА НИЗ ВРЕМЕТО?

ЗОШТО „ПРОРОКОТ“ Е ХОЛОГРАМ КОЈ ПАТУВА НИЗ ВРЕМЕТО?

На 10 април 1931 година умира Халил Џибран. Историчарите, книжевниците и критичарите, деведесет години по неговото физичко заминување, го поистоветуваат со мистик и филозоф, покрај неговата вродена писателска мисија, во чии дела се крие гралот за среќен живот, можноста за достигнување на катарза.

Во стиховите на „Пророкот“ дише целокупното човештво, еволуирано низ мислите на Џибран, кои се умствен фенг шуи. Езотерична, со совршено сочувана лирска форма концентрично вметната во епски размер. Рафиниран стих во прозна рамка. Стилски накитена, оваа книга скромна според бројот на страниците, во душевната ферментација и наобразбената поучност се едначи со најпознатите светски дела од рангот на „Ведите“, „Коранот“ или „Библијата“.

Констелација од најубавите цитати. Евергрин во книжевноста.

Колку моќен може да биде еден глас ако ја пренесува вистинската порака?

Загубени во степата на фатални наутички стапки, гревови и подведувања, потклекнуваме зашто коските ни откажуваат послушност, наместо да бидеме благодарни за исправениот ‘рбет и кормилото, скриената скапоценост во черепната кутија која нѐ одвојува од дивината. „Пророкот“ за читателот е тоa што за Африка е дождот, а за Европа историјата. Избавување. Книга што го менува животот. Една инцидентно начекана синтаксичка случајност после која го разбираме секој светски пандан.

Фабуларниот релеј, позитивистички наелектризиран, го затвора лексичкото коло. Честичките кои се внатре придвижени од перото на Џибран се зборовите течни и сладострасни како мед, спроводници на милозвучната вистина и мудроста на светот. Илустрациите, творби на самиот автор, го зголемуваат имагинативниот индекс сѐ до восклик и одговор. Среќата е крстозбор, решението се крие во индивидуалното познавање на сопствениот светоглед. 

Дали покајувањето е највредната алатка со која ги разбиваме последователните неволји, кои се заседлуваат на нашите плеќи како преоптоварување од обременетости, како проѕирни крилја?

Човекот има потреба да се подмачкува со естетски склопени реченици, со охрабрувачки пароли, да верува во силата и поуката од туѓиот став и напатеност, да го одбегнува доживеаното, додека наоколу протекуваат зборови меки и проѕирни како вени на старечка дланка.

Обзирна и чудотворна, книгава која е продадена во над 9 милиони примероци и преведена на 105 јазици и дијалекти, според најновите статистики, е налик на социјална икона од типот на „сподели за среќа“.

Што ако во вистината, со милениуми барана, се крие стравот од смртта, која човек ја препознава и под поимот живот, стравот од неукоста и карактерното безредие, во притеснетоста на моментално одиграните избори?... Дали овој Пророк е, всушност, кратковидиот век?

Изреките и животните лекции на Пророкот ќе ги сретнете и на уличен ѕид ишаран со графити, и на колажирана гугл-слика, во ток-емисии и мотивациски говори, дури и несоодветно искористени во дискусија од лица што сакаат елоквентно да доминираат и ликуваат. Што е скриено во долговечноста на зборовите отпечатени далечната, би се рекло праисториска, 1923 година, освен фактот дека добрата книга не се вреднува по годината на издавање?

Тенденцијата на човекот е да ужива во рационализација на сопствените лудости и општественопијни фобии или можеби, којзнае, преку обичноста да ги прифати грешките, да ги преименува во свои неоспорни квалитети. Длабочината низ која „Пророкот“ пресекува има вредност на алкалоид.

Богато со алегории кои го положиле испитот на времето, ова епохално четиво е бројаница од нанижани камен-темелници, од наравоученија, библиски прикази и најубавите можни компарации од кои протреперува најпрво окото, па срцето и телото.

Вијадуктна верига од епилошки поткрепени столбови, подредени аспекти сѐ до влезот на когнитивниот пантеон, на олтарот од чија осветена вода се помазуваат сознанијата преку естетска мисла.

Што значи рамнотежа во спознанието?

И Земјата е плод на рамнотежа помеѓу гравитацијата и јадрото, водата и воздухот, природата и човекот. Џибрановото евангелие ги создава принципите на балансирањето, настанати од сите теми кои детално и лаконски ги разработува низ страниците. Нема простор за доминација, зашто доминацијата значи тиранија, но тоталното слободоумие раѓа анархија. Умереноста се претпочита пред насладата, но после себељубието.

Читајќи ја, полека ќе се ослободувате од товарот, како да пловите низ сјајното небо, низ ведрина без облаци, од кошницата на балонот на топол воздух, на секој метар изминат нагоре, фрлајќи по една вреќа песок наталожена од фрустрациите кои се појавуваат во облик на секојдневни емоции. Единственото нешто што со „Пророкот“ се губи е нетрпеливоста на времето. Оваа мала книга е молитвеник на чии маргини се крие спасот за секој што ќе ја прочита и, што е уште поважно, што сака да ја разбере.

А сега ве оставам во добро расположение со прекрасните плодови на Џибрановото генијално менторство за постоењето. Дојде време да ги вклучите сензорите на душата. Да станете мудрољубив господар на спиритуалното, како Пророкот Алмустафа за орфалскиот народ.

Убавината е животот кога животот ќе си го тргне превезот од своето лице.

                                                                                                                    За убавината

Љубовта нема друг копнеж освен да се исполни.

           За љубовта

И стојте заедно, но не преблизу еднододруго, та и столбовите во храмот се раздвоени, а дабот и кипарисот не си растат еден другому в сенка.

    За бракот

Можете да им давате љубов, но не и мислите ваши, оти тие имаат свои мисли.

                                                                                                            За децата

Работата е отелотворение на љубовта. И ако не можете да работите со љубов, ами само со одвратност, поарно откажете се и седнете си пред портите на храмот, па примајте милостина од оние што работат со радост.

                                                                                                                                    За работата

Радоста ваша е вашата тага без маска.

         За радоста и тагата

Вашата болка е кршење на раковината во која е затворено вашето спознание.

                                                                                                За болката

Пријателот е одговор на вашите потреби.

                                                                                                За пријателството

Така и вашата слобода, штом ќе ги отфрли своите окови, самата ѝ станува оков на друга, поголема слобода.

                                                                                                                        За слободата

Не велете: „Го најдов патот на душата“, туку „Ја сретнав душата кај оди на мојот пат“. Оти душата оди по сите патишта. Душата не оди по една линија, ниту пак расте како трска. Душата се отвора и расцутува како лотос со недоброј лиски.

                                                                                                   За самоспознавањето

Јована Матевска Атанасова

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново