КАНЦЕРИТЕ НА УМОТ

КАНЦЕРИТЕ НА УМОТ

Пишува: Ана Јовковска

Инспирирана од Размислувај како монах од Џеј Шети

Отсекогаш чувствував порив да бидам до луѓе што ги имаат вредностите што ги посакувам, а не работите што ги посакувам. Средбите со таквите луѓе се како ментално туширање. Тие се оној тип на личности кои садат дрвја, дури и никогаш да не успеат да седнат под нивната сенка. Луѓе кои сакаат да остават некоја добрина за иднината на овој свет.

Од кога добрината стана демоде? Претенциозните и циничните често ја исмеваат мантрата на добрината како наивна и празна. За мене, полно и комплексно е сè што се работи од срце. Познавам многумина кои се чувствуваат неисполнети и празни од работата што секојдневно ја практикуваат. Едно вакво „просветление“ доживува Џеј Шети, авторот на книгата Размислувај како монах, бестселер на Њујорк тајмс, кога вели: „На работата што ја вршев во коропоративниот свет сè повеќе ѝ недостигаше вистинско значење. Во што беше поентата кога немав позитивно влијание врз никого? Кога дипломирав ги разменив костумите за наметки и му се приклучив на ашрамот“. Низ неговото неколкугодишно искуство како монах нè потсетува дека имаме три основни емоционални потреби: мир, љубов и разбирање, наспроти канцерите на умот: споредување, поплакување и критикување.

Кога си помислив дека неговото спиритуално раскажување ќе биде „ту мач“ за мојот логично-рационален стомак, книгата ме завлече на магичен начин. Во наративната структура виртуозно го направил она што го пропагира Алберт Ајнштајн: „Ако не можеш да објасниш нешто на едноставен начин, не го разбираш доволно“. Од самиот почеток на делото се брише границата меѓу разбирањето и доживувањето. Лесно резонира со мене кога вели: „Познавам монаси што биле во секторот на финансии или во рок-состави. Не треба да палите свеќи во вашиот дом, да шетате наоколу боси или да објавувате фотографии на кои правите поза на дрво на врвот на некоја планина. Станувањето монах е начин на размислување што секој може да го усвои“. Од моите скромни познавања за темава, знам дека темелот на сите монашки традиции е отстранување на нештата што ни го одвлекуваат вниманието и што нè спречуваат да се фокусираме на она што е најважно – наоѓање смисла во животот преку владеење со физичките и менталните желби. Да, ама зад ова се крие чистилиштето на стравот.

Ги побарав различните толкувања на оваа силна емоција. Од научните теории како онаа на Гавин де Бекер – „Стравот како брилијантен внатрешен чувар што стои на готовност за да нè предупреди на опасности и за да нè води низ ризични ситуации“, преку филозофските како онаа на Сенека – „Нашите стравови се побројни од нашите опасности и повеќе страдаме во нашата имагинација отколку во реалноста“, па сè до духовните како таа на Буда – „Стравот не ја спречува смртта. Тој го спречува животот“.

Каде сум јас меѓу овие три стојалишта? – Седната во мојот кревет пред книгата Размислувај како монах, барајќи потврда дека не сум заглавена во канџите на стравот. Барајќи храброст одново и одново да излегувам од мојата комфорна зона. Нашите семејства, нашите пријатели, општеството, медиумите – ние сме опколени со слики и гласови што ни кажуваат кои би требало да бидеме и што би требало да правиме. Сите си земаат за право да ни кажат што е нормално, безбедно, практично, најдобро за нас! Дали ќе дозволиме туѓите дефиниции за успех и среќа да ни го диктираат изборот?

За среќа, одамна почнав да ја распознавам разликата меѓу надворешната бучава и мојот сопствен, внатрешен глас. Тука би потсетила на изјавата на социологот Чалс Хортон Кули, кажана уште во 1902 година: „Не сум она што мислам дека сум и не сум она што вие мислите дека сум. Јас сум она што мислам дека вие мислите дека сум“. Во еден од најважните текстови за хиндуизмот напишан на санскрит, Бхагавад гита, се вели дека подобро е несовршено да си ја живееш сопствената судбина отколку совршено да живееш имитација на нечиј туѓ живот. Даниел Деј-Луис, кој има добиено три Оскари за најдобар актер, ја применувал техниката позната како методот на Станиславски, којшто бара актерот да живее колку што е можно послично на неговиот лик за да стане улогата што ја игра. Несвесно, до извесен степен во животот сите го користиме методот на Станиславски. Имаме ликови што ги играме на социјалните мрежи, лик за на работа, за пред пријателите и за дома. Па, дали живееме во една перцепција на една перцепција на себеси и како резултат на тоа си го имаме изгубено вистинското себство? Како можеме да препознаеме кои сме и што нè прави среќни ако трчаме по изобличената рефлексија на соништата на некои други луѓе?

Истражувачите откриле дека, во просек, до крајот на нашите животи секој од нас ќе мине триесет и три години во кревет (од кои седум ќе бидат потрошени во обиди да заспиеме), една година и четири месеци во физичко вежбање и повеќе од три години на годишен одмор. Ако сте жена, ќе поминете 136 дена во дотерување. Ако сте маж, тој број паѓа на 46 дена. Секој од нас ќе потроши, во просек, над единаесет години од животот гледајќи телевизија и социјални медиуми. Колку време сте подготвени да потрошите на себе за себеси, за интроспекција?

Овој текст не е обид да бидам морален полицаец, туку обид да ве поттикнам да го исчистите плевелот од својата ментална градина. Плевелот обично расте од споредувањето или соперништвото со другите, од туѓите проекции, од егото, алчноста, зависта и лутината. Лутината особено. Таа е голема, пламена топка негативна емоција. Од друга страна, дефиницијата за среќата, иако е индивидуална, сепак е универзално едноставна. Ние мислиме дека успехот е еднаков на среќа, но таа идеја е една илузија. Санскритскиот збор за илузија е маја, што значи верување во она што не е. Универзалната дефиниција би била: Среќа е да се чувствувате добро во врска со себе, да имате блиски врски и да го подобрувате светот!

Со луѓето што ги сакате немојте само да минувате време – растете со нив. Токсичност има насекаде околу нас. Во околината, во политичката атмосфера, но нејзиниот извор е во срцата на луѓето. Ако не ја прочистиме екологијата на сопственото срце и ако не ги инспирираме другите да го направат истото, ќе бидеме инструмент за загадување на околината. Или, како што вели Џеј Шети: „Сите сме туристи што имаат среќа да уживаат во својот престој во хотелот Земја“. Да си го направиме престојот поубав...

За Приказни.мк АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa, писателка и менторка за личен развој

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново