БИБЛИОТЕКИТЕ НА НАШИТЕ ЧИТАТЕЛИ – СТЕФАНИ ТАБАКОВСКА

БИБЛИОТЕКИТЕ НА НАШИТЕ ЧИТАТЕЛИ – СТЕФАНИ ТАБАКОВСКА

Стефани Табаковска од Ресен, вработена во ИТ-секторот, е пасиониран читател уште од откривањето на приказната за Хајди во основното училиште. Веќе неколку години е админ на фејсбук-групата „Размена на книги и книжевни муабети“, а од неодамна го започна и својот блог Read with Stefani, со просек од 150 прочитани книги годишно. Вози велосипед, гледа Нетфликс повеќе отколку што сака да си признае, а во последно време се обидува да се усоврши во готвењето. 

„Тешко е да се каже колку книги имам во мојата домашна библиотека, зашто имам книги во семејниот дом (прочитани), како и во станот во кој живеам (претежно книгите кои не сум ги прочитала). При последното броење во 2019 г. беа 300, сега чинам дека бројката е поблиску до 500“, споделува Стефани.

Меѓу најдрагите изданија што ги има во својата библиотека се книгите од Нил Гејман, кои ги собира низ годините – конкретно англиските изданија од „Блумсбери“ и луксузното издание на „Американски богови“ и „Детето Ананси“. Особено ѝ се драги и комплетите „Хобитот“ и „Господарот на прстените“, кои ги има донесено од САД, трилогијата „Митсборн“ од Брандон Сандерсон, кои ги добила како подарок од пријатели за дипломирањето. Почесно место имаат и сите книги со потпис од авторите, чиј број се надева дека постојано ќе се зголемува.

„Освен претходно наведените, би ги издвоила „Кафка на брегот“ од Харуки Мураками, „Петтата сезона“ од Нора К. Џемисин, „Столбовите на земјата“ од Кен Фолет, „Хрониките на Кралоубиецот“ од Патрик Ротфус, „Сета светлина што не можеме да ја видиме“ од Ентони Дор, „Сенка на ветрот“ од Карлос Руиз Зафон.

Стефани книгите првично ги сортира на прочитани и непрочитани поради ограничениот простор, а потоа по издавач или автор. Иако се восхитува на библиотеките што се организирани по боја, кога сите книги ќе ѝ бидат на едно место планира да ги организира по жанр, при што фантастиката и историската фикција, како нејзини омилени, ќе го заземат централното место. 

„Откако ќе ја дочитам „Заколнатиот“ од Брандон Сандерсон, следна за читање ќе биде „Хроника на птицата која го навива часовникот“ од Мураками, а понатаму во 2021 година би сакала да ја препрочитам трилогијата „Господар на прстените“, додава Стефани.





Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново