Рецензија за „Свеќите горат до крајот“ – Шандор Мараи од Јована Матевска Атанасова

Рецензија за „Свеќите горат до крајот“ – Шандор Мараи од Јована Матевска Атанасова

Читањето е илузорна мисија во свет во кој доминира борбата со времето. За среќа, читателите се победниците во оваа војна со силите на заборавот. Тие ја штитат книгата од времето и ѝ даваат нова вредност. Бидејќи десет читатели на една иста книга се, всушност, десет нови книги, прочитајте за субјективното гледиште на Јована Матевска Атанасова и погледнете ја „Свеќите горат до крајот“ низ една поинаква призма. 

Јована, од нејзиниот сопруг го добила подарокот кој го сакала, а по повод добиената награда за најдобар расказ „Живко Чинго“ и напишала рецензија која не е обичен осврт за незаборавните страници што ги испишал Шандор Мараи. Таа е емоција преточена во реченици, поинаков поглед на извонредниот роман за вредностите. 

Рецензија за „Свеќите горат до крајот“ – Шандор Мараи 

Во романот се прикажани две спротивставени сили, спротивни колку што можат да бидат краевите на рамноденицата, два слоја од исто општество – облагороден метал и полускапоцен камен. Ваквите ракописи, предадени суптилно, со својата суштина нѐ држат како заложници во својата содржина сѐ додека погледот не ја одмине последната точка. 

Низ почетните страници се запознаваме со семејството на генералот – таткото гардист, мајката благородничка, горда парижанка, која љубовно заведена и одведена во унгарските прерии го губи идентитетот на дама, иако повторно живее во дворец. Иако се остварува како мајка, нејзината функција е на хартија, таа не може да му го даде на сина си истото што и неговата дадилка Нини. Отстранетиот мајчински инстинкт го носи во својата аристократска крв, не сфаќајќи дека суштинското за човекот не е неговото презиме, туку вниманието и грижата кои му се неопходни за правилен раст исто толку колку и калциумот. Од тој момент се вградуваат темелите на она што по многу години ќе го разниша неговиот брак, неуспехот да ја воспостави својата доминација над жената. 

Таткото, пак, е родител во сенка, амбициозен човек кој своите неостварени цели се обидува да му ги наметне на синот, од него да изгради потомок што со гордост ќе ја продолжи лозата, без притоа да ги извалка корените на своите предци. Неговата улога е деспотска, владее со импулсите на синот, со неговата слободна волја, со парчето сопственост која по раѓањето смета дека ја наследува тој како негов крвен сродник.

Koнрад, човек без педигре, е спореден и јалов столб кој се потпира врз носечките. Иако е прогресивна формула, сепак подлежи на отстапувања во равенството затскривајќи се зад параванот на вљубеник во музиката како негова најголема сетилна љубовница, впрочем, потиснувајќи ја вистината за остапката и неговата конкубина.

Генералот е предодреден да чекори по една скратеница, нему непозната, во обид да се наметне како најбезбедниот пат до себството, всушност, до семејната скривница. Осамен е меѓу материјалните радости и човечката апатија, запаѓа во замката на погрешно уловен дивеч, во несреќен брак кој се темели врз неславно тројство без можност да остане како што е дефинирано, хармонична заедница меѓу двајца луѓе.

Кристина е заробена од судбината, како брод заринкан на крајбрежјето, на устието на погрешниот сопатник. Додека молкот ја штити од нови прободи, нејзините дејства се изоструваат до смртоносност за невиниот во играта зацртана од нејзините одлуки, принудени од чувствата што претаат со поткастрените крилја низ златниот кафез.

Кога една свеќа догорува, настапува мракот или недостигот на светлина? Зарем заблудата не е недостаток на факти, на привидна вистина прикриена во дувло од отстапувања; засенета од латентно помирување дека сѐ е онака како што изгледа, а впрочем не е? Дали оваа долга дефиниција преминала во опит и својствено им се случува на генералот и Конрад? Заблуда на пропорционално пријателство, на една благопријатна симетричност, изедначена речиси со братска побуда? Ако тоа било искрено пријателство, ќе можеле ли страста, зависта и бегството да го расколат 41 година?

Свеќите капат. Восокот остава траги кои лесно се гребат, се претопуваат во друга форма. Така и тие двајцата застануваат на спротивни брегови, носени од струи кои го ладат нивниот меѓусебен однос, до непријателство, до очај да се преплива до крајбрежјето на вистината која гола се сонча на врелата песок, очигледна од поочигледното, но толку непосакувана, до врвот на нечујност.

Ако би навлегувале во подалекосежен преглед и истовремено опис на ликовите, ќе забележиме колку тие имаат заеднички темели врз кои се изградени. Меланхолијата и еднобојноста е присутна кај тивката и некаприциозна Кристина, кај Конрад кој дејствува со силите на мал отпор и бега без смелост да се соочи, кај генералот заглавен во разговор кој четири децении го води во својата глава без да преземе чекор и да го отфрли саѓосаниот фрак на прошка од своите раменици. 

Кога би копале по минатото, не би наишле ли на многу кривини кои требало да бидат појасно означени, за нам, на неискусните возачи, некогашни пешаци, да ни го свртат вниманието, да ни покажат дека наближувањето до опасната кривина ќе ни го измени животот за миг, без да бидеме свесни? Колкумина ги претекнале трите точки без можност да ги претворат во извичник, без да ја изменат интерпункцијата, зашто комфорот на сегашноста секогаш изгледал побезбеден од ризикот на неизвесноста?

Монологот на генералот ја гради патеката од декоративен камен која го поврзува минатото со сегашниот тек на настаните. Иако на моменти, разлистувајќи ја книгата, таа ќе потсети на учебник без претераното користење на директни дијалози, сепак од неа ќе научите многу. Не е роман кој се чита во еден здив, зашто зборовите тежат, постојат такви психолошки примери и емотивни секвенции од зборови накитени со вештината да ја пренесат во целост интроспективноста на двајцата карактери. Како ренесансен скулптор да ја исклесал надворешноста на ликот без притоа да ја истопи млаката внатрешност. Потребна е неверојатна концентрација да се разбистри главата со овие прекрасни плетки, со луцидно избраните епитети и глаголи кои шетаат од устата на генералот низ страниците по кои минуваат вашите очи.

И за крај, без да откривам многу, зашто ова е книга во која ќе се откриете и вие самите, што ни останува во срцето, како што наивно го прашува Конрад генералот?

Изневерувањето и чувството на предавство? Мислата дека сме можеле повеќе откако не сме направиле ништо? Измачената совест или бледиот превез од сеќавања? Сила да ги воскреснеме нашите пороци кои често се и наши омилени опредметени апстракции? Има ли повредна особина од чистата љубов? И постои ли таква? Или секогаш, кроце и бесшумно, без хуманост ја крадеме од вжарените полиња никнати во очите на двајца, за да ја прикажуваме подоцна таа кражба како своина, беспрекорна и пожртвувана? Ги уживаме ли причините како привилегии без да подлегнеме на исходот од последиците? Милоста е наша вродена или стекната вештина да ги покажеме нежните струни на тиранскиот карактер? Или сите ние ја добиваме смислата откако таа, како лигава риба, ќе ни се лизне низ рацете и ќе се врати во својот првобитен облик на живот? 

Јована Матевска Атанасова

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново