„ЗА ШТО ЗБОРУВАМ КОГА ЗБОРУВАМ ЗА ТРЧАЊЕТО“ ОД МУРАКАМИ

„ЗА ШТО ЗБОРУВАМ КОГА ЗБОРУВАМ ЗА ТРЧАЊЕТО“ ОД МУРАКАМИ

Еднаш, додека се излежував во хотелска соба во Париз читајќи го Интернешнел хералд трибјун, наидов на една интересна статија за маратонот. Имаше интервјуа со неколку познати маратонци кои биле прашани каква посебна мантра си повторуваат во мислите за време на трката, за да бидат постојано мотивирани. Интересно прашање, си помислив. Бев восхитен од разните нешта за кои размислуваат додека трчаат 42 километри. Тоа само докажува колку истоштувачко натпреварување е маратонот. Доколку човек не си повторува некаква мантра, нема да преживее.

Еден тркач ја раскажа мантрата на која неговиот постар брат, исто така тркач, го научил и која си ја повторувал откако почнал да трча. Еве ја: „Болката е неизбежна. Страдањето е избор“. Да речеме дека трчате и почнувате да размислувате: Човече, сѐ ме боли, не можам да издржам повеќе. Болката е неизбежен дел од реалноста, но самиот тркач ја носи одлуката дали може да издржи или не. Тоа во голема мера го сумира најважниот аспект од трчањето маратон.

Пред десетина години ми падна на ум идејата да напишам книга за трчањето, но годините си врвеа додека се обидував да го најдам соодветниот пристап. И никогаш не седнав да ја пишувам. Трчањето е мошне широка тема и ми беше тешко да откријам што точно би требало да напишам.

Но во одреден миг одлучив дека треба само искрено да го забележам она што го чувствувам за трчањето и да се држам до својот стил. Кога сфатив дека тоа е вистинскиот пристап, малку по малку, почнав да ја пишувам книгата во летото 2005 година и ја завршив есента 2006 година. Освен што на неколку места цитирав делови од написи кои веќе ги имам објавено, најголемиот дел од книгата ја сочинуваат мои чувства и размисли од вистинскиот живот. Забележав една важна работа: искреното пишување за трчањето и искреното пишување за себе е речиси едно исто. Затоа верувам дека оваа книга може да се чита како мемоари што се засноваат врз чинот трчање.

Иако ништо од напишаното не би го нарекол филозофија, сепак, во книгата може да се најдат одредени објаснувања што може да се наречат животни лекции. Можеби немаат голема важност, но претставуваат лични искуства што сум ги доживеал откако почнав да трчам, откривајќи притоа дека страдањето е избор. Можеби не се лекции што можат сите луѓе да ги применат, но причината за тоа е што овде пишувам за самиот себе, за тоа каква личност сум јас...

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново