Книжевниот клуб Book Nook читаше: „Девојката со тетоважа на змеј“
Најголемиот шведски феномен од времето на групата АББА, вели „Пипл“. За што? Одговорот е: за „Девојката со тетоважа на змеј“ од Стиг Ларсон. Книга која го крева притисокот со адреналински заплети и не ни дава да ја оставиме за следно дочитување.
Овој извонреден роман беше и „Книга на месецот“ за ноември 2024 на една нова, одлична иницијатива – читачкиот клуб Book Nook, кој веќе четири месеци организира книжевни средби низ Скопје и спојува современи читатели преку внимателен избор на наслови и преинтересни дискусии. Проверете! :D
ТРИ со голема радост ја поддржа оваа иницијатива на вљубениците на пишаниот збор. Како издавачи на „Девојката со тетоважа на змеј“, ги пренесуваме впечатоците на читателите на booknook за овој роман, кој дефинитивно остави свој печат врз времето. Тој беше адаптиран и во филм, кој ќе се памети и по незаборавното остварување на Руни Мара во улогата на опасната девојка со тетоважа на змеј.
Прочитајте ги впечатоци на Јане, Елена, Даниела и Александра:
– Ова е првата книга што ја читам по вторпат и не дека се сомневав, но имајќи предвид дека првиот пат ја прочитав пред 12 години, таа само се зацврсти како една од моите омилени книги, ако не и најомилената досега.
Невозможно е да бидам објективен и непристрастен поради фактот што имам поминато една деценија со овие ликови, особено со Лизбет, затоа секое мое набљудување нема да биде од никакво критичко значење. Меѓутоа, Доколку сакате комплексни ликови, неизвесност од самиот крај, како и обработка на сложени проблематики со кои се соочуваме и денес, завиткани во првокласна мистерија (who-done-it), ова е вистинската книга за вас.
Сепак, забележав некои недостатоци на ликовите што „се лизнаа“ низ пукнатините првиот пат кога ја читав, од кои најмногу му се припишуваат на Микаел и, SPOILER ALERT, всушност, колку малку Лизбет има врска со целокупното сиже, но тоа беше чисто поради фактот што веќе го знаев исходот од мистеријата, а тие недостатоци првично беа компензирани со маестралното темпо, сложеноста на сижето и неизвесноста.
Мојот главен проблем со книгата, до денес, е промената на насловот. Оригиналниот шведски наслов „Мажи кои мразат жени“ одговара милион пати повеќе, затоа што сегашниот дава акцент на одбележје на лик кој и нема толку големо значење за самиот лик, како и за приказната во целост.
Јане Николоски
– „Девојката со тетоважа на змеј“ е книга со култен статус и секогаш кога им приоѓам на вакви книги го правам тоа со доза на резерва и сомнеж – дали ќе бидам разочарана баш поради фактот дека книгава е обожувана од многумина? За моја среќа, оваа книга, за мене, беше одлично склопена мистерија опкружена со доза општествена критика.
Не читам крими-романи и трилери, така што не знаев во што точно се впуштам. До крајот на книгата, сфатив зошто многу луѓе го сакаат овој жанр – поради еуфоријата која се чувствува кога ликовите почнуваат да ја одгатнуваат мистеријата. Самото темпо на книгата ми почна доста бавно, но после 200-та страница не можев да ја пуштам – заплетите и расплетите ме држеа во неизвесност и се фаќав како читам по 3 часа без да престанам. Тоа за мене е знак за добро напишана книга, книга која успева да ме натера да сочувствувам со ликовите и да не можам да престанам дури не дознаам што ќе им се случи.
Во однос на ликовите, не може да не ги споменам стереотипите кои се провлекуваат низ описите на главните ликови, особено Лизбет (решавам ова да го препишам на фактот дека книгава е сепак напишана во 2005 г.). Но и покрај тоа, мило ми е што конечно ѝ дадов шанса на оваа книга, и се радувам што можевме да ја дискутираме во нашиот клуб на читатели – бидејќи дефинитивно има што да се дискутира!
Елена Василевска
– „Девојката со тетоважа на змеј“ ја оценувам со 4 од 5. Она што ме освои на прво место беше лесниот стил на пишување и способноста да ме држи „залепена“ за страниците. Книгата е вистински page-turner, со интензивна приказна што ме тераше да читам без престан, желна да дознаам што ќе се случи понатаму. Според мене, ликовите се маестрално изработени, а нивните карактери и меѓусебните односи точно ги прикажуваат сложеноста на општеството и мрачните тајни што се кријат зад фасадата на „нормалното“.
Ликот на Лизбет Саландер ми беше право освежување кога за првпат ја прочитав оваа книга, особено затоа што е спротивност на сѐ што како жртва би требало да ја дефинира, ама наместо тоа, го гради нејзиниот карактер. Таа е силна, бунтовна и независна, жена што одбива да биде дефинирана од околностите. Посебно ме воодушеви нејзината решителност да ги земе работите во свои раце, покажувајќи дека силата може да дојде во различни облици. Лизбет е лик кој инспирира и остава траен впечаток, што ја прави оваа книга незаборавно искуство. Топло ја препорачувам на секој читател кој ужива во мистерија.
Даниела Милошеска
– „Девојката со Тетоважа на змеј“ ми остави силен впечаток и заслужува петка. Ова е првата криминалистичка трилер книга што ја прочитав, и благодарение на неа ќе продолжам да читам ваков жанр. Особено ми се допадна стилот на пишување на авторот – јасен, точен и добро темпирано раскажување.
Ликовите се длабоко разработени, со внимание на нивните внатрешни конфликти и сложености. Книгата успеа да ме држи во напнатост до самиот крај, со постојан интерес за тоа како ќе се развиваат настаните. Секој нов заплет беше шокантен и комплексен и не ми дозволуваше да се откажам од читањето.
Александра Бендевска