НИКАДЕ ДА НЕ СЕ ОТИДЕ, А СЕКАДЕ ДА СЕ ВТАСА

НИКАДЕ ДА НЕ СЕ ОТИДЕ, А СЕКАДЕ ДА СЕ ВТАСА

Има безброј патишта. Сите водат некаде. Треба само да се следат светилниците. А најсветлиот од сите е оној во срцето. Каква ли светлина болскоти од светилникот во срцето на Винка Саздова за да ни остава знаци на патот од кои растат прекрасни диви нарциси?

Беше 1999 година кога од нејзините расцутени мисли се кренаа цврсти столбови што го создадоа ТРИ. Оттогаш нам ни е оставено да се грижиме прозорците на нашиот дом да се секогаш отворени и низ нив да влегува свеж воздух што ќе носи нови убави времиња и нови приказни.

Дојде 2009 кога го испивме првиот „Последен чај“, па за некоја година шетавме низ „Полиња со диви нарциси“, па ја чекавме среќата што доаѓа понекогаш, се дружевме со месечевата „Луна“ и го откривавме самовилското „Вилино“.

Малку е да се каже дека за нас таа прави многу. И кога не постојат доволно зборови за да се искажат среќата и благодатот, за тоа постојат очите. За тоа постојат рацете. За тоа постојат долгите ноќи минати во создавање и во читање. Вечно писмо и вечна љубов. Какви што таа ни остава.

И како што „Вилино“ започна со зборовите на Руми „Зошто остануваш во зандана кога вратата е ширум отворена“, така ние ќе го затвориме овој текст, додека душите ги оставаме отворени за да влезат твоите зборови. И те замолуваме, ноќва и ти остави го отворен прозорецот, за да стигнат до тебе сите овие прекрасни желби што денес ти ги праќаме.

Среќен роденден, драга Винка Саздова!

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново