„Образована“ – биографскиот бестселер што наскоро ќе го читате на македонски

„Образована“ – биографскиот бестселер што наскоро ќе го читате на македонски

ОД ОТПАД ДО ЅВЕЗДИ

Брилијантно напишана приказна за една необразована девојка која расте во религиозно семејство во очекување на судниот ден – и станува професор на Харвард

Тара Вестовер звучи како име на обична девојка од централна Америка. Но оваа девојка стана симбол на просветлувањето, која успева од една изразено затворена средина да се издигне до образована личност со високи титули. Која е приказната за Тара?

Родена е во мормонско семејство во гратчето Клифтон, во Ајдахо. Растела во поинаков свет од нејзините врсници, во семејство со силна патријархална матрица и ригидни верувања. Уште од мала работела низ дома и на отпадот на нејзиниот татко и можела само да сонува за дружење и формално школување. Пресвртот во нејзиниот живот се случува кога, поттикната од својот постар брат Тајлер, таа првпат добива шанса да влезе во училиште и да почне да го осознава вистинскиот свет. На 17 години за првпат почнува да посетува часови и оттогаш Тара е претставник на една нова генерација образовани индивидуи што го поткрепуваат фактот дека потенцијалот за едукација и свесност е легитимно право.

Невидлива и непостоечка за системот до својата 9-годишна возраст (немала ни матичен број), Тара била дел од семејниот „бизнис“ на собирање и рециклирање отпад и често во животна опасност, бидејќи работела тешка работа без никаква заштита. Целото семејство било посветено на работата, скромниот живот и одењето в црква. Образованието не било приоритет, а ни здравствените потреби. Самата Тара во многу од своите интервјуа нагласува дека, да не била мајка ѝ добар познавач на билките и природните лекови, многуте незгоди во кои таа и нејзините браќа се здобивале со изгореници и исекотини ќе завршеле фатално. Но интересно во нејзините искази е што не чувствува лутина, зашто смета дека нејзините родители имале одреден капацитет и начин на грижа за своите деца. Она што доаѓа како илуминација по многу години, кога го осознава светот, е дека за таквиот начин на живот ретко се зборува, па луѓето не се ни свесни дека постои. Токму затоа, книгата „Образована“ отвора една широка тема за затвореноста на малите заедници и нивната невклученост во школскиот, здравствениот и правниот систем на многу држави во Америка. Како резултат на тоа, децата од ваквите средини остануваат маргинализирани или, просто кажано – ги нема.

Кога бев дете, чекав да ми созрее мозокот, да ми се насоберат
искуства и да ми се зацврстат ставовите за да се оформам конечно
во нешто налик на личност. Таа личност, или наликот на
личност, имаше на што да припаѓа. Припаѓав на планината, на
планината што ме создаде. Како што растев, почнав да се прашувам
дали ќе завршам како што почнав – дали првиот облик на
личноста што човек го развива е единствениот, вистински и неменлив
облик.

 


Во нејзината книга се сублимирани семејните односи и животот во малото место без многу романтика. Забележан е првиот бунтовнички миг кога постариот брат му пркоси на строгиот и заблуден татко. Идејата дека образованието е над црквата се чини контроверзно и против убедувањата на главата на семејството. Тогаш Тара сфаќа дека во семејната заедница некој стрчи, или има потреба да се издвои од толпата. Но во овој случај, се работи за непослушност. Сознанието е дека светот е поголем и подобар од едно поле со отпад.

Се случува така во некои семејства: едно од децата да не може да се вклопи, да не може да го  фати ритамот, да не може да го тера орото. Во нашето семејство тоа дете

беше Тајлер. Тој играше валцер, а ние игравме оро; тој беше глув за бучната музика на нашиот живот, а ние бевме глуви за смирената полифоничност на неговиот.

Кога во 2008 г. дипломира на Универзитетот „Бригам Јанг“, добива стипендија од Гејт Кембриџ. Во 2009 г. завршува магистерски студии по филозофија на Тринити колеџ, Кембриџ, а во 2010 ја назначуваат за асистент на Харвард. Во 2014 завршува докторски студии по историја. Со вакви отворени успеси и жед за учење, Тара е совршена претставничка на генерацијата жени кои неуморно се обидуваат да ги надминат личните бариери и да тргнат кон освојување на светот, без страв. Во 2019 г. беше избрана за една од 100-те највлијателни луѓе според списанието „Тајм“. До мај 2020 година книгата се задржа 114 недели на листата на „Њујорк тајмс“ на најпродавани книги.

Нејзиното автобиографско дело се закити со безброј награди и се најде на списокот на омилени книги на Бил Гејтс и Барак Обама. „Образована“ не е само роман за образованието и за начинот на кој тоа го менува и надградува човекот. Овие мемоари се извик кон слободата да се гледа светот на поинаков начин, со отворен ум и можност за среќа. Наскоро ќе можете да уживате во оваа исклучителна книга, во превод на македонски јазик на Јасмина Утковска – само во ТРИ!


Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново