МУДРОСТА НА ТРАУМАТА: МОЖЕ ЛИ ДЛАБОКАТА БОЛКА ДА БИДЕ ПАТОТ ДО ИСЦЕЛУВАЊЕТО?

МУДРОСТА НА ТРАУМАТА: МОЖЕ ЛИ ДЛАБОКАТА БОЛКА ДА БИДЕ ПАТОТ ДО ИСЦЕЛУВАЊЕТО?

„Мудроста на траумата“: филм – патување кон коренот на човековата болка и изворот на лекот со д-р Мате.

Речиси секој човек се соочува со ментални проблеми. Стапките на анксиозност, самоубиство, хронични болести или зависности постојано растат. Како запаѓаме во ваквите состојби?

Габор Мате ги истражува токму ваквите состојби барајќи го нивниот извор и нудејќи лек за нив. Траумата е невидлива сила што ни ги обликува животите. Начинот на кој сакаме, постоиме и на кој му даваме смисла на светот, најдлабоките тајни извираат оттаму. Oвој експерт ни дава нова визија – општество во кое секој човек ќе ја препознава траумата во себе и во другиот и ќе умее да ја разбере заднината на своите и туѓите постапки. Особено родителите, професорите или психолозите можат да ни помогнат во процесот, наместо да се трудиме да ги ублажиме симптомите или да посегнеме по нивно брзо, но привремено решение, да им го најдеме изворот. Зависноста или несоодветното однесување е само начин на кој се справуваме со реалноста. Но таа може да биде многу поинаква.

Мате ни го покажува патот кон индивидуалното и колективното исцелување. Што ако нашите стравови не се гледаат веќе како проблем, туку се сфатат како дел од секој човек? Можеме ли да се сакаме себеси и другите онакви какви што целосно сме?

„Мудроста на траумата“ е моќен водич кон исцелување на поединецот и на светот. Документарецот нè води низ вистински случаи од праксата на д-р Мате. Ни нуди поглед кон неговиот уникатен и револуционерен начин на лекување, меѓутоа претставува и своевидна социјална и општествена критика. Од улиците на Ванкувер до Сан Франциско, при посета на затвор или при лекување на психоделична личност, ќе забележите како од пукнатините на ранетиот блеска човечноста. Кога врската меѓу траумата, болеста и социјалниот стрес се соодветно сфатени, овие состојби може да го отворат патот кон самосвест, која е моќна алатка кон закрепнувањето.

Целта на овој филм е да го поттикне секој поединец да ја препознае траумата во себе, во другиот, во меѓусебните односи. За да се поддржуваме и да си бидеме поткрепа до целосно исцелување.

Режисерите Заја и Маурицио Бенацо, велат дека и самите, пред да почнат да го снимаат филмот, верувале дека ќе биде посветен на луѓе кои имаат доживено различни трауматски искуства како што се војни, убиства или насилство. Но привршувајќи го, си рекле: „Секој се соочува со некаква траума“. Индивидуално и колективно, ние сме носители на минато што врз нас оставило длабоки траги. Ако се научиме да се справуваме со нив, тие нема да имаат болна природа, туку ќе станат показатели за надминување на траумата.

Филмот е за првпат прикажан во јуни 2021 година, а на 21 септември ќе биде проектиран во нашата земја благодарение на Фондацијата „Новак Ѓоковиќ“. Оваа Фондација веќе втора година по ред носи глобално признати стручни лица кои ги едуцираат луѓето од регионот за развојот на децата, поттикнувајќи ја свеста за многу важни теми, како и за родителството така и за општеството вооопшто. Како дел од меѓународната програма „Поддршка, не совршенство“, Габор Мате ќе ги посети Србија, Словенија и Босна и Херцеговина, а документарецот ќе биде прикажан и во други земји во регионот. Јелена Ѓоковиќ ќе биде дел од панел-дискусијата за време на проекцијата на филмот во Скопје. „Од д-р Габор Мате може многу да научиме и затоа се радуваме што ќе овозможиме на повеќето земји од регионот да се запознаат одблизу со неговото учење“, изјавува Јелена Ѓоковиќ. И ние, како и д-р Мате, режисерите и сите луѓе што неговите книги и овој филм ги поттикнуваат да свртат нова страница во животот, веруваме дека има надеж за спас. Само ако успееме да го најдеме изворот. Траумата не е лесно излечлива или решлива, но може да биде слушната и да ѝ се пристапи со разбирање и љубов.

„Траумата не е она што ви се случува вам, туку она што се случува во вас.“

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново