СРЕДБА СО ЕВРОПСКИ АВТОРИ: СПОДЕЛУВАМЕ ПРИКАЗНИ СО НЕВЕРОЈАТНИТЕ ПИСАТЕЛИ ИРЕНЕ СОЛА И МАТИЈАС НАВРАТ
Оваа сабота, 26 март, во МКЦ, Издавачки центар ТРИ организира несекојдневна средба со две големи европски имиња, шпанската писателка Ирене Сола и германскиот писател Матијас Наврат.
Европските проекти поддржани од Креативна Европа, на кои ТРИ им се посветува со години, допрва заживуваат. Директната средба со големите автори е најдобриот и најпродуктивниот начин за заокружување на проектот чиј слоган гласи „Читањето нè сплотува“. Гостувањето на овие двајца автори е значаен чекор за доближување на европската книжевна сцена и влог во квалитетот на книгите што се читаат кај нас.
Ирене Сола и Матијас Наврат се добитници на Европската награда за литература во 2020 година, а нивен промотор ќе биде уште еден автор што оваа година е кандидат на Македонија за истата награда, Владимир Јанковски. За да се запознаеме подобро со идејата, проектот ќе го претстават од Издавачки центар ТРИ, а Наташа Сарџоска, преведувачката на Ирене Сола, ќе ги претстави книгите.
„Пеам јас и планината танцува“ и „Тажниот гостин“ се насловите на двете книги што излегоа од печат минатата година, различни по духот и културата, но еднакво инспиративни, обединети во идејата на творењето – да се остави печат во европската литература, да се покрене инспирацијата на идните писатели, да се охрабрат искусните, да се запознаеме едни со други, зашто сите сме гости на истата планета и сите сме воодушевени од истата книжевност.
Влезот е слободен. Поканети се сите љубители на пишаниот збор и сите љубопитни умови гладни за добри приказни.