ПОДЗЕМНИТЕ СВЕТОВИ НА ХАРУКИ МУРАКАМИ

ПОДЗЕМНИТЕ СВЕТОВИ НА ХАРУКИ МУРАКАМИ
Сè зависи од имагинацијата. Нашата одговорност кон овој свет започнува од моќта на (за)мислата. Замислете си како овие одговори ги слушате со гласот на Мураками. И тој навистина ќе исплива пред вас и ќе ви ги шепне сите тајни што ги знае за ликовите. Но не потпирајте се многу на тоа. Ликот знае за себе повеќе од самиот автор. Ако сакате да знаете повеќе за авторот, прочитајте го ова интервју, а ако сакате да знаете повеќе за ликовите – фрлете се на читање.
Честопати ликовите од твоите приказни имаат омилени бендови или музички жанрови. Дали тоа ти помага подобро да ги разбереш?

Додека пишувам, слушам музика. Па таа многу природно ми навлегува во текстот. Не обрнувам внимание на тоа каква музика слушам, музиката за мене е како храна. Ми дава енергија да пишувам. Па затоа често пишувам за музиката, најчесто за онаа која ми се допаѓа. Тоа е добро за моето здравје.


Музиката те одржува во добро здравје?

Да, во голема мера. Музиката и мачките. Тие ми помагаат многу. 


Колку мачки чуваш?

Ниту една. Секое утро кога одам на трчање околу мојата куќа сретнувам три-четири мачки – тие ми се пријатели. Застанувам и ги поздравувам, а тие доаѓаат до мене. Се познаваме многу добро.


Дали другата страна е мрачно место?

Не по секоја цена. Мислам дека тоа е поврзано со љубопитноста. Ако наидете на врата и можете да ја отворите и да заминете од другата страна, го правите тоа. Од љубопитност. Што има внатре? Што се крие таму? Токму тоа го правам секој ден. Кога пишувам роман се будам во четири часот наутро, седнувам на работната маса и почнувам. Тоа се случува во реалниот свет. Пијам вистинско кафе. Но штом ќе започнам да пишувам, одам на друго место. Ја отворам вратата, влегувам внатре и набљудувам што се случува таму. Не знам, или не ми е грижа дали тој свет е вистински или невистински. Одам сè подлабоко и подлабоко, и навлегувајќи во пишувањето, како да доаѓам до некој подземен свет. Во него среќавам чудни нешта. Но додека гледам во нив, во моите очи изгледаат природно. Ако таму е мрачно, темнината доаѓа до мене, можеби ми носи некаква порака. Се обидувам да ја дофатам пораката. Го разгледувам тој свет и опишувам што гледам во него, а потоа се враќам. Враќањето е значајно. Страшно е ако не можеш да се вратиш. Но јас сум професионалец и се враќам.


Има ли денови кога не знаеш што ќе се случи? Кога седнуваш и не можеш да пишуваш? 

Досега не ми се случило да останам без идеја. Штом ќе седнам на работната маса, природно ми доаѓа да знам што ќе се случи. Ако не знам или ако не сакам да напишам нешто, тогаш не го правам тоа. Од списанијата често ме бараат да напишам нешто и секогаш ги одбивам. Пишувам кога сакам да пишувам, и го пишувам она што сакам да го напишам и на начин што мене ми се допаѓа. 


Мислиш ли дека смислуваш приказни додека спиеш?

Не, не мислам. Не сонувам. Приказните се приказни, а соновите се сонови. За мене самото пишување е како сонување. Додека пишувам, јас намерно сонувам. Можам да почнам, да завршам или да продолжам следниот ден, онака како што ќе одлучам. Кога спиеш и сонуваш нешто убаво, некој вкусен стек, добро пиво или убава девојка, сето тоа исчезнува кога ќе се разбудиш. Но јас можам да продолжам да сонувам и следниот ден.


Еднаш рече дека животен сон ти е да седиш на дното на некој бунар. Имаш голем број ликови што го прават токму тоа. Зошто?

Обожавам бунари. И фрижидери. И слонови. Сакам многу нешта. Среќен сум кога пишувам за нештата што ги сакам. Кога бев дете, имавме бунар во дворот и секогаш кога ќе погледнев внатре, во него, ми се збогатуваше имагинацијата.

Си се обидел ли некогаш да влезеш во бунар?

Не, не, не. Многу е опасно. Само во мислите. Но исто така, сакам и пештери. Кога патувам низ светот и наидувам на пештери, влегувам внатре. Сакам пештери, но не и високи места.


Попрво би одел долу отколку горе?

Некои велат дека тоа е на некој начин метафора за потсвеста. Но многу ме интересира подземниот свет. 


Најчесто луѓето за кои пишуваш се изгубени, емоционално или егзистенцијално. Изгледа како да не се чувствуваат добро во овој свет.

Знаете, ако протагонистот е среќен, нема да има приказна.


Со пишувањето праќаш порака, но како ти ги добиваш пораките?

Не знам. Можеби ќе откриеме!


Целото интервју можете да го прочитате ТУКА.



Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново