ЧИТАТЕЛИТЕ ПРЕПОРАЧУВААТ: ОД ДНЕВНИКОТ НА СЛАЃАН БИШКОВСКИ

ЧИТАТЕЛИТЕ ПРЕПОРАЧУВААТ: ОД ДНЕВНИКОТ НА СЛАЃАН БИШКОВСКИ
Книгите ги наоѓаат своите читатели – но понекогаш има потреба некој да им го покаже патот. Вака Слаѓан Бишковски го започнува својот осврт кон книгата „Човекот кој шета книги“ од Карстен Хен. 
Прочитајте го неговиот извадок од Дневникот на прочитани книги и верувајте во читателските препораки. Тие се вистинскиот патоказ. 

Се вели, книгите ги наоѓаат своите читатели – но понекогаш има потреба некој да им го покаже патот...

Книжарот Карл Колхоф секоја вечер тргнува по уличките на неговиот град за да ги однесе нарачаните книги во домовите на своите најверни читатели. Тие за него се како литературни херои кои потекнуваат од неговите омилени романи. Кога едно смело деветгодишно девојче по име Шаша ќе му се придружи на Книгошетачот во работата, неговиот живот добива сосема поинаков тек.

Шаша – девојчето сонце – внесува неверојатна енергија, духовитост и позитивност во тивките засолништа на читателите кои Карл секојдневно ги посетува. Заедно, преку книгите, тие се обидуваат да го тргнат превезот од нивното секојдневие кој ги спречува да гледаат подалеку од прагот на својот дом.

Ефи, жртва на семејно насилство; калуѓерката Амарилис која сама живее во еден манастир; Читачот, човек кој нема храброст да го сподели својот роман со светот; господинот Дарси кој ужива во романите на Остин – се само дел од ликовите кои ќе ве освојат уште на почетокот. Сите се толку умешно претставени што се чинат толку блиски и реални – како живи суштества кои се наоѓаат на чекор до вас.

„Човекот кој шета книги“ го доживеав како топло љубовно писмо за сите вљубеници во книгите и во моќта на зборовите. Роман кој ќе ве насмее, ќе ве замисли со своите мудри мисли, ќе ви вдахне доверба, духовно ќе ве исполни и ќе ви ги зароби емоциите во своите нежни дланки. Како што ќе ги вртите страниците, така ќе имате чувство дека секој лист хартија ви се обвиткува околу срцето. Трогателна приказна која раскажува за осаменоста, човечноста, хуманоста, нераскинливата врска меѓу читачите и книгите. Роман со брзо читливо дејство кое тече како жуборлива река пред вашите очи, и со допадливи ликови кои долго се паметат.

Апсолутно прекрасна книга за сите љубители на пишаниот збор. Голема препорака од мене!

 

П. С.: Ако и ти си страстен читател на ТРИ, ја цениме твојата верност. Пиши ни, ги очекуваме твоите размислувања за прочитаните книги, а ти очекувај ја нашата награда. Во меѓувреме ти праќаме многу благи зборови!

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново