РОМАН-МЕРА ЗА НАЈНОВАТА МАКЕДОНСКА КНИЖЕВНОСТ

РОМАН-МЕРА ЗА НАЈНОВАТА МАКЕДОНСКА КНИЖЕВНОСТ

Наташа Сарџоска: Трамонтана. „Три“, Скопје, 2021
Венко Андоновски

           Најдлабоките и најдобрите рецензии за книгите секогаш доаѓаат од колегите писатели. И можеби токму затоа се најискрени и значат најмногу. Еве што мисли Венко Андоновски  за романот Трамонтана на Наташа Сарџоска

Да се испишат околу 250 страници густа проза, со минимална разгранетост на екстерната приказна, а да се создаде стилски полна, конвулзивна реченица и притоа да се задржи вниманието на читателот од првата до последната страница, е вистинско мајсторство. Такво мајсторство покажува Наташа Сарџоска, наша поетеса и раскажувач, во својот дебитантски роман Трамонтана (Скопје, „Три“, 2021 година). Се разбира, кога имате речиси анулирана екстерна приказна, единствено што ви преостанува е да пишувате – за себе, за сопствената содржина, за содржината на внатрешниот човек, не оној кој му припаѓа на општеството, туку оној кој речиси едвај се наѕира под вашата кожа, оној внатрешен човек кој ја користи истата лична карта како и надворешниот и живее под исто име и презиме со него. И уште: во романов станува збор за женски лик, поточно за два женски лика – две жени се во потрага по внатрешната жена во нив. Тоа е роман напишан со највисока наративна писменост: две различни фокализации кои со текот на диегезисот ќе се спојат во една, обземена со антрополошката универзалија: што е смислата на животот, особено на жената денес?

            Трамонтана на Сарџоска е роман кој отвора нови патеки во поновата македонска романескна продукција: тој не само што покажува дека имаме сѐ повеќе писателки кои го чуваат достоинството на македонскиот роман, туку покажува и дека романот на денешницата, грубо и непрецизно титулиран како „постмодерен“ (иако е навлезен веќе во пост-пост фаза на хуманитетот) има многу да научи токму од она против што, навидум, стана како реакција: психолошкиот реализам, модернизмот на една Вирџинија Вулф (или Џејмс Џојс, или Вилијам Фокнер), егзистенцијализмот на еден Сартр во Тегобност или смислата на бесмислата (апсурдот и побунетоста како смисла) во Странецот на Ками. Да се потсетиме: сите тие врвни писатели ја бараа смислата, сушноста, која им се лизгаше од раце. Мерсо на Ками ја најде единствената „смисла“ во животот (ако се изземе бесцелното пушење на балконот и празното флертување со дактилографката Марија) токму во – убиството, и тоа на човек кој не го познава и кој ништо не му згрешил. Во еден таков обесмислен свет што „молчи“ и ја крие смислата, во свет без Бога, Сарџоска поставува две симетрично-инверзни женски фигури (ликовите се поставени во наративната структура како палиндром): Алма и Алба. Првата е богата Французинка лежерно опкружена со неолибералното капиталистичко изобилство на празното, а другата, Алба, е балканска девојка која работи како некаков културен медијатор на интернационални проекти: и таа е исполнета со празнотијата на изобилието, ама во сосема поинаква општествена клима – корупција, агресивност, контакти кои ништо не значат, денови во кои човек контактира со сите, само не со себе. И двете ја немаат егзистенцијалистички сонуваната смисла на она што се вика живот, без разлика што се подразбира под живот. А човекот е суштество кое може 14 дена без храна и 7 дена без вода, ама без смисла не може ниту еден единствен миг. Ако само за миг остане без смисла, помислува на самоубиството како врвен чин на слободата (слободата е смислата самата), кај еден Кирилов на Достоевски, или пак на филозофското самоубиство кај еден Ками, во „Митот за Сизиф“. Еве како еден женски Ками, наша Македонка што почесто е во странство отколку дома, го доживува светот што молчи и ја крие смислата, нудејќи само празнина: „Ништо не е мое и не сум ничија. Не припаѓам никому и никој не ми припаѓа. Сѐ ми е туѓо и далечно, мои се само градот, хотелите, улиците, пределот отаде, пејзажот низ прозорецот во куќата од детството, видикот низ прозорецот во овој стан, и токму таму се фрлав во празнината со страв од празнината, и од светот кому му беше сеедно за мене.“

            Каде е тогаш смислата? Овој женски Мерсо кому, како и на Свети Јован Лествичник, светот му изгледа како „туѓо место“ (монашкото туѓинување), девојка која работи одлично платена работа во Париз за ОН, решава да се препушти (парадоксално и апсурдно) токму на таа празнина; така живее паралелен живот – канцелариска исполнетост и потоа – бесцелно мерсоовско и антоанрокантеновско лутање по Париз, ресторани, мостови, плоштади: уживање во празнината. „Одбирав да живеам незнајно, невидливо, туѓо и речиси паралелно со она што беше зацртано како скица за мојот живот. Јас ги напуштав мажите со кои легнував, ми беше полесно да ги прекинам врските уште пред да се развијат, а се развиваа како вирус, како фетус, зашто само така можев постојано да почнувам одново и одново нови сексуални односи и да се поштедам од болката и од стравот од напуштање и губење. Треба децата да се учат на емотивна економија, светот нема да ги штеди, затоа треба да се научат сами да се штедат. Имав должност да го гушнам девојчето во мене, оти бев како статуа: однадвор мазна како камен, студена, сива, самрачна, а внатре влажна и темна бездна. Во таа бездна престојуваше девојчето што бараше заштита, се плашеше од неверство и креваше бедеми околу себе. Бегав од можноста да бидам изневерена и од можноста да бидам сакана и тоа беше мојата комфорна зона...“ вели на едно место Сарџоска, како да ги исцртува трансверзалите на еден неоегзистенцијализам кај нас, во македонската книжевност. Иако сетингот е „европски“ (Париз, Виена...), тоа не е направено помодно (како што знаат некои наши прозаисти да прават, мислејќи дека напишале европски роман ако дејството го сместат „во странство“), туку за да се покаже бесмислата и на светот и „кај нас“. Глобалната метафизичка празнина кај Сарџоска има можеби најужасна моќ од сите прозаисти кои ми се познати од помладите генерации, и затоа овој роман го препознавам како единица мера на актуелната македонска понова проза. Авторката е дебитант, но романот е зрел не само на персонално ниво, туку и во смисла на европските книжевни и културни контексти. Овој роман достоинствено му припаѓа на најдоброто во тие контексти: и модернистички и постмодернистички, но и класично-реалистички, зашто овој роман е пред сѐ неореализам: тој го поставува прашањето на смислата денес и овде, во еден свет кој, како што стојат работите, ќе се испразни од секаква смисла со брзина на светлината.

            И во тој реалистички контекст романот на Сарџоска изгледа свежо. Ако кај Балзак главен лик беа парите, ако кај Зола главен лик беше оној непознатиот, „ѕверот“ во човекот (предокот на Странецот на Ками и потсвеста на Фројд), ако кај Флобер главен лик беше невидливата граница во брачниот кревет на Мадам Бовари, ако кај Достоевски тоа беше Бог и осоколениот хистеричен антропоцентрик (Кирилов, Карамазови), тогаш кај Сарџоска главен лик е – празнината. Онаа метафизичката, онаа што ја даваат поимите, зашто тие се неспособни да ја прикажат полнотијата на искуството, да го прикажат личното во искуството и чувствувањето на светот, суштото кое се содржи само во себе и никаде другаде. Поимот „верност“, по кој толку трага Алма, не значи ништо додека не стане „мојата верност“ и „твојата верност“; тоа го чувствуваат и Алма и Алба, и затоа е нужна нивна средба (во преубавиот Охрид). Поимот добива смисла (ах, таа смисла!) само ако изгуби од својата генерализираност, само ако се субјективира, ако стане чувство, ама тогаш престанува да биде поим, и човек станува отфрлен (санкциониран) од една цивилизација што се базира само врз поими, стереотипи, клишеа, табеларна интелигенција, цели културни обрасци (видливи дури и во бракот на родителите на Алма). Она што е најважно како поента на овој роман (пренесена преку двата главни лика) е: празнината е максимална исполнетост. Со што? Со копнеж по смислата! А копнежот не е – ништо. Напротив, тој е можеби сѐ, тој е можеби единствената смисла со која се исполнува празното, зашто секој копнеж е индивидуален, како што секоја смисла е смисла за некого, а не однапред дадена, вечна, трансцендентална и априрорна, пред зборовите, дискурсот и личното искуство. И само затоа што копнежот е сѐ, можно е половина час во кој хероињата го чека интригантниот Адел во барот, да бидат – цела историја на вечноста. Тоа е една навистина ведро-симпатична сцена во романот исполнета со смисла.

            Но немам намера да навлегувам во приказната, ниту да ви го раскажувам овој одличен роман. Ова е роман-мера за современиот внатрешен човек, празен, а со потенцијалитет за максимална исполнетост. И кој нема да го види овој роман – единица мера за современиот неоегзистенцијализам, нема да види ништо од современата македонска книжевност. Едно важно жири веќе го стори тоа – не го позна значењето на овој роман; жално е ако по навика и инерција (нечитање, туку селекција на кандидати за награда според „звучноста“ на името) го сторат тоа и другите. Од тоа романот ќе нема штета: ниту оваа моја критика ќе му додаде нешто, ниту премолчувањата ќе му одземат. Ќе има штета нашата книжевност. Тој роман е тука, и како роман за смислата – има важна смисла за нашата актуелна, најнова проза. Трамонтана е ветер што дува (и ќе дува низ нашата книжевност и преку други автори) непредвидливо во сите правци. Сака да ја оддува правта што се наталожила врз автоматизираните поими и да им ја врати смислата. Човечката мера на поимите. 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново