ЖИВОТОТ Е ЦИЦИЈА ШТО БРЗО МИНУВА

ЖИВОТОТ Е ЦИЦИЈА ШТО БРЗО МИНУВА

Пишува: Ана Јовковска

Инспирирана од „Време е повторно да ги запалиме ѕвездите“ од Виржини Грималди

 

„Пред 18 години, ми подадоа суштество од 49 сантиметри, кое веднаш го зафати целиот простор. Во мигот кога ќерка ми заплака за првпат, веќе се плашев од мигот кога ќе замине. Се надевам дека ќе можам да продолжам, без да се стрмоглавам во празнината што таа ќе ја остави зад себе. Мојата мала Палешка на љубовта.“ Ова се зборовите на главната хероина во романот „Време е повторно да ги запалиме ѕвездите“ од една од најпродаваните современи француски авторки, Виржини Грималди, меѓу другото, и позната блогерка. Не, овие се, всушност, зборови на секоја мајка на овој свет. На секоја жена која во приоритетите на својот живот ги ставила љубовта и родителството. Но опасно е кога стапицата на љубовта и жртвата ќе те повлече во една рутина на животот во која си се загубила себеси и си заборавила да се сакаш...

Мојата имењачка Ана е триесет и седумгодишна разведена жена, самохрана мајка на две ќерки. Едната, Клое, анонимно пишува блог во кој ги разоткрива сексуалните дилеми на седумнаесетгодишните девојки, раскажувајќи за притисокот да се има секс по секоја цена само за да се задржи момчето во врската или да се биде „модерна“, во тек со новото брзо време. Другата, Лили, му се доверува на својот дневник за сè што му тежи на срцето на едно единаесетгодишно девојче кое расте без љубовта и присуството на својот татко, со кој повремено „се слуша на Вибер“. „Со месеци кога ќе слушнев клуч во бравата, се надевав дека тоа е тато, кој се вратил. Сакав да го слушнам неговиот глас во дневната соба, да го видам неговото сако оставено на наслонот на столот, сакав да го почувствувам неговиот дезодоранс во бањата. Сакав нашето семејство да биде комплетно“, вели малата Лили, која не знае за траумите низ кои минала мајка ѝ. 

Од една страна е копнежот на девојчето да живее во комплетно семејство, од друга страна е исповедта на мајката: „Првиот пат ми го скрши носот. Тоа се случи два месеца пред нашата венчавка. Од работа се врати нервозен, не престануваше да го колне шефот. Се обидов да го утешам, но тоа уште повеќе го налути. Веќе шест месеци живеевме заедно и открив нова страна на неговата личност, дотогаш бев навикната само на неговата нежност и добро расположение“. Меѓу овие две перспективи се крие црната дупка на животот што ја вшмукува среќата, додека мајката е презафатена со работа обидувајќи се да врзе крај со крај за да ги прехрани своите деца, а децата се осамени и обременети со егзистенцијалните проблеми својствени за нивната возраст. Ужасно е сознанието дека среќата на еден од родителите сосема ќе го уништи другиот, но понекогаш човек мора да се одлучи за помалото зло за да се спаси себеси и најблиските од насилството кое доаѓа ненадејно. 

Но насилството во оваа книга, иако е главниот корен на проблемот, зазема сосема мал дел. Во суштина, ова е роман за себепронаоѓањето или разоткривањето на проблесоците од својата нова личност. Преку ликот на една слаба, збунета и сиромашна жена, мајка која чувствува дека целосно ја загубила релацијата со своите ќерки, се гради една нова димензија на личноста којашто ќе успее да ги слушне повиците за помош од изгубените ќерки. Ана изненадувачки ќе му се спротивстави на капиталистичкото ропство на работа, ќе им покаже среден прст на кредитите и банките и ќе замине со едно комбе и со своите две ќерки на пат кон поларната светлина во Скандинавија. Низ нивното заедничко патување ги разоткриваме проблемите меѓу три генерации жени.

Клое ја преиспитува својата кревка самодоверба, размислува за тоа како се поставува со момчињата, дали мажите се како Пепелашка, се менуваат ли после водењето љубов, и дали само ако е скриена зад шминката и карминот е подготвена да се соочи со денот. Адолесценцијата е како нестабилно време! Мајка ѝ, Ана, е секогаш тука за нејзините проблеми; и покрај нападите на паника, таа наоѓа сила да ѝ биде потпора на ќерка си. А за тоа зошто животот на Ана е толку конфузен и нестабилен, дознаваме уште на почетокот на романот, кога вели: „За бременоста дознав последниот ден од испитите. Мојот сопруг пристојно заработуваше и решивме јас да се грижам за Клое. По три години, кога ја запишавме во градинка, се пријавив на десетина огласи за работа. Повикана бев само на еден разговор. Си дадов тригодишна пауза за да се галам со моето бебе. Не им бев дорасната на преобразените кандидатки чијшто приритет не се наоѓаше во нивната матка. Потоа немав друг избор освен да се вработам во еден ресторан“. 


Ана не е авантуристка, не сака изненадувања, чувствува потреба сè да предвиди, да организира. Непознатото ја плаши, немањето контрола ја парализира. „Се затворив во меурот на спокојството, исти места, исти луѓе, исти патувања. Секогаш го отфрлам она што е надвор од тој параметар. Сите се убедени дека сум домашарка, папучарка, престара за своите години. Но на моите ќерки им беше потребен свеж воздух и јас го дупнав меурот. Стравот е како животно што треба да се припитоми.“ Токму затоа, кога во еден миг станува свесна дека постојаната зафатеност ја спречува да размислува, дека секојдневните обврски на домаќинството, пазарувањето, средувањето документи, подготвувањето јадења, пуштањето машина за перење... ја задушиле, и дека веќе не е среќна, таа тргнува на патување кое на сите ќе им го промени животот. Целта на тоа патување е да го минуваат времето заедно, да откриваат други пејзажи и култури, наместо да останат залепени со носот на екранот на смартфоните и телевизорот. Во суштина, целта е – животот кој им станал противник, да го претворат во сојузник!

Имено, меѓу онтолошката тага на Ана за која дознаваме дека ја загубила својата мајка кога била многу мала, и стравот дали таа сега е добар родител, се крие цела палета на психолошки состојби. Сеќавањата од детството нè упатуваат на коренот на несигурноста на нејзината личност. „Ја најдов спружена на подот, во кујната, пред рерната. Се обидов да ја кренам, ја протресов, ја потчукнав по образите, викав, ја молев. Мајките секогаш се будат кога детето им плаче. ‘Мамо, погледни ме, ти донесов мимози. Мамо, те молам..’ Ја кажав мојата стихотворба, учителот ми рече дека е добра.’ Имав осум години и бев единица. Татко ми имаше триесет години и стана самохран родител. Ги испреплетовме нашите болки и создадовме една, огромна, непремостлива. Тагата на оние кои ги сакаме десеткратно ја зголемува нашата сопствена тага. Пораснав, нестрпливо очекувајќи да станам мајка. Откако заплакаа за првпат, мојот живот имаше само една цел: да ги усреќам своите ќерки.“

Толку едноставно, а толку фасцинантно е размислувањето на Ана кога се преиспитува: „Не велам дека сум била добра мајка. На моите ќерки не им е добро, направив многу грешки. При секоја одлука што ја донесов, при секоја реакција што ја имав, се прашував дали е добра. Секоја постапка, дури и онаа навидум најбезначајна, има последици. Родителите се како акробати на жица. Се движат на жица оптегната помеѓу премногу и недоволно, со кршлив пакет во рацете. Мораме да бидеме внимателни, но и да не му дозволиме на нашето дете да поверува дека е центар на светот. Треба да му се угоди, но не и да се разгали. Треба да се урамнотежи неговата исхрана, а ништо да не му биде скратено. Треба да му се влее самодоверба, но да остане скромно. Треба да се научи да биде љубезно, но да не дозволи да го искористуваат. Треба да се научи да ги сака животните, но и да се варди од нив. Треба да играте со него и да го оставите да му биде здодевно. Треба да бидете толерантни, но не и попустливи. Треба да бидете строги, но не и груби. Треба да му се каже вистината, без да се загрози неговата невиност. Треба да го сакаме, без да го задушуваме со својата љубов. Треба да го штитиме, но не и да го затвориме. Треба да го држиме за рака дури и кога го оставаме да се оддалечи...“

Во овој прекрасен роман се појавува и деветгодишниот Ное, аутистично дете кое живее само со својот татко, откако мајката, не можејќи да го издржи притисокот на различноста и попреченоста, ги напушта. Неговиот татко, Жилјен, освен што е посветен самохран родител, е и прекрасен љубовник. Чиј? Прочитајте во романот на Грималди...

 

За Приказни.мк АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa, писателка и менторка за личен развој

 

 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново