РЕСТАВРАТОРОТ НА ФРЕСКИТЕ И АЗБУКОСЛОВЕЦОТ НА СОВРЕМЕНАТА МАКЕДОНСКА КНИЖЕВНОСТ
Весна Мојсова-Чепишевска
РЕСТАВРАТОРОТ НА ФРЕСКИТЕ И АЗБУКОСЛОВЕЦОТ
НА СОВРЕМЕНАТА МАКЕДОНСКА КНИЖЕВНОСТ
По повод двојниот јубилеј – 60 години од раѓањето на Венко Андоновски и 30 години од објавувањето на неговиот прв роман и преобјавувањето на „Фрески и гротески“ и „Азбука за непослушните“ во една книга (Скопје: Три, 2024)
Јубилеите, и оние што се однесуваат на некои случувања во книжевната, културната и општествената стварност, и оние што се поврзани со биографиите на личностите што се двигатели на таа стварност, не треба да се повод само за потсетување и вреднување, туку и за превреднување на постигнатото, запишаното, оставеното зад себе... Затоа, во годината кога чествуваме шест децении од раѓањето и три децении од објавувањето на првиот роман на еден од најчитаните и еден од најзначајните македонски автори во Македонија на преминот од XX кон XXI век, и особено во последниве две децении на овој век – Венко Андоновски, чувствувам дека на планот на издаваштвото, можеби и не можеше да се случи нешто посоодветно од тоа во една книга да се преобјават неговата збирка раскази „Фрески и гротески“ и неговиот прв роман „Азбука за непослушните“ (Три, 2024).
Не само затоа што за расказите собрани во „Фрески и гротески“, Андоновски за првпат го доби „Рациновото признание“ и не само затоа што „Азбука за непослушните“ е неговиот прв роман за кој доби и прва награда на издавачот „Зумпрес“, туку затоа што едноставно, ваквото издание во кое на едно место се и двете дела им го должевме и на оние што се родија или што станаа читатели по почетокот на деведесеттите години на минатиот век. Зашто токму овие дела се оние коишто громогласно обзнанија дека Венко Андоновски е авторот што ја продолжува линијата на двајцата претходни најчитани и најзначајни македонски раскажувачи, но и негови книжевни татковци: Стале Попов и Петре М. Андреевски. Иако, до 1993 година кога беше објавена „Фрески и гротески“ и до 1994 година кога беше објавен „Азбука за непослушните“, веќе неколку години, Андоновски беше познато име на македонската книжевна сцена, и тоа и како книжевен истражувач – научник, теоретичар на книжевноста, и како книжевен критичар и антологичар со полемичен дух, и како писател што веќе ги имаше објавено поетската книга „Нежното срце на варварот“ (1986) и дебитантската збирка раскази „Квартот на лиричарите“ (1989), сепак, овие две дела, како да беа пресвртни. И за неговото творештво во кое најавија еден поинаков дискурс од оној што дотогаш го имаше во македонската проза, и за неговиот однос со читателите, а согледано од денешна перспектива – пресвртни и за современата македонска книжевност. Затоа, повеќе од потребно беше овие две клучни дела од опусот на Андоновски, одново да ги имаме, за обединети во ново издание да се подостапни за читање и за оние што тогаш не можеле да ги прочитаат.
Ама не само за оние што тогаш не можеле да ги прочитаат поради своите години и затоа што тогаш уште не биле родени или не биле читатели, туку и за сите оние што досега пропуштиле да ги прочитаат, како и за сите нас што веќе сме ги прочитале, оти одново треба да ги прочитаме за да ги доисчитаме. Затоа што на некогаш прочитаната смисла во едно писмо може да ѝ се случи наполно нова смисла иако се чита истото писмо. Со текот на времето тоа писмо не се сменило физички, но од истиот или од некој друг читател во новото време може да се стекне со поинаква смисла, поразлична од некогашната. Сето ова се јавува како последица на промените на свеста која чита. Впрочем, самата таа е дел од толковниот процес кој заедно со разбирањето ја дефинираат, ја разоткриваат смислата на секое писмо. Тоа значи дека смислата што некогаш сме ја откриле, смислата на она што претходно сме го забележале при читањето на овие дела, сега може и треба да биде надградена, а тоа е суштинското превреднување.
Оттука, наједноставно речено, вакво издание на „Фрески и гротески“ и на „Азбука за непослушните“ си го должевме и на себеси и на македонската книжевност и култура. И добро е што го имаме, за да нè поттикне на препрочитувања. Дури некои од поновите генерации можеби за првпат ќе го читаат ова писмо од она што Андоновски би го нарекол македонско лепословие.
*
Живееме во време на сериозни (книжевни) замаглувања. А техниката на замаглувањето на односот меѓу фикциското и нефикциското е со цел да се „завери“ конструкцијата на „вистината“. Вистината е релативна. Токму затоа, денешната уметност, особено оваа од почетокот на 21 век наваму, може да се перципира во рамките на оние размислувања на Мишел Фуко, каде вистината секогаш мора да биде под наводници, бидејќи е конструкт на дискурсот, производ на јазикот, техниката, умешноста. Во такво време или можеби како предвесник или најавувач на таквото време и во македонскиот книжевен простор се појави збирката раскази „Фрески и гротески“ во 1993 година. Согледано од гледната точка на денешницата, иако не формално, суштински, покрај рецепцијата и на критиката и на читателскиот аудиториум, таа е книжевното деби на Венко Андоновски. Впрочем, во едно интервју за „Нова Македонија“, откако по вторпат го доби „Рациновото признание“, и тоа повторно за збирка раскази – за „Припитомување на кучката“, во 2019 година, и самиот тој кажа: „...да не беше расказот, кој го сметам за најблизок до поезијата, а поезијата (метафората) за праматерија и на прозата и на драмата, сигурно немаше да ги напишам 'Папокот на светот', 'Вештица' или 'Азбука за непослушните'“.
Но, едновремено, во сето ова време кое е и време на прозата на Андоновски, проблематизирањето на односот на документарното и фикциското остава трага на подлабок проблем. Документот кој во нашиот случај се прецизира преку фреските од оваа книга се јавува како кибернетско продолжение на сеќавањето, како еден усовршен облик кој својата илузија на автентичност ја црпи од надежта дека е силен и бесмртен како платонска форма.
Дали играта на колажи и „лажна документација“, може да се монтира и во процепот помеѓу вистината/сеќавањето за/на делови од колективната и личната историја и дискурсот/јазикот како носач на „вистината“ во текстовите на Андоновски?
Дали токму иронијата му овозможува од сопственото, но и од колективното сеќавање да го извлече максимумот, зашто „сеќавањето е средство, по себеси неутрално, кое може да служи за благодарни и одвратни цели“ вели Цветан Тодоров во „Должности и наслади“? Зашто „во името на минатото, значи на сеќавањето кое го зачувуваме за него, може да се убива како што може да се спасуваат човечки животи (...) не е сеќавањето односно потсетувањето на минатото кое треба да биде свето, туку вредностите што можеме да ги извлечеме од него“.
Во еден книжевен текст може да се забележат како заедничко присуство, како истовремена реалност две книжевни реалности, спротивставени во однос на тематиката, но и во однос на стилот, создавајќи на тој начин места во текстот кои Драган Стојановиќ ги именува како иронични жаришта, места кои се доживуваат како потенцијални генератори на иронијата. На ниво на цела книга кај Андоновски, такви жаришта се фреските, а авторот станува лик и иронично почнува да ја игра својата игра со сè. Иронично си поигрува со композицијата, сижето, ликовите, но и со гледната точка, со прекините во кои ги воведува дигресиите и во кои ја ситуира гротескната слика на забележаното и изреченото. Андоновски во ова дело веќе се пројавува како заштитник на сеќавањето и тоа како реставратор на фреските.
Воведувањето на цитатот, фуснотата, фотографијата манифестира и прикажува нови приказни преземени од своите, но и од другите култури. Тој цитат во новиот текст во ова дело на Андоновски предизвикува промена во неговото значење која се случува низ чинот на десемантизацијата или ресемантизацијата. А со таа промена се случува и процес на деканонизација на постоечкото при што се создаваат дела со структура на отвореност и нестабилност, дела со транспарентно дејствување на самата иронија во нив. Цитатот во оваа збирка раскази ја гради врската меѓу текстот на минатото (фреските) и текстот на сегашноста.
Всушност рецептот за новиот текст се остварува во комбинација на зборови и бои, зборови и слики. Тој текст на сегашноста, во ова дело е ситуиран во новите фрески. Десетте фрески од оваа колекција, кои авторот ги открил во пештерите на својата свест, се исполнети со оној општ, мрачен, страшен, застрашувачки тон на гротескниот свет со нагласка на моментот на отуѓувањето. Неколку од фреските се сериозно оштетени. Оштетените т.е. празни места се објаснети и реконструирани во одделот „Реставрации“. Тие, пак, празнини, сфатени како можност за комуникација меѓу поколенијата, се истовремено слики на постоечкиот свет што се руши за да се препороди и обнови. Тие празнини ги преживува целиот човек, целосниот човек, и со мисла, и со душа, и со тело. „Расказите на Венко Андоновски се една специфична семиосфера: органскиот текст е центар, а реставрацијата е периферија – но тие лесно можат да си ги заменат местата, па читањето да започне одопаку“, нагласува Ангелина Бановиќ-Марковска во „Групен портрет“ (2007). „Самиот факт што имаат функција на метаопис, неговите реставрации се сериозни претенденти за центарот на неговата книга“. Затоа не може да не се доживуваат/читаат ако хиерархиски подредени текстови (писма), туку како конкурентни семиотички системи во што повторно препознаваме едно сериозно иронично жариште. Особено зашто и самиот автор нагласува дека „приредувачот на колекцијата нема особено високо мислење за нив“. Со самото тоа што нè советува да не се брза со консултирањето на реконструкциите, зашто, сепак, треба прво да се прочита целата фреска, а потем, испитувачот може да им се враќа на затемнетите места што се нумерирани и посебно означени во текстот, Андоновски како да сака вниманието да ни го насочи токму на реставрациите (кои во текстовите се означени како фусноти).
И натаму, при исчитувањето на „Фрески и гротески“ се чини предизвик, одделно ќе ни/ми е иронијата зашто таа станува дел од светот што реално можеби не постои (тој е врзан со ликовите и приказните од фреските), а сепак реално постои во светот на сопствената имагинација. Судирот не произлегува од односот лик – фиктивен свет, туку од односот фиктивен свет – читател, зашто сите оние ликови од фреските егзистираат во невозможниот свет и сите тие ликови не познаваат друг свет надвор од нивниот егзистенцијален, но ние како читатели ја гледаме необичноста на нивното егзистирање.
За познавање на делото што припаѓа на минатото не е доволно да се познава поетиката и кодот на неговото време (времето на интензивното создавање фрески), туку и моќта на иронијата да ги превреднува нештата и да ги поставува под светлото на релативизацијата. Фреските на Андоновски не ги уриваат, не ги негираат веќе познатите фрески за да дојдат до некои нови. Тие не создаваат нови вредности по цена на смртта на старите. Секој може да пронајде основни информации во неколку збора или низ неколку реченици за тоа што е фреска и колку што во моментот нè интересира стариот текст, толку или уште повеќе нè провоцира новиот текст кој е свртен кон себе, па така мечот на иронијата паѓа со сета своја острина врз него самиот. Но, од друга страна, исто така ни е толку силно потребно сеќавањето како единствена онтолошка компензација за не-веќе-живиот, сакан, близок човек, за не-веќе-постоечкиот, значаен предмет (во нашиве случаи за фреските). Постојат најразлични модалитети на сеќавањето, а овие постмодерни приказни на Андоновски се доживуваат како една сериозна философија на сеќавањето. Самиот автор се јавува преку сопствените спомени како сериозни сведоци на конкретни настани врзани со конкретните фрески. Толковниот процес кој заедно со разбирањето ја дефинираат, ја разоткриваат смислата на писмото на Андоновски, па преку чинот на „лажењето“ или дури и преку чинот на лажирањето на реставрација на фрески во духот на она што го кажа Умберто Еко, произведува споменици на сопствените и туѓите истории, на своите и другите култури. Книжевниот во дијалог со (с)ликовниот текст добива посебен облик на меморијалност – меморијалност со чие посредство се разоткрива минатото во сегашноста, се доживува минатото како сè уште актуелна презентност. Затоа, збирката раскази „Фрески и гротески“ не само што е синоним за нови вредности што навлегоа во македонската проза во деведесеттите години на минатиот век, туку може да се толкува и исчитува и како вистински (книжевен и културолошки) музеј...
*
Романот „Азбука за непослушните“ е конкретна потврда за вкрстената игра на меморијата и писателската фантазија околу подготовките за претстојното (се)словенско описменување. Во времето на неговата првообјава, првиот роман на Венко Андоновски побуди реакција на важни македонски критичари и книжевници. Така, за Ефтим Клетников, во освртот објавен во „Вечер“ од 1995 година под наслов „Нова азбука во нашата проза“, делото претставува „еден вид алхемиска, литерарно-филозофска егзегеза на симболизмот на азбуката и нејзините знаци (буквите), на суштината на именувањето на светот и универзумот на предметите и феномените во него, па и на Создателот кој го сотворил истиот“. Свое место овој роман има и во книгата „Постмодерни текови“ од Данило Коцевски, преку текстот „Непослушната прозна азбука на Венко Андоновски“, каде тој е ситуиран со онаа проза која ја пишуваат Милорад Павиќ, особено во својот „Хазарски речник“, Данило Киш во „Енциклопедија на мртвите“ или Умберто Еко, кој на сличен начин со Андоновски го актуализира средновековието низ Модерни техники и методи.
Во оваа низа на споредби треба да се спомене уште еден голем наслов од јужнословенските литератури и култури кој му претходи на романот „Азбука за непослушните“, а тоа е „Источниот диван“ („Istočni divan", 1989) од Џевад Карахасан. Имено, како и во „Хазарски речник“ (1984), каде дејството е врзано со средновековното минато и каде хибридно наративната варијанта заради функционализација на историскиот и научниот дискурс се темели врз мотивот за изгубениот хазарски народ преку обработка на документирани пишани извори од христијанската, исламската и еврејската провиниенција, и романот на Карахасан се врзува со средновековието, но на арапско-персискиот свет. Така, на српската и на босанската варијанта за вкрстената игра на меморијата и писателската фантазија се надоврзува и оваа македонска, на Венко Андоновски, реализирана во форма на азбука каде зад секоја буква стои приказна. На ова писателско искуство може да се надоврзе она на хрватската авторка Јасна Хорват во романот „Аз“ (,, Az", 2009), како една темелна приказна за Константин Филозоф и за неговата работа врз графемите на глаголското писмо.
Но сите овие паралели, мора да се напомене, не значат дека Андоновски (само) транспонира некој претходен модел во македонската проза, туку тој и го надградува она што веќе го оствариле други автори од други национални книжевности, создавајќи роман што заслужува големо внимание и надвор од македонската книжевна и културна средина, во превод на други јазици. Овој роман е еден од првите, ако не и првиот со кој во деведесеттите години на минатиот век се покажа писмо што македонската книжевна сцена може и треба да го понуди за превод во други културни средини, а е интересен и за читателите на новото време што тогаш некаде веќе беше дојдено, некаде се насетуваше дека доаѓа. Затоа, и денес посакувам покрај ова преобјавување на македонски, на овој роман да му се случат (нови) преводи.
Во приказната на Андоновски, преку преплетувањето на историјата и фикцијата, се бараат „непослушните“ кои како да се откажуваат од буквите на Светите браќа Константин Филозоф и Методиј, од азбуката создадена во далечната 863 година. Тие ce оние кои учествувајќи во чинот на поедноставувањето на глаголицата, прибегнуваат и кон оддалечување од духовноста, убавината и, пред сè, кон оддалечување од самите себе, а главната приказна за послушните и непослушните ја раскажува, т. е. ја запишува немиот клисар во манастирот „Полихронос“ на Олимп, Мала Азија.
Андоновски, со својот прв роман се обиде и успеа да направи едно „воскреснување на замрените букви", кои со своето име и оригинална ортографија зборуваат за едно ликовно поимање на стварноста. Но, исто така, сублимирајќи временски опсег од околу девет столетија, ја претопува мисионерската улога на Исус Назараќанецот во подемот на христијанството како цивилизациска придобивка со почетоците на покрстувањето и просветувањето на Словените, како што ќе нагласи и Луси Караниколова-Чочоровска во својот труд посветен на овој роман во 2008 година. Андоновски разгатнува стари зборови, но и трага по ново-стари приказни. Андоновски дешифрира или реконструира при што истовремено и ја сеќава и се сеќава (преку меморијата на својот народ како дел од словенското племе) на една подзаборавена верзија на првата словенска азбука – глаголицата. И така – буква по буква, вкупно дваесет и две, сè до последните Шин и Тау, со значење на врата и крст, се одгатнуваат тајните, но и се закопуваат повторно, се положуваат во ковчежето за да бидат отворени во некое друго време и на некое друго место.
Во овој свој роман, Андоновски води една затскриена филозофска дебата во која прашањата ги посочува директно кон читателот, при што го испитува, го остава буден, му го задржува вниманието, го прашува колку знае за себе, за сопствената историја, за Библијата, митологијата, фолклорот, за фактите... Овој роман го открива романописецот со кој потоа читателите водеа дискусија преку „Папокот на светот“, „Ќерката на математичарот“, а последниве години и преку „Папокот на светлината“.
„Азбука за непослушните“ може да се чита како едно природно продолжение на популарното полемичко слово на Црноризец Храбар „О писменех", или „За буквите“. Како доминантна тема се развива идејата дека писмените читаат, а неписмените гатаат, поточно дека писмените знаат, а неписмените претпоставуваат. Читањето, т.е. описменувањето што првенствено значи обогатување со слова, со логоси, со умови ја полни ризницата на личноста која, како што вели Евангелието, ниту молец ниту 'рѓа ја јадат, ниту крадец ја поткопува, и која е единствениот багаж што ќе го понесеме со нас на оној свет. Затоа описменувањето е подвиг. А пишувањето за самото описменување е потврда за вкрстувањето на патиштата на меморијата и на книжевноста во писмото како инструмент на книжевноста кој служи за конзервација, одржување и сочувување на паметењето.
Се чини дека за уште еднаш да си потврдиме и на самите себеси дека сме меѓу оние што се вистински писмени, меѓу оние што вистински читаат и исчитуваат, односно разбираат од прочитаното, треба да го (пре)прочитаме овој исклучителен роман на Андоновски, кој со вкрстената игра на меморијата и писателската фантазија претставува и книжевна утроба на буквите од првото писмо на Словените.
*
По „Фрески и гротески“ и „Азбука за непослушните“, од перото на Венко Андоновски како прозаист, во 2000 година следуваше „Папокот на светот“ – романот со кој тој го доживеа успехот за кој не еднаш сум рекла дека личи на вистинска експлозија. За него доби дури пет признанија: „Стале Попов“ на ДПМ, „Роман на годината“ на „Утрински весник“ (2000), престижната меѓународна „Балканика“ (2001), руската меѓународна награда „Југра“ за најдобар роман од сите словенски книжевности преведен на руски јазик (2013), и конечно, номинацијата за Толстоевата награда со уште 33 светски писатели, меѓу кои и нобеловци, за 2018 година. Овој роман понуди нов начин на читање и овозможи поинакво согледување на целокупната авторска традиција на Андоновски. Но, како и големи имиња од историјата на светската книжевност претходно, со него тој фрли дополнителна светлина на претходните книги – на „Фрески и гротески“ и на „Азбука за непослушните“ и насочи кон една следна. „Папокот на светот“ ги допишува и неговиот прв роман „Азбука за непослушните“ и неговата збирка раскази „Фрески и гротески" и го најави „Папокот на светлината“. Па така, секој што го прочитал „Папокот на светот“ и/или „Папокот на светлината“, се чини, треба/мора да ги прочита и „Фрески и гротески“ и „Азбука за непослушните“ што сега се обединети во една книга. И вистински, читателски и да ужива, и да размислува, сфаќајќи дека голем писател како Венко Андоновски, во сиот свој живот пишува една, голема книга што ја сочинуваат сите негови дела.
Затоа, искрено посакувам, во времето што е пред нас, во едно издание, на едно место да ги имаме и неговите први драми – „Адска машина“ (1993) и „Бунт во домот за старци“ (1994) – врсници на „Фрески и гротески“ (1993) и на „Азбука за непослушните“ (1994), а можеби во истото издание и „Словенски ковчег“ (1998). Затоа што како што „Фрески и гротески“ и „Азбука за непослушните“ се темелот на она што го има во неговата проза, така и овие драмски текстови се темелот на она што го има во неговото натамошно драмско творештво, вклучително и на „Кандид во земјата на чудата“, која беше на репертоарот на Драмскиот театар цели седум години, со над сто изведби. Темелот на сите претстави по негов драмски текст што со голем успех се поставуваат и играат и на балканските театарски сцени (Белград, Загреб, Сараево, Бања Лука, Софија) и се закитуваат со брилијантни театарски критики. Затоа што со „Адска машина“, „Бунт во домот за старци“ и „Словенски ковчег“, тој започна со своето продолжение на драмската и театарската приказна што ја почна Војдан Поп Георгиев-Чернодрински токму на прагот на XX век поточно во 1900-тата и се надоврзува на онаа на Горан Стефановски.
*
Треба да сме среќни што во годината на двоен јубилеј за Венко Андоновски (а и за современата македонска книжевност), одново ги имаме за читање „Фрески и гротески“ и „Азбука за непослушните“ преку една книга во издание на „Три“. И треба да ги (пре)прочитаме!
Но и треба да сме среќни што во нашево време имаме автор од таков формат. Треба да се среќни и писателите што имаат таков колега по перо, и книжевните критичари, и читателите... Треба да е (и е) среќен и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ што го има во својот колектив, на Катедрата за македонска книжевност и култура на која заедно работиме повеќе од три децении, треба да е среќна и Македонската академија на науките и уметностите што го има во своите редови, како дописен член што може уште многу да придонесе за развојот и на книжевноста и на науката... Едноставно, треба да сме среќни сите како културна средина што го имаме за современик и што современата македонска книжевност има дела какви што се неговите!
И дури го очекуваме она што Андоновски следно ќе го напише и објави (а да не заборавиме, во оваа 2024 објави и прекрасна нова книга за деца – „Мојата прва азбука на боите и вкусовите“ која како да се надоврзува на неговата претходна „Азбука“ од 2020 година, и двете во издание на „Паблишер“), навистина, одново, превреднувачки да му се навратиме на веќе напишаното и објавеното, и на неговите „Фрески и гротески“ и „Азбука за непослушните“. Со читателски копнеж и страст во нив да се открие она што досега не е откриено, исчитано... Зашто како што ни порача тој: „Книгата е страсна оти копнежот го опишува: несреќен си додека копнееш по целото, како оние први редови во таквата книга; и колку расте копнежот по значение, толку растат и редовите, за конечно среќата да биде еден миг, редот среден, најисполнет; и потем пак копнежот се гаси додека не исчезне. И така сè одново, со секоја нова страница: копнеж, миг, среќа и гаснење на копнежот…“