МАЛИОТ ХЕРОЈ ВО СЕКОЈ ОД НАС

МАЛИОТ ХЕРОЈ ВО СЕКОЈ ОД НАС

Луѓето што го живеат животот со полни гради не се плашат од смртта. Анаис Нин 

Колку луѓе познавате кои се добро платени за она што го работат, но празни однатре? Енергични и вредни како мравки, но креативно неисполнети. Дисциплинирани, но сепак неповрзани со своето вистинско јас. Јас познавам многу. Познавам и такви на кои нозете им се враќаат назад кога треба да одат на работа. Уште пострашно е кога таквата апатија, а понекогаш дури и пасивна агресија, ќе се пресликаат и во другите сфери на животот, надвор од полето на професијата. Пред пандемијата, три години интензивно држев обуки за комуникациски вештини, за личен и професионален развој, најчесто на луѓе етаблирани во своите професии, од различни компании и организации. Често налетував на клиенти кои сакаа да се рестартираат. Да се пресоздадат себеси, за да ја најдат својата повистинита, посреќна, поспокојна и подобра верзија. Да станат луѓе кои својата сила ќе ја црпат од внатрешниот систем за навигација. Ги потсетував дека секој човек се раѓа со некоја дарба и дека понекогаш е доволен само еден разговор со некоја инспиративна личност за да ни тргне животот во нов правец.

Познавам и луѓе кои случајно се нашле на одредени работни места и по инерција тераат со години. Својот потенцијал го трошат на работи кои не ги прават среќни. А неизразениот потенцијал се претвора во болка! Некои се свесни за калта на просечноста во која заглибале, а некои сè уште ги мешаат поимите „да бидеш зафатен“ и „да бидеш продуктивен“. На овие теми пишува меѓународниот експерт за лидерство, еден од најбараните ментори и говорници на светот кој им помогнал на вработените во многу компании да бидат исклучителни во своите професии и да успеат да се трансформираат во овие комплексни и променливи времиња – Робин Шарма.

Како книжевен сноб, често сум била скептична кон творештвото на автори чии книги се продаваат во милионски тиражи, но откако го прочитав последното дело на Шарма „Манифест на секојдневниот херој“, се уверив зошто неговите книги се преведени на 92 јазици, што го прави еден од најчитаните живи автори во светот. Едноставни и непретенциозни, му служат на читателот да се мотивира себеси за постигнување на врвна продуктивност. Овој вид на популарна психологија е искрена во намерите да се преиспитаме себеси и да се погледнеме од птичја перспектива. За жал, најчесто другите ги гледаме од тој агол на висина, уверувајќи се себеси дека ние сме најдобри или секогаш имаме право, а дека сите други околу нас, или сè друго – не чини. Овие психолошки состојби често се завиткани во обландата на цинизмот, критичноста и одбивањето.

Но, покрај нарцистичкиот диоптер кој често е дел од перцепцијата на луѓето, тука е и обратниот случај – феноменот на жртва. „Жртвите се заробеници на не можам. Тие неуморно ви објаснуваат зошто некоја идеја не може да се спроведе, зошто некој потфат не може да успее. Се плашат од неуспех, се плашат дека нема да бидат доволно добри, се плашат дека не заслужуваат да победат, се плашат од критики, се плашат дека ќе бидат повредени. Сите градители на светот и сите предводници на промените се стручњаци за користење на јазикот на надежта, на речникот на исполнителноста и на говорот на слободата. Луѓето што ја негуваат филозофијата на просечноста го користат ‘говорот на жрва’. Не можам е кула во која жртвите сами се затвораат, молејќи се таа да ги заштити од опасноста или од ризикот“ (Шарма). Она што ми се допадна во овој негов манифест е потрагата по личната одговорност. Апсолутна лична одговорност, како гориво што ќе ни помогне да се издигнеме над пепелта од несигурност. Неговите тези дека „на жртвите зафатеноста им станува омилена дрога, излез за бегство преку кој си ги исполнуваат часовите со површност и безначајност во несвесен обид да ги избегнат тешкотиите што настануваат кога некој врши величествена работа што ѝ служи на чест на човечката генијалност“ се можеби претерани, но доволно е од тоа да се сфати дека исполнетиот дневен распоред не значи дека завршувате чудесни работи! Дека квантитетот не го компензира квалитетот, и не само во работата туку и во релациите со најблиските и децата.

Уште една силна порака во „Манифест на секојдневниот херој“ е онаа за прифаќањето на несовршеноста. Па така, за себе авторот ќе рече: „Ќе видат човек што си го живее животот. Со многу надеж и со многу стравови. Истовремено фантастичен и несовршен. Самоуверен но и збунет. Човек што работи на себе“. Човечката несовршеност е во тесна врска со несовршеноста на природата. Всушност, во природата, ниеден морски брег, ниедна градина, ниедно кривулесто поточе, ниеден мирислив цвет и ниедна бујна шума не се совршени. Истото важи и во човечкиот живот. Шарма се повикува и на големите мајстори велејќи дека е сигурен оти Микеланџело би променил неколку потези со четката на фреската на таванот на Систинската капела, а Толстој би го осмислил „Војна и мир“ малку поинаку, кога би имале втора шанса, и дека Марија Кири би направила на поинаков начин голем дел од своите научни иновации кога би ѝ се укажала можност уште еднаш да размисли. Тој нè потсетува и на јапонската техника со која луѓето ги поправаат скршените грнчарски производи лепејќи ги парчињата со чисто злато. Оваа постапка од Јапонија е стара триста години и се вика кинцуги. „Неверојатно многу ме фасцинира тоа што некогаш оштетениот предмет станува поцврст на местата каде што бил скршен. Овој метод ја слави вистината дека нешто што имало некаков недостаток може да биде поправено и притоа да стане уште повредно“ (Шарма). Во оваа навидум едноставна вистина лежи една поголема филозофија која нè води до прифаќањето како еден од најважните принципи во животот. Тоа имплицитно ја подразбира инклузијата на различноста и слободата на грешка.

Имено, во сите тие пораки за личното мајсторство, за кое ни е потребен труд и посветеност, со цел да си ја зголемиме креативноста, да ја надградиме емотивната флуентност и да чувствуваме речиси постојана благодарност, се крие добрината. Верувам дека низ животот сте сретнале луѓе кои со својата добрина направиле да се чувствувате поголеми и подобри отколку што сте биле. Таквите луѓе нè мотивираат да станеме подобри личности, да се трудиме да го развиваме својот интелектуален и емоционален потенцијал, да станеме најдобрата верзија на себе. Шарма најпосле ќе рече дека „во култура што ги поттикнува терапирањето преку разонода со електронски уреди и бегство од реалноста преку површен сензационализам, едноставно не е вообичаено луѓето активно да си ја штитат својата позитивност“. Токму затоа важно е да ги наоѓаме своите оази на позитивна енергија – добри луѓе, оптимистички мисли, убави места, добри книги, квалитетни филмови... инспиративни работи низ кои ќе сакаме да растеме. На сето ова фали шлагот на вербата. За оваа клучна намирница на духот нема да пишувам надолго и нашироко, само ќе ви го пренесам она што првпат го дознав од книгата „Манифест на секојдневиот херој“, а што се однесува на вербата да се истрае и да се успее: „Авторката на серијалот ‘Хари Потер’ има продадено над 500 милиони книги. Таа е првата жена писател што станала милијардер. Најголемиот дел од првата книга Џ. К. Роулинг го напишала во кафуле, во периодот кога била самохрана мајка што живеела од социјална помош“. Просто не ми се верува! Ама токму неверојатните работи кои понекогаш нè туркаат на работ ги отвораат чудесните прозорци на животот...

За Приказни.мк АНА ЈОВКОВСКА, новинаркa, писателка и менторка за личен развој

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново