ПРИСТАП КОН НЕСВЕСНОТО СО СИМБОЛИТЕ НА КАРЛ ГУСТАВ ЈУНГ

ПРИСТАП КОН НЕСВЕСНОТО СО СИМБОЛИТЕ НА КАРЛ ГУСТАВ ЈУНГ

Човекот го употребува говорниот или пишаниот збор за да го изрази значењето на она што сака да го соопшти. Неговиот јазик е полн со симболи, но тој често користи знаци или слики што не се строго описни. Некои се само скратеници или иницијали, како на пример: ОН, УНИЦЕФ или УНЕСКО; а други се познати заштитни знаци, имиња на патентирани лекови, беџови или ознаки. И покрај тоа што се безначајни самите по себе, тие се здобиле со препознатливо значење преку употребата или промислената намена. Тие не се симболи. Тие се знаци и само означуваат предмети со кои се поврзани.

Она што го нарекуваме симбол е поим, име, па дури и слика што ни е блиска во секојдневниот живот, а сепак тој има и свои специфични конотации покрај конвенционалното и очигледното значење. Во себе содржи нешто неодредено, непознато или скриено од нас. На пример, многу критски споменици се обележени со цртеж на дворога тесла. Тој предмет ни е познат, но не ги знаеме неговите симболички импликации. Да земеме друг пример, односно случајот на Индијанецот што по посетата на Англија им рекол на своите пријатели дома дека Англичаните ги обожаваат животните, зашто видел орли, лавови и волови во старите цркви. Тој не бил свесен (како што не се свесни ни многу христијани) дека тие животни се симболи на евангелистите што потекнуваат од визијата на Језекиил и дека се аналогни на египетскиот бог на сонцето Хорус и на неговите четворица синови. Исто така, постојат предмети, како што се тркалото и крстот, што се познати во целиот свет, а сепак имаат симболичко значење во одредени услови. Поточно, она што го симболизираат е сѐ уште предмет на контроверзна шпекулација.

Така, зборот или сликата се симболи кога содржат во себе нешто повеќе од нивното очигледно непосредно значење. Тие имаат поширок „потсвесен“ аспект што не е никогаш прецизно одреден или целосно објаснет. Ниту пак некој може да се надева дека ќе ги одреди или ќе ги разјасни. Кога духот го истражува симболот, доаѓа до идеи што лежат зад сфаќањето на разумот. Тркалото може да ги одведе нашите мисли кон поимот „божествено“ сонце, но на таа точка разумот мора да ја признае својата неспособност; човекот не е способен да го дефинира „божественото“ суштество. Кога со сите свои интелектуални ограничувања нарекуваме нешто „божествено“, ние единствено му даваме име кое може да се темели само врз верувања, но никогаш врз фактички докази.

Бидејќи постојат безброј нешта што се надвор од подрачјето на човековото сфаќање, постојано употребуваме симболички термини за да ги опишеме поимите што не можеме да ги дефинираме или целосно да ги сфатиме. Ова е една од причините поради кои сите религии употребуваат симболички јазик или слики. Но таа свесна употреба на симболите е само еден многу значаен психолошкиот факт: и човекот создава симболи, несвесно и спонтано, во форма на соништа.

Не е лесно да се сфати тоа. Но мора да го разбереме ако сакаме да знаеме повеќе за начините на кои дејствува човечкиот дух. Ако помислиме малку, ќе сфатиме дека човекот никогаш ништо целосно не сознава ниту пак сфаќа во целост. Тој гледа, слуша, допира и вкусува; но колку далеку гледа, колку добро слуша, што му кажува допирот и што вкусува зависи од бројот и од квалитетот на неговите сетила. Тие му ја ограничуваат перцепцијата на светот што го опкружува. Со употреба на научни инструменти делумно може да ги надополни недостатоците на своите сетила. На пример, да го прошири досегот на својот вид со двоглед или на слухот со електричен засилувач. Но ни најсовршениот апарат не може да направи ништо повеќе освен да ги донесе далечните или малите предмети во опсегот на неговиот вид или да направи слабите звуци да може подобро да се слушаат. Без оглед на тоа какви инструменти користи човекот, по одредено време доаѓа до работ на извесноста која свесното сознание не може да ја помине...

извадок од „Човекот и неговите симболи“ од Карл Густав Јунг 

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново