ШТО ЌЕ ЧИТАМЕ ОВОЈ ЈУЛИ?

ШТО ЌЕ ЧИТАМЕ ОВОЈ ЈУЛИ?

Книжевен гениј не е само оној кој ќе напише ремек-дело. Гении се и оние што ќе умеат да го прочитаат ремек-делото и да му дадат друга, поинаква смисла. Онаква каква што дури ни авторот немал намера да ја смести меѓу страниците.

Читај, читај, читај и кога не ќе можеш повеќе да читаш, тогаш пишувај! Зашто и ти носиш делче од генијалноста во себе. Што ќе читаш овој јули, што ќе пишуваш оваа година?

„Кодот на хероите“ – Вилијам Х. Мекрејвен

Авторот на „Намести си го креветот“ повторно ни подарува инспиративна книга, овој пат посветувајќи се на секојдневните херои. Вистинските херои не носат наметки – нема да ги препознаете на улица, навидум се сосема обични, а всушност во себе носат моќ да им помагаат на другите, да се жртвуваат за нив, храбро да се спротивстават на неправдите. Оваа книга ќе ви покаже како да ги препознаете и да ги цените и како да бидете како нив. Само хероите што немаат супермоќи можат да го спасат светот од морално пропаѓање!

„Авантурите на Арсен Лупен, крадецот џентлмен“ – Морис Леблан

Ќе ги читаме авантурите на Шерлок Холмс во светот на криминалот, па дури и ќе го соочиме со вистинскиот детектив Холмс. Храбрите подвизи на крадецот џентлмен се детално разработени авантури на кои не може лесно да им се следи трагата. Досетливите идеи не ги плашат сиромашните и невините, тие уживаат во спонтаната дарежливост на Лупен. Но богатите и моќните мора да бидат претпазливи. Тие се целта на скандалозните и остроумните ѓаволштини на остроумниот крадец.

 „Време е повторно да ги запалиме ѕвездите“ – Виржини Грималди

Ако не си доволно храбар да ја дочекаш темнината, никогаш нема да ги видиш ѕвездите. Најпродаваната француска романсиерка ќе ви покаже како да ја сакате ноќта, за да може да ги видите најубавите нешта на светот. Три приказни, три генерации – три жени заминуваат на патување низ Европа за да ја доживеат убавината на поларната светлина. Патување кое ќе ја врати вербата дека среќата е во малите нешта.

„Авантурите на лошото девојче“ – Марио Варгас Љоса

Романса од епски размери за моќта на опсесијата. Рикардо е вљубен во лошо девојче кое ќе исчезне од неговиот живот исто како што и ќе се појави – ненадејно. Подоцна ќе се врати како мажена жена, и повторно како љубовница, но колку и да го повредуваат овие факти, Рикардо повторно сака да ѝ служи на својата љубов. Ќе откриеме ли која е таа магнетна сила што не ни дава да излеземе од кругот на неправедното однесување што нѐ повредува?

„Пред да се излади кафето“ – Тошиказу Кавагучи

Во една мала затскриена уличка во Токио постои кафуле во кое кафето има поинаков вкус – вкус со можност за враќање во времето. Четворица посетители ќе ја вкусат машината за патување низ времето. Сите еднакво сакаат да го искористат кафето за да си ги поправат грешките од минатото. Но и тоа е ризично, зашто правилото е дека мора да се вратат кога ќе се олади кафето. А можат ли да поправат нешто за толку кратко време?

„Циклус на невидливото“ – Ерих Емануел Шмит

„Миларепа“ – приказната за човекот во чие тело е преселен дух од минатото, и тоа не кој било туку Свастика. „Господин Ибраим и цветовите од Коранот“ – реалноста од две перспективи, две религии и една поврзаност. „Оскар и дамата во розово“ – писма до Бога од десетгодишниот Оскар болен од рак. Серијал од необични, филозофски, религиски приказни, и пред сè: човечки. Видливи зборови за невидливите човечки чувства.

„Децата на Херакле“ – Еврипид

Античката драма сѐ уште е ненадмината. Дури и за современиот читател. Митологија, легенди и стварност која навидум е толку далечна, а всушност, толку блиска. За предодредените судбини, за војната и нејзиното влијание, за различните морални концепти, за суровоста на постоењето – мудрите зборови на Еврипид никогаш не губат од својата актуелност.

„Картата на жалењето“ –  Натали Сковронек

Болката никогаш не стивнува, ниту пак исчезнува. Ние само се учиме да живееме со неа. Секој на свој начин. Книга која ни ја прикажува комплексноста на болката низ различни перспективи. Како се справуваат со жалта и загубата најблиските, и оние кои смееле и оние кои не смееле да ја сакаат Вероника Вербриген?

„Ој париска Богородична цркво, кралице на болката“ – Силвен Тесон

Извикот и од убавина и од страв е: „Ој“ – извикот на воздишките. Книга во која ќе ја видиме Богородичната црква низ една поинаква перспектива, низ страниците што Тесон ѝ ги посветува на оваа величествена катедрала. Што значи да се биде под влијание од кулите на Богородичната црква, кралицата на сите испреплетени животни приказни?

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново