„АМЕРИКАНСКА ПРАШИНА“ – КОГА СОНОВИТЕ СЕ НОСЕНИ ОД СМРТОНОСНИ ВОЗОВИ

„АМЕРИКАНСКА ПРАШИНА“ – КОГА СОНОВИТЕ СЕ НОСЕНИ ОД СМРТОНОСНИ ВОЗОВИ

„Животот фуриозно ги менува вагоните од патнички до сточни, од машиновозач до обележан добиток. Понекогаш изгледа полесно да се предаде товарот отколку да се носи како минато, згрчено во стисната тупаница.

Книга која, соодветно со насловот, крена многу прашина

Пред да навлезам во книжевниот честар што го избрав за неделава, морам да кажам дека книгата целосно ме освои, едноставно е најдоброто четиво што сум го прочитала од почетокот на 2021 година. Одлучив да направам една репортажна рецензија, која излегува од мојата зона на пишувачка удобност. Во продолжение ќе проследите сознанија и статистички податоци што ги дознав патувајќи од дома, низ зенитот на Каминс и препознатливата бура од американска прашина...

Мигрантот никогаш не поседува поголем луксуз од надежта во неговите очи

Пред да се вклучи кое било сетило, во човекот проработува инстинктот. Овој древен механизам на вагање на заклучоцитe го дочувал човечкиот вид низ еволутивниот процес. Секогаш кога ќе го чуеме зборот бегалци, предводени од предрасудите, ние ги асоцираме со одметници и бездомници, криминално настроени луѓе кои го прифаќаат денот здраво за готово и го живеат како последен. Но мигрантите не решиле тукутака да ги напуштат своите топли домови и да ги остават спомените, иницијалите врежани во стариот даб на ридот или саканите мириси на живеалиштето, само за да им напакостат на луѓето низ чии татковини минуваат. А луѓето претпазливо ги бранат своите заедници обележани со круг од надменост и будност. Мигрантите се принудени, против своја волја, да ги остават спомените и амбициите, да го соберат животот во една бовча или ранец, да бегаат бркани и омаловажувани, напаѓани и ограбувани. Се откажуваат од комодитетот на државјанството за да доживеат статус на илегалци. Сѐ само за да се избега од фавелите и картелите, од квартовите обоени од сиромаштијата. Жртвувањето е последниот сноп надеж која им преостанала. И додека ние уживаме во аромата на врелото кафе и нежната радиомузика за добро утро, за нив татнежот е звукот што им носи макар краткотрајна радост. Значи дека преживеале уште еден воз и уште еден ден без да бидат фатени во прогонството.

Книгата е интерактивно бегство на читателот; тој заедно со ликовите ќе ја пресекува најдолгата жила во Мексико, железничката инфраструктура, сонливо ќе минува низ Чилпанчинго, Мексико Сити, Лечерија, Веветока, Сан Мигел де Аљенде, Селаја, Гвадалахара, Наволато, Ногалес...

Како човек прекуноќ прераснува во сенка

Животот ги брише границите, принуден од надворешните фактори кои го притискаат и дразнат, понекогаш се предава на својот закостенет облик, ја вовлекува здравaта виталност навнатре. Сѐ што е потребно за да обезбеди привремена заштита која, впрочем, е пресудна за неговиот опстанок. Лидија Перез секојдневно го оживува благодатот на совршениот тропски рај што го изгубила: мајка и сопруга, сопственичка на книжарница, со место на живеење во една од најпримамливите светски туристички дестинации, Акапулко. Но на quinceañera (мексиканско прославување на петнаесеттиот роденден, кога се смета дека девојката преминува во жена) на својата внука, семејството е брутално масакрирано во дворот на нејзината родна куќа. Преживуваат само таа и нејзиниот малолетен син. Лидија е еманципирана жена, сопруга на новинар кој подлегнува на ризикот од сопствената професија. Знае дека полицијата и картелите се две институции под капата на еден интегритет, поделени единствено со својата озаконетост. Решава животот да не го предаде во рацете на чуварите на правдата, зашто во Мексико таа е слепа и селективна, и почнува да трча колку што ја држат нозете кон својата нова слобода, Северот. Но дали ќе биде побрза од платениците? И каква е нејзината врска со шефот на Los Jardineros?

Замислете го имиграционото патешествие како пресадување на дрво. Ќе успее ли еден даб, истиот на кој мигрантот претходно, како дете, ги врежувал своите иницијали, да опстане во прашума, во сосем различни услови, влажност, светлина и околна флора и фауна, само зашто ја препознава фотосинтезата, каде и да се пресели, како свое обележје?

Според психолошките истражувања, преселбата е второрангирано трауматско искуство, веднаш по загубата на блиска личност. Замислете ја големината на траумата со која се соочуваат Лидија и Лука. Ги губат сите блиски од својата крвна лоза, мора да го напуштат родното огниште не знаејќи кој ќе им биде следниот чекор, ако сакаат да преживеат, постојано погледнувајќи дали зад петиците некој ги одмерува сомничаво или некого во кој попатно стекнале доверба е alcone, сокол, соработник на картелот. Нивниот хроничен страв ги носи во една крајна животна периферија.

Ла бестија – возот на смртта

Шпанскиот збор la bestia значи ѕвер. Вториот синоним препознатлив кај мигрантите од цела Јужна и Централна Америка е еl tren de la muerte (возот на смртта). Оваа мрежа на товарни возови кои сообраќаат сѐ до северната граница, односно границата со САД, е можеби еднакво примамлива и смртоносна како и дрогата, како el narcotráfico во Мексико. Секојдневно по десетина мигранти ги чувствуваат последиците од неуспешното скокање врз плеќите на ѕверот кој сакаат да го скротат и јавнат доживувајќи фатални повреди, од осакатување па сѐ до смрт.

Но белите дробови им се полнат со надеж и адреналин, единствената цел која пред себе ја гледаат е американскиот сон, без разлика на цената што треба да ја платат за него.

Некои мигранти изминуваат по приближно 4.000 километри за да стигнат до el coyote – којотот (лице кое за одредена сума ги пренесува низ пустинските и планински предели на границата помеѓу Мексико и САД). Некои од нив се во неуморен и постојан обид да ја преминат границата, зашто честопати се откривани и враќани во родната земја (Хондурас, Гватемала, Ел Салвадор). Жените се најризична категорија, бидејќи се честа цел на сексуална злоупотреба, па дури и препродажба на пазарот со бело робје. Мигрантите се недоверливи, со инстинкти на плен, единствената можност во прашливата голгота им е да се бранат со својата примитивна страна, отпечатена генетика низ филогенезата. Правниот систем во Мексико потфрла, полицијата е или на платниот список на картелот или и самата претставува јурисдикциона спротивност, корумпирана и компромитирана, ги ограбува и убива мигрантите. Патот до Америка не е исполнет само со прашина и пот, туку и со многу ретка среќа.

Уште еден застрашувачки податок: во 2020 година билансот на жртви ја достигна високата бројка од 32.759 убиени. Тоа би значело дека на секои 15 минути во Мексико е убиен по еден човек. Повеќе од 61.000 се водат како исчезнати. Одговорноста за ваквиот масовен број на убиства паѓа на картелите, кои се толку моќни и застрашувачки што дури и странските разузнавачки сили, незасегнати директно од нивната уцена и закана за живот, не можат да ја разбијат цврсто сплетената мрежа. Мексико е прогласена за најсмртоносна земја за новинарите. Од 2000 година досега биле егзекутирани дури 119 новинари.

Револтот на Латиноамериканците

Иако мигрантите со „Американска прашина“ добиваат книга во која изворно се предадени нивните страдања на патот до слободата, мексиканските автори и мексиканските доселеници се одбранбени кон своите корени.

Литературните критики сметаат дека ова е втор книжевен потрес напишан од американски државјанин, по објавувањето на „Колибата на чичо Том“ во 1852 година, за која историчарите тврдат дека била провокацијата што довела до Граѓанската војна во Америка. Поделеноста на мислењата и ставовите во однос на „Американска прашина“ е попрво неоснован гнев насочен на погрешна страна.

Како последица на ваквите бурни и неразумно амбивалентни реакции, промотивната тура на Џенин Каминс беше откажана, од безбедносни причини. Причините за спротивставените мислења и бунтот кај населението беа повторно истите од кои Мексиканците се обидуваат да се оградат и да ги припишат на предрасудите и националната сегрегација на gringosтуѓинците, Американците, кон латиноамериканските народи. Како може една „бела“ жена со мало познавање на хиспано културата (и покрај тоа што е потомок на шпански доселеници и омажена за мигрант) да напише четиво со толкаво познавање на искуството и процесот на имиграција?

Во поговорот на својата книга Каминс наведува дека ѝ биле потребни дури 4 години деноноќно истражување на рутата, проучување на стравот од картелите и нивното морничаво дејствување, собирање статистички податоци и информации, разговори со мигрантите, дури и пред да се изградат ѕидовите околу мексиканската железница.

Опра Винфри е една од гласните поддржувачи на „Американска прашина“. И покрај подгреаниот став всаден кај луѓето кои не ја ни прочитале книгата а креваат камен, Каминс се обидува да го хуманизира девијантниот предатор што патува во телото на еден мигрант, подготвен да направи сѐ, буквално сѐ, за да стигне до последната цел.

Читајќи ја, книгата ќе ви предизвика благодарност за привилегиите кои ги уживате како постојан државјанин и староседелец, колку и да се замрсени политичките прилики на едно државно подрачје.

Но силата за преживување е посилна од законите на анатомијата. Понекогаш човекот е вистинско чудо, изнаоѓа натприродна сила жолчно да се бори и да не се предаде, да не се претвори во заскитано зрнце пустинска прашина.

Јована Матевска Атанасова

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново