ЗА СЛОБОДАТА ДА СЕ БИДЕ ЧОВЕК

ЗА СЛОБОДАТА ДА СЕ БИДЕ ЧОВЕК

Пишува: Ана Јовковска
Инспирирана од книгата Здрав емотивен живот од ОШО

Јас и Ошо одамна се караме. Секогаш кога го читам овој провокативен и инспиративен духовен учител, ми се отвора вратата на (себе)преиспитувањето. И не сум сигурна зошто додека го читам понекогаш се нервирам... Дали е тоа поради чувството дека сум разоткриена со сите мои слабости на мегдан, или, пак, силно ми влијаат сите контроверзии околу човекот кој честопати го нарекуваат „Зорба-Буда“? Познат по неговиот револуционерен придонес во науката за внатрешна трансформација, Ошо е еден од најинтригантните гуруа на современиот свет. Исто толку интригантна е и неговата книга Здрав емотивен живот, со која од прва сфатив дека се фаќам за орото на чувствата.  Нема бегање.

Психолозите сметаат дека умот е сè и дека над него не постои ништо. Мистиците се разликуваат во тоа. Тие сметаат дека над умот постои свест што не потекнува однадвор. Дека вратата кон стварноста не се отвора со умот, туку преку срцето. Но, најголемиот проблем со кој се соочува современиот човек е тоа што мозокот му е истрениран, а срцето му е запоставено. Чувствата ретко се дозволени, тие се потиснуваат. Чувствителниот човек го сметаат кревок, детинест, недозреан... Чувствителниот човек не е современ – тој е примитивен. Всушност, уште одамна нè учеле да ги потиснуваме чувствата. Нè учеле дека не се исплаќа да се има емоции, туку треба да се биде практичен и да се биде груб. Верувам дека многупати сте ги слушнале реченициве: Не биди слабак, не биди ранлив, инаку ќе те експлоатираат. Биди силен! Барем претстави се дека си силен, дека си опасен! Немој да се смееш, зашто ако се смееш не можеш да предизвикаш страв кај другите луѓе. Преправај се дека си совршен! – Е, тоа е најпогрешната животна филозофија која од нас прави емотивни инвалиди!

Од друга старана, емоциите не можат да бидат трајни. Затоа и се викаат „емоции“ – зборот потекнува од латинското „motio“, што значи движење. Од една до друга емоција – ние постојано се менуваме. Но во ова репресивно општество, или оваа сурова цивилизација, потиснувањето на емоцииите и лажните насмевки се на цена. Особено проблематично е кај момчињата. Постојат мажи кои, како што вели Ошо, „не се способни да љубат, зашто како деца биле воспитувани да поседуваат определени квалитети: Мораш да бидеш цврст, мораш да развиваш натпреварувачки дух. Не треба да покажуваш емоции, не смееш да бидеш сентиментален“. Нема да навлезам во длабокото со оваа тема, многупати сум пишувала за родовите сопки и репресии, само ќе се согласам со зборовите на авторот дека „и мажите и жените, заедно треба да бидат нежни како ливчиња од трендафил и цврсти како меч, за да можат да се снајдат во секоја ситуација и во секој момент. Ниеден квалитет не треба да биде означен како машки или женски. А жената која заборава како да биде цврста, како да биде бунтовничка, се стреми кон тоа да стане роб зашто ги познава само квалитетите на слабоста“ (Ошо).

Друга точка на која ги стопивме мислењата со Ошо е поимањето за религијата. Мојата дефиниција на религијата е дека треба да постигнеме хармонија со природата. Или, како што вели овој познат духовен учител: „Дојдено е време кога сите стари, расипани религии мора да бидат уништени и кога мора да се појави еден сосем нов концепт на религиозност, концепт што го слави животот. Религија на љубов, не на закони. Религија на природата, не на дисциплината. Религија на свекупност, а не на совршенство. Религија на чувства, а не на размислување“.

Конечно, секој дуализам мора да биде отфрлен – дуализмот на умот и срцето, дуализмот на материјата и мислата, дуализмот на машкото и женското, на јин и јанг, на денот и ноќта, на животот и смртта. И само љубовта којашто е на штрек, што е свесна, што веднаш се претвора во бран револуција, само таа ја отвора вратата на најдлабокиот храм на битието. Сè друго се флоскули, норми и врамувања кои ѝ пркосат на слободата да се биде човек! 

Универзумот е како матка.

Емоцијата е чиста, сентименталноста е трик.


Начинот на кој постапува срцето е убав, ама опасен. Начинот на кој постапува умот е вообичаен, ама сигурен.


Егото е затворска ќелија изѕидана од тули на негации.


Ако сакаш да бидеш автентичен, мора да ризикуваш.

Ти не треба да бидеш Исус Христос. Ти не треба да бидеш Буда или некој друг. Ти треба да бидеш само ТИ. Постоењето не сака копии, тоа ја сака твојата уникатност.

Помогнете им на своите деца да можат да бидат различни, уникатни, за да можат да го изразат тоа што го носат во себе.

Личноста што никогаш не се налутила и што го контролира својот бес е опасна.


Луѓето се невротични, планетата е вистинска лудница. Тоа е резултат на нормите, на идеализмот, перфекционизмот и моралот.

Психолозите велат дека сите оружја се фалусни. Бидејќи не можете да продрете во некое женско тело, вие со меч продирате во некое друго, туѓо тело.

Не велам дека животот секогаш ќе биде сладок. Честопати ќе биде мошне горчлив, ама животот така расте: низ дијалектика.

Кога е налутен, човек може да биде сигурен дека лутината не е лажна, дека не е студена. Таа е топла и жива.

Кога умот е преплавен со емоција, телото мора да одговори на тоа. Емоцијата мора да биде усогласена со движењата на телото.

Медитацијата не претставува ниту длабоко размислување, ниту емоција. Таа е надминување на поларитетот. Таа е трансцендентална.

Кога ќе почувствуваш страв, телото мора да се тресе. Исто како кога дува ветер и лисјата треперат. Природна функција на телото е да се движи како реакција на емоцијата. Зборот „емоција“ значи движење.

Со векови жените наполно забораваат на оргазмот. Во некои култури дури и зборот исчезнал. Постојат јазици на кои зборот оргазам и не може да се преведе. Не може да се преведе на хинду јазикот, не постои алтернативен збор. Замислете си само колку е осакатено телото!

Не треба да се обидуваш да доживееш само сексуален оргазам, потребен ти е спиритуален оргазам. Ти како целина мора да бидеш страстен, мора да бидеш екстатичен, да дојдеш до врвот, и да се опуштиш.

Која е целта на солзите? Па тие ни се потребни. Доаѓаат во моментот кога ништо не може да се каже. Солзите се симбол на искуството што го преплавува човека.

Умот е пократкиот пат ако одиш надвор, додека срцето е подолгиот пат. Патот од главата до срцето претставува голем квантен скок.

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново